За непотребните компликации
22 април 2020Ме зачудува нашиот капацитет за непотребни компликации. Во една кревка ситуација, во која состојбата е правно вонредна, а суштински критична, ние покажуваме ненадминлив капацитет да си ги искомпромитираме позициите и да направиме „од готово вересија“. Во општествена и политичка смисла, ова ми наликува на куче кое си ја брка сопствената опашка. Се плашам што ќе се случи ако ја стигнеме и зграпчиме.
Првата непотребна компликација е оваа со инсистирање на свикување на Собранието. Не ми е јасна причината за тоа: ние во основа немаме никаков правен ниту суштински политички вакуум, и покрај фактот што нашите правни прописи не се баш експлицитни за ваква ситуација. Но, кои прописи се? Кој законодавец предвидувал дека баш во ситуација на распуштено Собрание, пред закажани избори, ќе се појави светска пандемија, која ќе изискува вонредна состојба (донесена со консензус од сите политички чинители, патем), која, пак, ќе мора да се одржува и продолжува во услови на политички очајници (пратеници кои нема да се најдат на листите, или сигурни губитници од закажаните избори), или без активно Собрание?
Инсистирање и излишност
Во вакви услови, ние сепак имаме каква-таква правна рамка за функционирање на системот, и почнати и активни политички процеси. Прво, нашиот систем предвидува дека кога не може Собранието, вонредната состојба ја свикува Претседателот. Собранието, штом ќе биде во можност, ја потврдува (или не) таа одлука. Барањето влакно во јајце дали тоа Претседателот можел да го стори еднаш или повеќепати, како и дриблинзите околу тоа дали Собранието мора да се свика сега за потврда на таквата одлука, се непотребна компликација. Ако Претседателот можел еднаш (согласно правната рамка), тогаш може онолку пати колку што се исполнети условите за тоа да свика или продолжи вонредна состојба. Правен факт е дека таа (вонредната состојба) е на сила, па оттаму сите мантри за нејзино проверување се ветер и магла.
Други колумни од авторот:
Лек или леб? Или можеби театар?
Понатаму, факт е дека потребата за вонредна состојба беше поддржана, и побарана, со политички консензус. Оттаму, не ја гледам потребата од инсистирање баш сега, да се потврдуваат таквите одлуки. Доколку Собранието (претседателот на Собранието или пратениците) проценат дека се создадени услови за свикување, тогаш имаат право на тоа, и имаат право да ја потврдат или не одлуката на Пендаровски. Доколку пак, поради пандемијата или фактот што Собранието е распуштено, такви услови нема, сеедно, тогаш Собранието треба таа точка да ја стави на гласање во првиот момент кога тие услови ќе постојат. Во основа, важно е дали има политички консензус околу тоа дали навистина е потребна вонредна состојба, а не итноста на механизмот низ кој тој консензус ќе се потврди. Ако има политичка волја, тогаш одлуките ќе се потврдат кога било, а ако нема, тогаш овие сегашни маневри околу Собранието се секако излишни.
Автоматско сценарио
Во меѓувреме, имаме дополнителна компликација околу изборниот процес, односно, имаме обид за комплицирано толкување на тој процес. Факт е дека изборите беа закажани со консензус, а вонредната состојба го замрзна нивното спроведување, исто така со консензус. Фактот што сите политички партии здушно учествуваат во техничката влада, а не ја растураат во полза на политичка, исто така значи дека изборниот процес е замрзнат, а не укинат. Ако е тоа точно, тогаш по правило, штом ќе прекине вонредната состојба, изборниот процес автоматски продолжува. Тоа е автоматското сценарио и околу тоа нема потреба од политички компликации. Изборите можат да (1) останат замрзнати ако се продолжува вонредната состојба, со кој било механизам, или (2) да се откажат, со одлука на Собранието ако се укине вонредната состојба или со уредба на Владата доколку се откажуваат во текот на прогласена вонредна состојба. Така, оние кои се противат на свикување на Собранието, треба да знаат дека со тоа, одлуката за изборите ја оставаат во рацете на Владата.
На крајот, факт е дека, доколку епидемиолошките состојби тоа го дозволат, животот треба да се враќа во нормала. Ако тоа важи за бизнисот, за општеството, за фирмите и за граѓаните, треба да важи и за другите политички процеси, вклучително изборите. Ова особено доколку постои епидемиолошки ризик за некакво повторно разгорување на пандемијата наесен. Со ваков ризик, мислам дека изборите треба да се спроведат штом тоа ќе го дозволи здравствената состојба, токму за да избегнеме вакви правни недоречености и празнини подоцна. Што побрзо го расчистиме политичкиот терен, без оглед на исходот на изборите, тоа побрзо власта (која и да биде таа) ќе може да се фокусира на справување со медицинските и економските последици од пандемијата. Дотолку повеќе што, доколку се покаже точно (а тоа е најверојатното сценарио), идната власт можеби ќе мора да воведе дополнителни мерки за штедење, или специјални економски или здравствени механизми. За тоа ќе биде потребен чист мандат и јасна правна рамка. Се’ друго би биле непотребни компликации.