Зеленски не очекува руски напад на 16 февруари
14 февруари 2022„Ни велат дека 16 февруари ќе биде денот на инвазијата, но ние ќе го направиме ден на единството“, порача Зеленски во видео обраќање во понеделникот.
Американската влада неодамна предупреди дека очекува руската инвазија врз Украина да започне пред крајот на Зимските олимписки игри во Пекинг на 20 февруари. Според различни медиумски извештаи, според разузнавачки податоци од САД токму 16 февруари се споменува како можен датум за почеток на нападот.
Наспроти ваквите предупредувања, Зеленски ги повика своите сограѓани на 16 февруари да ги развеат државните знамиња и заеднички да ја испеат националната химна во 10 часот.
Украински претставници велат дека Зеленски не предвидува почеток на напад на тој ден, туку одговара со скептицизам на наводите во странските медиуми.
„Тие се обидуваат да не заплашат наведувајќи датум за почеток на воениот напад. На тој ден ние ќе ги развееме нашите национални знамиња, ќе носиме жолти и сини плакати и ќе му го покажеме на светот нашето единство“, рече Зеленски. Украинскиот претседател веќе неколку пати повторува дека, иако Русија и се заканува на неговата земја, предвидувањата за скорешен напад од страна на западните сојузници се претерани.
Претседателска „иронија“
Советникот во кабинетот на Зеленски, Михаило Подолиак, изјави дека претседателот „со иронија“ одговорил на различните медиумски прогнози.
„Јасно е зошто Украинците денес се скептични за разни 'точни датуми' за почеток на инвазијата кои се најавуваат во медиумите. Кога 'почетокот на инвазијата ќе стане предмет на такви прогнози, тоа може да се третира само со иронија“, рече Подолиак.
Освен што прогласи ден на единство, украинскиот претседател со декретот повика и да им се зголемат платите на војниците и граничарите.
- „Киев е побезбеден од Сиднеј“ - зошто многу странци остануваат во Украина
Американски претставници велат дека не можат да го предвидат денот на нападот, но ги повторија предупредувањата дека тоа може да се случи во секој момент.
„Не можам да кажам точен датум, не мислам дека тоа ќе биде мудро. Само можам да ви кажам дека тој (Путин) може да тргне со мало или никакво предупредување“, изјави портпаролот на Пентагон Џон Кирби.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен најави дека, откако САД го повлекоа поголемиот дел од дипломатскиот персонал од амбасадата во Киев, остатокот од дипломатите ќе биде префрлен во западниот град Лвов.
Русија стационираше повеќе од 100.000 трупи на границата со Украина. Официјална Москва ги демантира обвинувањата на Западот дека подготвува инвазија врз соседната држава, но вели дека би можела да преземе одредени „воено-технички“ операции доколку не се исполнат одредени услови, во прв ред откажување на Киев од аспирациите да стане членка на НАТО.