1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Макрон молчи за случувањата во Алжир?

Елизабет Бриант
11 март 2019

Болното колонијално минато и стратешките врски ја водат Франција кон молчалив одговор на случувањата во Алжир- и покрај повиците дома да се поддржат уличните протести.

https://p.dw.com/p/3ElBi
Frankreich Proteste gegen Regierung in Algerien
Протести на алжирската дијаспора во Париз против БутефликаФотографија: DW/E. Bryant

Неколку часа пред болниот 82-годишен претседател Абделазиз Бутефлика да ја поднесе новата кандидатура за функцијата, алжирската дијаспора веќе беше на нозе во Франција, приклучувајќи им се на растечките антивладини протести во матичната земја.
Илјадници луѓе излегоа на Плоштадот на Републиката во Париз да го искажат своето незадоволство од 20-годишното владеење на авторитарниот режим на Бутефлика.
Но, во Елисејската палата владее молк на оваа тема. Вообичаено речитиот претседател Емануел Макрон, кој не се колеба во поддршка за разни теми- од европското единство или климатските промени, па се до кризата во Венецуела- одбра да молчи кога се во прашање случувањата во поранешната колонија.
„Алжир е суверена држава“, изјаави премиер Едуар Филип минатата недела. „Алжирците треба да си ја одлучат својата иднина“.

„Франција многу внимава да не стори нешто што ќе се прочита како мешање во Алжир“, вели Ендрју Лебович, експерт за северна Африка во Европскиот совет за надворешна политика.
„Делумно тоа е поради загриженост дека ќе ја влоши состојбата; но исто така и затоа што всушност и не можат да проценат што ќе се случува, па чекаат да видат на кого ќе се обложат“.
Повиците за поактивно француско ангажирање се множат. Критичарите потсетуваат дека Макрон го поддржал опозициското движење во Венецуела и ја обвинуваат владата за двојни стандарди.
„Францускиот став кон Алжир е обременет од страв“, напиша коментаторот на Еуроп 1, Жан Мишел Апати, алудирајќи на загриженоста дека власта би можела да ја преземе исламистичка влада. „Да се надеваме“, вели тој, „дека нема скапо да ја платиме грешката во анализите што ја правиме денеска“.

Колонијалното минато како баук

Конфликтното минато на Франција со Алжир е едно објаснување за воздржаниот став. Ниту еден француски лидер досега формално не се извини за децениите колонијализам кои завршија во 1962 година со крвава војна за независност.
Франција навидум се обидуваше да се држи настрана и за време на бруталната граѓанска војна во 1990те во која исламистички милитанти се бореа против владата поддржана од армијата.
„Колонијалното минато ги прави многу чувствителни дипломатските односи меѓу двете земји“, вели Брахим Мансур, аналитичар во францускиот Институт за меѓународни и стратешки прашања.
„Било каква акција или говор од актуелната француска влада или од претседателот Макрон може да се протолкува како мешање, било од алжирската влада или од народот“.

Algerischer Präsident Abdelaziz Bouteflika
Откако претрпе мозочен удар во 2013 година, Бутефлика ретко се појавува во јавностФотографија: Getty Images/AFP/R. Kramdi

Стратешко партнерство

Од друга страна, Алжир се смета за клучен француски економски партнер и е важен сојузник во запирањето на миграцијата од суб-Сахарска Африка и во борбата против исламскиот тероризам во регионот. Таквите приоритети би можеле да бидат компромитирани доколку Алжир западне во безредија- сценарио кое алжирската влада го користи како предупредување до демонстрантите.
„Нестабилноста во Алжир може да ја загрози регионалната стабилност и да предизвика тензии со ЕУ и со соседите“, вели Мансур, но додава оти верува дека тоа нема да се случи.
Во меѓувреме, Алжирците во Франција го повикуваат Париз да делува. „Франција треба да им помогне на Алжирците да се ослободат од оваа мафија“, вели Џамел Маједин, еден од демонстрантите против Бутефлика во Парис. „Француската влада треба да разбере дека ние сме милиони, а не илјадници“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема