1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов бара меѓународна осуда и повлекување на платформата

БГ
7 март 2017

Македонскиот претседател со писмо бара од првите луѓе на ЕУ, НАТО, САД и Турција осуда и отфрлање на албанската платформа и смета дека тоа е единствен начин за излез од безизлезната состојба во која се наоѓа земјата.

https://p.dw.com/p/2YlAD
Mazedonien Präsident Ivanov
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Sulooca

„Сметам дека осудата и отфрлањето на овој документ е единствен начин за излез од безизлезната состојба во која се наоѓаме“, порачува Иванов во писмото адресирано до Доналд Туск, Јенс Столтенберг, Доналд Трамп и Реџеп Таип Ердоган, првите луѓе на Европскиот Совет, на НАТО, и на како што вели Иванов, стратешките партнери САД и Турција.

Според македонскиот претседател, отфрлањето на платформата е единствениот начин за да се постигнат целите на Договорот од Пржино, пред сè итните реформски приоритети, политичката стабилизација, намалувањето на меѓупартиските и меѓуетничките тензии во земјата и враќање на државата на патот кон европските и евроатлантските интеграции.
Освен јавно отфрлање и осуда на платформата од страна на Европската Унија и НАТО и нивните земји членки, Иванов очекува од истите и да го осудат „флагрантното мешање во внатрешните работи на Република Македонија од страна на два нејзини соседа – аспиранти за полноправно членство во Унијата“. На крајот, тој бара и „силна порака“ за неповредливост на границите на Балканот.

Во писмото, и Иванов ја нарекува платформата на албанските политички партии „Тиранска платформа“. Со неа, наведува тој, „се загрозува сувереноста и независноста на државата, доведувајќи ја Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава“. Таа води кон уставни промени, со кои се загрозува унитарниот карактер на државата, повторува Иванов, и истовремено го загрозува Охридскиот рамковен договор. 

Иванов ги обвинува водечките политичари во Албанија и Косово, дека со нивните изјави ги загрозиле меѓусоседските односи и извршиле дестабилизација на регионот на Западниот Балкан.

Критики кон Иванов

Повеќе европски и светски политичари деновиве упатија остри критики кон Иванов поради неговото одбивање да го предаде мандатот за формирање на нова влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. По вчерашниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел, шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини порача дека „очекува мудрост од Иванов“.

„Да не си играат со оган и меѓуетничка конфронтација, што ќе ја повлече земјата. Има инструменти за решение, како што е мудрост на претседателот, капацитетот на парламентот да продолжи со избор на спикер и деблокирање на состојбата за институционалната и политичка криза да се менаџира со инструментите што ги има Скопје, без мешање“, рече Могерини.
Осуда за албанската платформа, во меѓувреме, стигна од Словачка и Унгарија. Словачкиот министер за надворешни работи Мирослав Лајчак ја оцени како „несреќна“, додека унгарскиот Петер Сијарто на состанокот на ЕУ министрите барал нејзино повлекување.
ЕУ и САД досега во неколку наврати повикаа Иванов да го почитува парламентарното мнозинство и правилата на демократијата.
Русија, од друга страна, минатата недела го осуди „бесрамниот притисок“ врз Иванов и ги обвини САД и ЕУ дека поддржувајќи го формирањето на влада на СДСМ, всушност се залагаат за „федерализација на Македонија“ и за  „Голема Албанија“.