Заев на тротоар
13 декември 2018Втората годишнина од изборите 2016 година помина со љубопитно пренебрегнување од страна на партиите, јавноста и медиумите. Зафатени со „немирите” на Али, „бесовите” на Бихаќка и кашлицата на општеството, останавме без биланс на подвизите и пропустите во двогодишнината од пенкало-револуцијата. Во меѓувреме, поразениот Заев владее, победникот Груевски избега, Али презимува а Иванов брои ситно. Но, што всушност се има изменето во Македонија во меѓувреме, две години по изборите?
Со исклучок на 2001 година, тешко дека ќе најдете некој друг период во историјата на независна Македонија во кој се имаат случено толку многу настани – од 27 Април, преговорите до Договорот со Грција, проследено со референдумот, аспењето на недопирливите Мијалков и Камчев, бегство на екс-премиер, посетите од Меркел, Меј, Матис, Во некоја друга ситуација, промената на водството во ВМРО-ДПМНЕ, поразот на ДУИ, расцепот на Беса би биле битни настани. Но сега се само вести од третата страна на весниците. Притоа, мора да се признае дека повеќето од овие настани се должат на појавата и делувањето на Зоран Заев, како иницијатор на повеќето наведени настани. Заев донесе промени, и тоа е неспорно. Но за разлика од слоганот на Обама за „промени - во кои ќе верувате”, премиерот Заев остана заглавен во промени – во кои јавноста сеуште нема преголема доверба.
Причината за таквата, благо кажано, скепса на јавноста во промените на Заев првично се должи на еуфоричната и без-кусурна предизборна помама на СДСМ да ветува и повеќе од она што граѓаните бараа и очекуваа во промената на власта. Тие, граѓаните, и ден денеска го бараат истото како и вечерта на 10 Декември 2016-та. Но владата на Заев е таа која денеска ги сноси последиците на ботокс-ветувања кои сега го обезличуваат ликот на премиерот и неговите министри. Разочараноста од неисполнување на ветувањата би била доволна за слабеење на популарноста и без предизборно одмолчаните планови и намери за склучување на Договор со Грција и одржување Референдум. Драматичното полукружно вртење на Заев од ветените внатрешни егзистенцијални реформи кон надворешно-политички прашања се изведе благодарение на збунетоста и добродушното вјерују на јавноста за полезноста од надворешни промени како предуслов за внатрешни подобрувања. За жал, причините за искрена верба дека намерите на Заев вродуваат со плод се веќе сосема истенчени. Како поради неговата брбливост, поради изменетите односи на домашната политичка сцена, така и поради се помагливиот пат кон НАТО и ЕУ како ветени компензации за домашната социална саможртва на граѓаните.
Дали како лошо пресметана стратегија или происход на паничниот хаос (сеедно), пост-референдумските потези на Заев вперени кон ВМРО-ДПМНЕ наместо зајакнување на популарноста на премиерот резултираа во ревитализација на сомнежите за подземните шурувања помеѓу власта и опозицијата, поточно помеѓу Заев и Груевски. Обидите за исцртување на Христијан Мицковски како поголем враг од Мијалков и Груевски не само што не поминаа кај јавноста, туку ја дискредитираа медиумската братија на Заев како достојна духовна наследничка на медиумските сатрапи на претходната власт. Бегството на Груевски под стража на Заев не само што ја дискредитира владата, туку ја обесмисли и очекуваната бомбастична реакција за апсењето на Мијалков. Чин за кој сите бевме убедени дека ќе предизвика ерупција на задоволство во јавноста. За на крај да и тој "верувале или не” потег биде пречекан со "секое чудо за три дена” реакција.
Затоа и не треба да се изненадиме што неделниот немир на Али Ахмети предизвика понеделнички инфаркт и шлог, запек и диареја во бихачките кругови. Не изјавата на Али, туку реакциите кон неговата изјава ја исцртаа зависноста на СДСМ од лидерот на ДУИ и неговите дневни амплитуди на терање мајтап со оние кои пролетва најавуваа негово летно пензионирање, за да наесен разберат дека зимата за СДСМ доаѓа од Зајаз. Но за што СДСМ перјаниците го обвинуваат Ахмети? Оптужбите за национализам се беспредметни по неговата објавена наклонетост кон етно-македонски кандидат за консезуален претседател. Обвинувањата за криминал и корупција се однапред отфрлени ад-акта од мандаторот Заев на самата собраниска говорница. Тогаш, дали станува збор за нешто сосема друго – за стравот дека Ахмети ја загрозува аурата на СДСМ како граѓанска партија низ која се надева на придобвање на гласовите од Албанците.
