1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев и Мицкоски: прво имунизација, попис во септември

29 март 2021

Двајцата лидери се договориле за одлагање на пописот, за ред законски проекти кои се заглавени во парламентот и за измени во Изборниот законик.

https://p.dw.com/p/3rLXI
Nord-Mazedonien | Coronavirus | Impfungen in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Зоран Заев и Христијан Мицкоски имаа успешна средба, на која средба се согласиле дека пописот треба да се одложи и наместо од 1-ви април се предлага тој да се спроведе од 5-ти до 30-ти септември, а локалните избори наместо во првата половина од октомври да се одржат во втрата половина на истиот месец. Двајцата лидери се согласиле дека тоа е потребно заради имунизација на граѓаните и на попишувачите, а со цел да добијат можност за втора доза од вакцината. Процесот на имунизација ќе тече во април, кога се очекува до крајот на месецот да стигнат 350.000 вакцини, а сукцесивно потоа и уште поголема бројка.

Во меѓувреме, се до почетокот на пописот апликацијата за попишување на дијаспората и натаму ќе остане активна.

Mazedonische Premier Minister Zoran Zaev  und Hristijan Mickovski
Фотографија: Regierung der Republik Mazedonien

„Кога сакаме, можеме да се договориме“, рече Заев, потенцирајќи дека со разбирање и договор партиите најдобро може да им служат на интерсите на граѓаните.

„Заедно може да постигнеме повеќе во битката со Ковид- 19. Потребно е да покажеме капацитет за да спасиме што е можно повеќе човечки животи. На граѓаните не им е потребно политикантство", пораче Мицкоски по средбата.

Шефот на државата Стево Пендаровски уште во февруари годинава предложи одложување на пописот „за неколку месеци” како придонес во насока на политичко помирување во земјата. 

„Политичката поларизација ја уназадува државата. Место да ги споиме сите потенцијали, ние ја растураме енергијата, една рака народ останавме во државата. (…) Проблем ли е да се одложи пописот, да не се повикува на бојкот, нека биде мај или јуни, но да си подадеме рака“, изјави претседателот Стево Пендаровски во интервју за емисијата „Отворено“ на ТВ24 на 2 февруари. 

Повеќе:

-Средба Заев-Мицкоски, откако партиите си кажаа сѐ

-До последната закана

-Политичките лидери како најслаба алка или како моќта да стане средство, а не цел

Тој најави дека опозицијата ќе работи во Собранието заедно со мнозинстото за сите закони кои произлегуваат од ЕУ-агендата, реформските и законите за поддршка на стопанството.

Двајцата лидери разговарале и за деблокада на работата на парламентот и за голем број законски проекти кои сега се заглавени, како и за измени во Изборниот законик согласно со препораките на ОБСЕ.

Една од тие теми и гласањето со отпечатоци од прст, и уште утре во Собранието ќе почне постапката во врска со набавката на скенерите за отпечатоци. Биле отворени и прашањата за избор на градоначалник во еден круг, како и за гласање на дијаспората на парламентарни и на претседателски избори и надвор од дипломатско- конзуларните претставништва.

Според Заев, ова не е договор меѓу две партии или „меѓу Македонецот Заев и Македонецот Мицкоски“, туку дека за истото се консултирал со ДУИ и Беса, а во среда има средба со Алијанса за Албанците и Алтернатива.

Дијалогот и натаму останува опција за решавање на проблемите.

„ Ако има потреба, и во иднина ќе има вакви средби, проширена и во поинаков формат", рече Мицкоски.