1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За шефот секогаш достапни

Гудрун Хајзе/ Симе Недевски27 август 2014

Мобилни телефони кои ѕвонат и за време на викенд, истовремено решавање на неколку различни задачи- сето тоа доведува до психички оптоварувања. Тие пак можат да доведат до нарушување на здравјето на работното место.

https://p.dw.com/p/1D1ED
Фотографија: picture alliance

Психички проблеми, премор, губење на мотивација- се состојби за кои долго време никој не сакаше јавно да зборува. Меѓутоа, во меѓувреме поимот „психичко оптоварување“ стана составен дел од медицината на трудот и заштитата на работното место. Но, долгогодишни истражувања и резултати поврзани за овој поим, недостасуваат. „Техничкиот развој едноставно беше толку брз што воопшто не сме во состојба да кажеме каква беше ситуацијата пред 10 години“, вели Хилтрауд Паридон, психолог и раководител на одделот „Психички оптоварувања и здравје“ при Институтот за труд и здравје на германското осигурување од несреќи во Дрезден. Овој институт годинава го организира Светскиот конгрес за безбедност и здравје на работното место (22.8.-27.8.2014.). Психичките оптоварувања се притоа една од главните теми.

Symbolbild - Kommunikation
Фотографија: Fotolia/MH

Причини

Појавата на мобилните телефони и нивната масовна употреба доведоа до тоа вработените секогаш да им бидат на располагање на работодавачите, дури и за викенд. Со тоа за многумина од нив работното и слободното време се споија. Човек да се исклучи од се’ за да се наполни со нова енергија, очигледно станува се’ потешко. „Така настанува притисок од термини и работа со кој се погодени половина од вработените. 60 проценти од нив страдаат од притисок токму затоа што истовремено работат неколку работи. Различни задачи мораат истовремено да се вршат и истовремено мораат да се завршат. Постојаните прекини на работниот процес истотака негативно влијаат на здравјето. Во некои професии се помести и работното време што е исто така една од причините кои можат негативно да се одразат на психата на работникот“, вели Паридон.

Таа додава дека со овие промени на работното време кое се продолжува до вечерните часови и викенди особено се погодени продавниците. „Делумно причина е и тоа што на пример продавниците се подолго отворени, некои дури и до полноќ. Сето тоа се оптоварувања за вработените. Колкави се тие оптоварувања и како ги доживуваат работниците- од тоа всушност зависи и нивното влијание на психата на вработените“, вели таа.

Последици за здравјето

Хилтрауд Паридон објаснува дека доколку тие оптоварувања се превисоки тоа може да има последици за здравјето на определени лица. „Можат да се појават различни заболувања, на пример срцеви но и психички. Исто така, може да се зголеми и бројот на несреќи на работно место како и губење на мотивација, и воопшто послаби реакции на имунолошкиот систем“, вели Паридон.

Според резултатите од истражувањата направени во 2013. година од страна на Сојузната комора на психотерапевти а поврзани со работната неспособност , во 2012. година околу 75.000 работници се отидени во предвремена пензија поради психички заболувања.

„Мораат ли работниците на работа да користат заштитна облека и обувки или пак маски и колку силна смее да биде буката на која се изложени- за сето тоа имаме јасни правила. Но, кога станува збор за психичко оптоварување, тука не постојат ограничувања. Но, минатата година се воведени промени во законот за заштита на работно место кои зборуваат токму за тоа дека и психичките оптоварувања мораат да се земат предвид кога станува збор за опасности на работно место“, вели Пaридон.

Symbolbild Rentner in Frankreich
Фотографија: imago/ARCO IMAGES

Таа додава дека секоја фирма има обврска да ги опфати опасностите на работните места и да воведе мерки за нивно елиминирање. „Тоа се однесува на се’ што им штети на работниците на кој било начин: тоа можат да бидат разни биолошки сретства, хемиски или пак механички причини. На тоа сега треба да му се додатат и психичките оптоварувања, но тие се’ уште тешко можат да се опишат“, објаснува Пaридон.

А со оглед дека уште е тешко да се утврдат јасни критериуми за вреднување на психичките оптоварувања, тешко е да се најдат и соодветни превентивни мерки. Пaридон истакнува дека притоа мора да се учи како е во другите земји, што таму се случува и што другите земји преземаат по прашањето на психичките оптоварувања на работното место. „На Конгресот за безбедност и здравје ќе стане збор токму за тоа - за конкретните мерки и за тоа како можеме да си помогнеме едни на други“, заклучува Пaридон.