Зошто да не?!
24 јуни 2020Провокација за денешнава моја колумна е изборната кампања на ДУИ со која бараат Албанец да биде премиер на Северна Македонија. Како човек што поминал голем број на успешни кампањи и бил дел од многу изборни победи, веднаш, уште на почеток морам да кажам дека ДУИ направи одличен пробив со овој слоган и со оваа кампања. Можам да претпоставам кој е творецот на ова во ДУИ бидејќи добро ги познавам и знам кој може да постави вака успешна предизборна кампања, па затоа од аспект на поранешен шеф на изборни кампањи морам да им честитам за лукавоста и интелигентниот изборен пристап. Со ова ДУИ се промовираа како трета партија во државата, како еден вид задолжителна опција и прилично мудро ги истиснаа останатите албански партии од трката за првото место во условно кажано албанскиот електорат. Сега, како останатите албански партии да се натпреваруваат за почесното второ место, иако имаат повеќе опции како да им ја „украдат“ кампањата на ДУИ и да го земат приматот во известувањето. Но еве, ниту една партија од албанскиот блок до сега не смисли оригинален одговор кој ќе ја симне ДУИ од насловните страници. А, има доста можности за тоа, но тоа не е сега моја работа. Затоа велам, прилично вешт потег. Но, тоа е од аспект на водење на изборна кампања.
Општествени импликации
За жал, ова покрај предизборна има и силна политичка импликација во нашето длабоко поделено општество. Овој потег веднаш предизвика прилично лошо чувство кај Македонците. Најголем дел од нив ова го гледаат како обид на комплетно денационализирање на македонската држава или дури и како албанизација на Македонија. Дури и тие кои имаат прилично либерални ставови и сметаат дека не е важно дали некој е Македонец, Албанец или Турчин, туку е важно дали некој е човек или нечовек тешко можат ова да го соџвакаат и прифатат. Не затоа што предлогот е Албанец да биде премиер, туку затоа што ова се предлага од чисто националистички причини. Сме имале ние многу Македонци, Албанци и од сите други националности на многу високи позиции, некои од нив добро си ја извршувале работата, некои и одлично, ама некои биле тешка катастрофа и буквално ништо позитивно не оставиле зад себе. Што мислите, дали ако Албанец стане премиер, Албанците во Џепчиште или Желино ќе живеат подобро, дали ќе бидат побогати, дали образованието ќе им биде подобро или здравството подостапно или пак оние што секојдневно се иселуваат ќе се вратат во државата? Ова е еден аспект кој е логичен, и веројатно и повеќе пати кажан, но за жал има и друг аспект кој може да биде многу лош за партиите на македонските Албанци. Замислете ова исто прашање, да биде поставено и за можноста двете, условно кажано македонски партии да направат коалиција. Зошто да не СДСМ и ВМРО да направат коалиција? И така СДСМ е отворена и за македонските Албанци, има доста албански функционери, членови, но и доста албански гласови. А ја има и Беса во предизборна коалиција. Зошто да нема коалиција помеѓу ВМРО, СДСМ, и БЕСА? Или пак ако сме исто толку националистички настроени зошто да нема коалиција само помеѓу ВМРО и СДСМ без ниту еден Албанец во власта? Зошто да не?
Други колумни од авторот:
Трансплантација на срце и паркинг наместо Клинички
Време е за постепена нормализација
Не сакам да бидам погрешно сфатен или намерно погрешно интерпретиран и веднаш ќе потенцирам дека сум свесен дека ваква коалиција и ваква мајоризација не е добра за државата исто како што не е добро од националистички побуди да се бара некој да биде премиер само затоа што е припадник на определена етничка заедница. Според мене ова е еднакво погрешно како и некој да не може да биде премиер само затоа што е припадник на некоја етничка заедница.
Да се забранат предвремени избори
Останувајќи конзистентен на мојот пристап во политиката после секоја критика да дадам и предлог како сметам дека би било подобро за државата и граѓаните, сакам да истакнам дека би бил среќен доколку се етаблира двопартиски систем преку маргинализирање на можноста од егзистирање на еднонационални партии. Сметам дека длабоките поделби во државата по национална основа кои знаеме дека секогаш имаат многу експлозивен и опасен потенцијал, на овој начин прилично ќе се намалат. Замислете да постојат една десно ориентирана или конзервативна партија (европска модерна центар десна партија) и една модерна лево ориентирана партија. Во овие партии да членуваат граѓани од сите етнички и религиозни заедници. Ние во Уставот го имаме целосно вградено Охридскиот рамковен договор и од тој аспект албанската заедница е заштитена од мајоризација по етничка основа, а и правата на албанската заедница се прилично високо поставени (би рекол дури и повисоко од било која друга демократска земја во регионот, но и во Европа). Покрај ова, не би било лошо со закон да се забрани организирање на предвремени избори, па избори да има еднаш на секои четири години, бидејќи ги исцрпевме и граѓаните и бизнисите со овој систем во кој секоја година си имаме по некои избори. Целисходно би било и да се постави систем на активна регистрација со отисок од прст, па секој кој сака да гласа во определен временски период пред изборите да се пријави во ДИК со оставање на отисок од прст. Денес секој паметен телефон има ваква опција па воопшто не би било тешко ова да се овозможи онлајн. За тие што немаат паметни телефони или нема да може да се снајдат со некоја едноставна апликација, да може да се регистрираат во ДИК, лично. Така секогаш ќе имаме прочистен избирачки список и можностите за изборни манипулации ќе се сведат на минимум. А, зошто да не се постави систем на активна регистрација комбиниран со задолжително гласање за сите кои во моментот имаат постојано живеалиште на територијата на нашата држава.
Мултиетнички партии и активна регистрација
Со две големи мултиетнички партии, со систем на активна регистрација и модел на задолжително гласање ќе се избориме со етничките поделби и практицирањето на романтичарски национализам во политиката за кој знаеме дека ништо добро не и донел ниту на државава ниту пак на граѓаните. За сликата да биде комплетна и да се постави значително подемократски систем на владеење во државава треба да се ограничи мандатот на лидерите на партиите и премиерот на максимум 8 години, без право на повторен избор, да се оневозможи да постојат медиуми кои се во партиска сопственост, а партиски организираното ширење на омраза и лажни вести преку социјалните медиуми да биде тешко кривично дело. Вака, без длабок системски ремонт, иднината ќе биде жртва на историјата, а граѓаните жртва на парадигмата на слепило. Се додека постои можност лидерот на партијата да биде вожд, се додека основна партиска активност на центрите за комуникација е перење на мозокот на сопственото членство и сопствените граѓани проследено со ширење на омраза кон политичките опоненти, се додека улични банди се ставаат во функција на лидерот и партијата и се додека не сфатиме дека нетолеранцијата изразена во форма на агресивниот национализам преставува ширење на говор на омраза, мислата и умот ќе бидат жртви на суровата сила, па демократија во државава ќе немаме, а следствено на тоа и сиромаштијата ќе остане на високо ниво.