Заев и Мицкоски договориле избори на 15 јули
15 јуни 2020Лидерите на двете најголемите политички партии во земјата СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се усогласиле за датумот за одржување на предвремените парламентарни избори. Според првиот човек на СДСМ, Зоран Заев договорено е изборите да се одржат на 15 јули. Се очекува информацијата да ја потврди и Христијан Мицкоски. Двајцата денеска во меѓусебен разговор ги договориле начелните детали за изборите и за истите ќе го информираат и претседателот на државата Стево Пендаровски.
„Мицкоски ми потврди дека е согласен да учествува на избори на 15 јули. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски да одговорат и да влезат во демократскиот процес. Очекувам Мицкоски да потврди јавно дека прифаќа да учествува на изборите на 15 јули“, рече Заев.
Следен чекор, според Заев, е од Пендаровски да се побара да прогласи нова вонредна состојба за да се промени денот на изборите, и на владата да и се овозможи да донесе нови уредби со кои ќе се регулираат детали околу гласањето.
Планот е гласањето да трае три дена: на 13 и 14 јули би гласале болните, изнемоштените и оние кои се позитивни на коронавирусот или се наоѓаат во карантин или самоизолација. Гласањето на изборниот ден-15 јули, кој ќе биде неработен за сите граѓани, би траело од 7 часот наутро до 21 часот вечерта.