1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За влез во ЕУ - регистрација и 5 евра

ЕМФ /дпа/ртр/афп
16 ноември 2016

Во САД се вика ЕСТА, а во ЕУ би требало да се вика ЕТИАС - Европската комисија предлага систем на регистрирање на сите лица кои влегуваат во Унијата за таа да се заштити подобро од тероризам и илегално доселување.

https://p.dw.com/p/2SmXH
Symbolbild Flüchtlinge Visum Schengenraum
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Spata

Европската комисија денеска предложи воведување систем на регистрирање на сите оние кои во Шенгенскиот простор влегуваат без визи. Со ваквата мерка, ЕК реагира на бегалската криза и состојбата настаната по нападите во Франција, Белгија и Германија.

Онлајн-постапката би била слична на американскиот ЕСТА-систем. Во иднина во ЕТИАС би се внесувале податоци за идентитетот, документите за патување и местото на живеење на лицата кои доаѓаат во ЕУ. Тие информации ќе бидат споредувани со информациите на Интерпол и други служби на ЕУ, како Европол или Евродак (европска банка за податоци од меморирани отпечатоци од прсти, н.з.). Дел од членките на ЕУ, меѓу кои и Германија, бараат пристап до информациите од ЕТИАС да имаат и тајните служби.

Доколку некое барање биде одбиено, значи доколку биде оценето дека некое лице не може да влезе во ЕУ поради тоа што претставува безбедносен ризик или поради опасност во ЕУ да остане да престојува илегално, ќе има можност за поднесување жалба и тоа во Шенген-земјата каде што лицето сака да допатува. Податоците би требало да се меморираат за период од 5 години. Исполнувањето на барањето не би требало да трае повеќе од 10 минути, а за сите лица над 18 годишна возраст би чинело 5 евра.

Deutschland Flughafen Düsseldorf Passkontrolle EU Bürger
Фотографија: picture alliance/dpa/F. Gambarini

Поставувањето на целиот систем „на нозе“ би требало да чини околу 220 милиони евра, а одржувањето на системот 85 милиони евра годишно.

За плановите на ЕК зелено светло би требало да дадат државите на ЕУ и Европскиот парламент. Во Шенгенскиот простор годишно без виза доаѓаат по околу 30 милиони луѓе. Обврската за виза не важи за граѓаните на повеќе од 50 земји во светот, најголемиот дел од Америка и Далечниот Исток.