1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов: Бојкот на институција е бојкот на волјата на граѓаните

АМ/миа12 мај 2014

Новоизбраниот претседател на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска даде свечена изјава пред Собранието на Република Македонија со што и официјално започна неговиот втор петгодишен мандат.

https://p.dw.com/p/1ByKe
Фотографија: MIA

Во говорот по свечената изјава, Иванов повика да се надминат тесно-партиските и личните интереси и опозицијата да остане доследна на демократските принципи и вредности. Иванов истакна дека ќе биде претседател на сите граѓани без разлика на нивната етничка, верска или политичка припадност.

Им искажа огромна благодарност на граѓаните на Република Македонија кои придонесоа, како што рече, да се одржат мирни, фер и демократски избори, на кои, според него, победи демократијата, граѓаните, Македонија.

„Им благодарам на домашните и на меѓународните набљудувачи од ОБСЕ/ОДИХР за непристрасноста во следењето на изборниот процес во Македонија. Оценките за изборите што ги даде меѓународната заедница за нас претставуваат охрабрување, но и поттик за постојано унапредување на демократијата“, рече Иванов.

Првпат во историјата на Република Македонија, потенцираше тој, претседателските избори минаа без ниту еден приговор до Државната изборна комисија. Иванов рече дека „сега се бара посветеност и одговорна работа, сериозност и промисленост“. Тој рече дека таа доверба денеска некои опозициски партии ја доведуваат во прашање, одбивајќи да ги признаат резултатите од претседателските и предвремените парламентарни избори.

„Како претседател на Република Македонија, загрижен сум за тие реакции и постапки, бидејќи сум и нивен претседател. Денес, од ова место, јасно ќе кажам: ’Оние што мислат дека ја бојкотираат институцијата претседател на Република Македонија, всушност ги бојкотираат граѓаните, кои гласале на претседателските избори“, истакна Иванов. Според него, „бојкотот на институциите значи бојкот на демократијата и бојкот на волјата на граѓаните“.

Gorge Ivanov Präsident Republik Mazedonien
Фотографија: MIA

„Во согласност со Уставот на Република Македонија, гласовите што ги добив за да ја извршувам функцијата претседател на Република Македонија немаат ниту етнички, ниту религиски предзнак. Претседателот на Република Македонија го избираат граѓани, а не заедници. Во демократијата гласовите се бројат, не се мерат“, изјави тој.

Иванов рече дека бил и ќе останел претседател на сите граѓани и дека ќе ги бранел „заедничките државни интереси за сите, за Македонците, за Албанците, за Турците, Власите, Србите, Ромите, Бошњаците и сите други“.

„Дел од раководството на една политичка партија, пред и за време на претседателските избори, инсистираше на некаков си консензуален претседател на Република Македонија. Категорија која ниту постои во Уставот и законите, ниту се навестува во Охридскиот договор. Дадената свечена изјава ме обврзува јавно да укажам и да се спротивставам на идеи и концепти што се спротивни на Уставот и на законите, да се спротивставам на сите уцени и на посегањето по државните интереси на Република Македонија“, истакна Иванов, осврнувајќи се на неговото непризнавање од страна на ДУИ, партијата која преговара за нова владина коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на спорот за името, Иванов рече дека Уставот го обврзува да го брани уставното име на државата – Република Македонија.

„Нема да прифатам идеи или предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот“, рече Иванов и додаде:

„Како врховен командант ќе се грижам за Армијата на Република Македонија, која е гарант на мирот и безбедноста, но и наш најголем влог во остварувањето на нашите стратегиски цели“.

Gorge Ivanov Präsident Republik Mazedonien
Фотографија: MIA

Во однос на надворешната политика, Иванов вети доследност во европскиот и евроатлантскиот пат. И во наредниот период, додаде тој, ќе се продолжи со инсистирањето за почитување на преземените обврски и на ефектуирање на пресудата на Меѓународниот суд на правдата.

„Почетокот на преговорите за членство на Република Македонија во ЕУ е тест за кредибилноста на процесот на проширување на Унијата. Како што Македонија останува доследна на својот европски и евроатлантски пат, така очекуваме и ЕУ и НАТО да останат доследни на сопствените принципи: мирот, демократијата, владеењето на правото, човековите права, правото на самоидентификација и човечкото достоинство. Принципи во кои ја гледаме причината и смислата на нашата интеграција, изјави Иванов.

На инаугурацијата не присуствуваа пратениците од ДУИ, за кои Иванов не е легитимен претседател, и на СДСМ и НДП, кои не ги прифатија мандатите. Новиот мандат на Иванов му го честитаа премиерот Никола Груевски, министри и други лица од јавниот и политичкиот живот во земјата, верските лидери, претставници на дипломатскиот кор, меѓу кои и амбасадорите на САД и ЕУ, Пол Волерс и Аиво Орав.