Други колумни на Арсим Зеколи:
-Про-Западен Анти-Демократски Фило-Путинизам
Неочекуваната вест за коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Алијансата и ПЕИ во Дебар е секако недоволна за носење избрзани заклучоци. Но експресната реакција на ДУИ и молкот на СДСМ кон овој исчекор се доволно индикативни илустрации дека предизборната кампања е веќе започната со активно дејствување на опозицијата, промптно реагирање на ДУИ и веќе типичната хаотичност на СДСМ која панично следи како од рацете и се лизга надежта дека "ВМРО нема албански партнер”. Ахмети навреме разбра дека Мицковски и Села направија преседан кој може да вроди со изменети предизборни динамики поради кои и СДСМ и ДУИ ја губат предноста на бивање владеачки партии. Заев пак допрва ќе разбере дека албанските не-ДУИ гласови на кои смета за парламентарни и претседателски избори сосема лесно може да преминат во скутот на Села. Дотолку повеќе што оној ист Али кој му овозможи да излезе од блато, сега полека го влече кон дното на бунарот. Или е обратно?
Домашните рокади неминовно предизвикуваат и надворешни дилеми. Дотолку повеќе што двегодишната фокусираност на надворешната политика не вродува со дивиденди кои можат да се искористат на претстојните избори. Како што, впрочем, неделава призна и самиот Заев. За разлика од првите две години на владеење на Груевски со фокус на економијата и социалата кои му обезбедија предимство пред опозицијата, пристапот на Заев кон надворешната политика не само што не вродува со зајакнат рејтинг, туку ги фрла во сенка и оние мали, скромни достигнувања на економски план. Но она што е сосема слично во двете ситуации што двегодишнината на владеење означува истекување на грејс-периодот од страна на меѓународната заедница кон новата влада и нејзините изговори.
Изјавите на Заев вперени кон соседните НАТО членки и замирањето на нарацијата за „помирување со соседите” не би биле доволни за вадење категорични заклучоци за промена на курсот и ставовите на Заев. Но затоа, забележително е болното отсаство на Заев од меѓународната сцена, проследена и со драматична ерозија во давањето подршка кон неговата влада од страна на свитата лидери кои слетуваа пред негови нозе на скопскиот аеродром. Што неминовно ја зајакнува дилемата дали пред-Референдумските посети на Меркел, Меј, Матис, Столтенберг навистина биле со цел да се даде подршка на Заев – или пак на неговиот брат-по-кравати од Атина?
Во прилог на таа дилема е и неразбирливото отсуство на Заев и неговата дипломатија од САД, надоградена со скандалозното одложување на именување нов прв дипломат во Вашингтон. И тоа во време во кое соседна Грција зајакнато преговара со американските соговорници за иднината на партнерските односи во Медитеранот и улогата на Грција во регионот. Очебијното отсаство на Заев и неговата дипломатија од коридорите на Вашингтон дополнително се акцентира со присуството на алтернативниот Министер за надворешни работи Влатко Ѓорчев во дружба со највлијателните конгресмени. Посебно од Комисијата за надворешни работи пред која треба да се обрати новата американска амбасадорка во Скопје.
Сеќавањето на јавноста за средбата на Заев (Димитров и Османи) со Пот-претседателот Пенс секако веќе бледнее во сеќавањата на граѓаните, за разлика од незаборавната сцена "Груевски на тротоар” пред Стејт Департментот. Но евидентната отсутност на кабинетот на Заев од прекуокеанските посети ја подргева дилемата дали станува збор за духовна, стратешка преориентација на нашиот премиер или пак ерозија на довербата во него од страна на вашингтонската администрација како резултат на претпазливоста од повторувањето на старите ориентирни груевистички игри во ново руво. Одговорот треба да биде испорачан час-поскоро. За немирот на Али да не прерасне во епидемија.