Заев и Борисов ќе се поклонат на гробот на Гоце Делчев
1 август 2019Македонскиот и бугарскиот премиер, Зоран Заев и Бојко Борисов, денеска заедно ќе се поклонат на гробот на Гоце Делчев, со што повторно ќе испратат порака дека чествувањето на великаните од заедничката историја треба да ги обединува народите, а не да ги дели. Два месеца по зовриената дебата „Чиј е Гоце Делчев“, и две години од потпишувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу двете земји, Борисов придружуван од вицепремиерката Екатерина Захариева, пристигнува во Скопје во предвечерјето на Илинден. По официјалниот пречек и билатералните средби на владините делегации, и тет-а-тет средбата со Заев, двајцата премиери ќе одржат заедничка прес-конференција. Потоа во црквата „Свети Спас“ ќе положат цвеќе и ќе се поклонат на гробот на Делчев. Борисов денеска ќе има средба и со шефот на државата, Стево Пендаровски.
За две години - охрабрувачки резултати
Што е постигнато во изминатите две години - анализираат бугарските медиуми пред денешната средба. Бугарската национална телевизија како пример го посочува постигнатото разбирање за делот од заедничката историја - заедничко чествување на историски личности како Светите Кирил и Методиј, Климент и Наум, цар Самуил, преземените активности за забрзување на изградбата на железничката пруга Софија-Скопје, оживување на меѓусебните економски односи, копретседавањето со Берлинскиот процес... Но потсетува и на „горчивите моменти": несогласувањето околу тоа чиј е Гоце Делчев, едно од прашањата за кое зедничката комисија во која има експерти од двете земји, до крајот на годината треба да најде компромисно решение кое ќе ги надмине поделбите.
„За две години политичките елити на двете земји се отворија едни кон други, оценува за БНТ бугарскиот амбасадор во Скопје, Ангел Ангелов.
Повеќе:
-Дебатата „Чиј е Гоце Делчев?“- не води никаде
-Чешлањето на историјата ја засени економијата
-Чиј е Гоце Делчев? Не реагирајте на провокации!
„Започнуваме интензивна соработка во сите сфери - од енергетиката до спортот, од културата до безбедноста. Имаме многу голем потенцијал пред нас, кој треба да развиваме (...) Сега започнува нашето копретседавање со Берлинскиот - на Бугарија и РСМ, и тоа треба да биде искористено за да го завртиме прожекторот на Брисел точно кон Коридорот 8, како што направивме за време на нашето претседателство со Советот на ЕУ, кога го завртивме прожекторот кон Западниот Балкан“, вели Ангелов.
Споменик на полковникот Каварналиев
Средбите на Борисов во Скопје, не се единствени на денешната агенда Бугарскиот и македонскиот премиер попладне во Дојран ќе положат цвеќе на обвновениот споменик на бугарскиот полковник Константин Каварналиев, кој има значајно место во бугарската историја. Околината на Дојран е местото каде во јуни 1913 година полковникот Каварналиев од 9-тата Плевенска дивизија, со два полка три дена ги бранел Дојран и Кукуш во жестока борба со 42.000 припадници на грчката армија.
Тој овозможил да се спаси и заштити голем дел од локалното населението, давајќи му време да замине од местата опфатени со битките. Починал неколку дена подоцна од последици од здобиените рани. Во 1916 година Бугарите во негова чест подигнале споменик во близина на Дојран, но во 1966 година тој бил отстранет по наредба на тогашните југословенски власти.
Сто и три години подоцна, Каварналиев добива нов споменик благодарение на новите односи меѓу двете соседни земји.
„За духот на тие односи и за напорите на двата соседа да изградат силни мостови на соработка, зборува и фактот дека на церемонијата на откривање на споменикот ќе учествуваат државници на највисоко ниво“, коментираат бугарски медиуми.