1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев: Имаме причини да веруваме во двотретинско мнозинство

9 октомври 2018

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека одговорот на прашањето дали во парламентот постои двотретинско мнозинство за уставни измени ќе се знае кога ќе дојде на ред гласањето.

https://p.dw.com/p/36DOP
Mazedonien Referendum Umbenennung Namensstreit Premier Zoran Zaev
Фотографија: AFP/Getty Images/R. Atanasovski

Премиерот Заев не може со сигурност да каже дали во парламентот постои двотретинско мнозинство за уставните измени кои произлегуваат од договорот со Грција, но тврди дека постои такво расположение.

„Лично разговарав со пратеници, и видовме дека постои прогресивна маса на пратеници што е доволно сериозен мотив и причина да ги отвориме постапките“, рече Заев.

Тој очекува двотретинското мнозинство „да се формира по природен пат“, без никакви закани, притисоци или „пари“.

„Можам да верувам дека имаме, можам да верувам и дека немаме, но на крајот тоа треба да го провериме и треба да се потврди. Досега имаме доволна причина да веруваме дека има“, вели тој.

Заев повика сите да се носат со нивото на историската одговорност која е исправена пред нив, но ги демантираше изјавите на советник во Куманово од неговата партија дека двотретинското мнозинство е обезбедено.

Според македонскиот премиер, за земјата нема „план Б“, ниту алтернатива. За предвремени парламентарни избори не сака да зборува, затоа што смета дека „парламентот е вистинската опција“.

Владата вчера на вонредна седница одлучи да ги испрати уставните амандмани кои произлегуваат од Преспанскиот договор во Собранието. Се работи за четири амандмани кои се однесуваат на придавката „северна“, на измени во преамбулата на Уставот, нови гаранции за границите, како и грижа за Македонците и дијаспората во странство.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ го осудија чекорот и порачаа дека „Заев нема легитимитет да го менува Уставот за да го смени уставното име на Република Македонија“.