1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Зимскиот бран на Ковид-19 забрзано се шири меѓу младите

ДТЗ
3 ноември 2021

Вирусот највеќе се шири меѓу младите на возраст од 20-29 години. За само една недела починаа девојчиња на возраст од 16 и 17 години, како последица на вирусот.

https://p.dw.com/p/42VyR
Rumänien | Coronavirus | Intensivstation in Bukarest
На интензивните одделенија завршуваат се повеќе млади луѓеФотографија: Vadim Ghirda/AP/dpa/picture alliance

Зимскиот бран на Ковид-19 забрзано се шири меѓу младите. Последната недела од октомври вирусот највеќе се ширел меѓу младите на возраст од 20-29 години, кога бројката на новозаболени е за 11,4% поголема во споредба со претходно. За краток период ковидот зеде и две жртви на возраст од 16 и 17 години. На Инфективната клиника во Скопје вчера почина 16-годишно девојче од тетовско Сиричино кое во тешка здравствена состојба поради било хоспитализирано во Клиниката за инфективни болести. Девојчето било хоспитализирана во многу тешка состојба. 

Минатата недела, пак, почина 17-годишно девојче од Демир Хисар, имало дијабет и не било вакцинирано. Најмладата жртва на ковид во земјата имаше само 15 години. Станува збор за девојче од тетовско Селце, кое почина во септември по компликации од болеста. 

Предупредувања 

И покрај предупредувањата на епидемиолозите дека следи нов бран за време на зимата, надлежните ги олабавуваат рестриктивните мерки кои подолго време беа на сила. Ноќните клубови и дискотеките добија зелено светло да работат со 50 отсто од капацитетот на објектот, а со одлука на Владата од 15 ноември влез во затворени објекти, кафулиња и трговски центри ќе биде дозволен само за вакцинирани лица со две дози или прележан Ковид-19 во  изминатите 45 дена. 

Здравствените работници апелираат граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита со цел да се спречи ширењето на вирусот. Особено треба да се внимава во текот на зимските месеци, кога поради ладното, граѓаните се повеќе се групираат во затворени простории. Тие предупредуваат да се избегнуваат масовни собирања на затворено, но и да не се заборава на задолжителното носење маски и миење на рацете. 

Nordmazedonien | Coronavirus | Impfkampagne in Skopje
Интересот за трета доза вакцина е поголем од интересот за прва доза во Северна МакедонијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

По затишје - нов бран 

По привидното затишје во вторникот повторно е забележан пораст на новозаболените во медицинскиот билтен. Регистрирани се 593 нови случаи, од вкупно 3.391 тестирања, а најголем број заболени има во Скопје. Во земјата има 6.711 активни болни од коронавирус, а хоспитализирани се 476 лица. Од нив,  248 се на кислородна поддршка. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (714, 25,5%), а најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години (94, 3,4%). 

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), минатата недела се пријавени 38 реинфекции, зголемување од 5,6% во однос на претходната недела. Заклучно со 31 октомври вкупно се регистрирани 734 реинфекции (една втора реинфекција). Пријавен е 71 смртен случај во 20 градови во текот на изминатата недела, најголем дел од нив се од Скопје (18). Најголем број (58, 81,7%) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (5), 40-49 години (5), 30-39 години (2) и од 10-19 години (1 лице). 

-повеќе на темата: Што се случува при стопроцентна вакцинација?

Опфатот со вакцинација се уште не е доволен за постигнување на колективен имунитет. Расте интресот за трета доза, но не и за прва. До 31 октомври, вакцинирани се вкупно 812.422 лица со барем една доза на вакцина против Ковид-19. Со две дози се вакцинирани вкупно 778.599 лица, а со трета доза - 30.851 лица. 

Здравствените работници укажуваат дека мора будно да се следи состојбата со Ковид-19 и порастот за заболените на дневно ниво и доколку е потребно да се донесат нови мерки за спречување на ширењето на вирусот. Тие апелираат дека е неопходно да се вакцинираат што поголем број граѓани, со цел да се постигне колективен имунитет и да се заштитат граѓаните од сериозните последици од вирусот.