1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Изборите се одложуваат, стоковите резерви се пребројуваат

17 март 2020

Изборите пред одложување, се бројат стоковите резерви. Владата ги замрзна цените на основни продукти, побара листа на производи кои би биле предмет на евентуален интервентен увоз во рок од пет дена.

https://p.dw.com/p/3ZYbL
Süd-Balkan-Reise Minderheiten in Nord-Mazedonien
Фотографија: DW/F. Schmitz

Денеска напладне во претседателската „Вила Водно“ ќе се одржи лидерска средба, на која ќе присуствуваат претседателите нa парламентарните партии од власта и од опозицијата. Единствена точка на дневниот ред на лидерската средба што ја свика шефот на државата е одложување на предвремените парламентарни избори, за што вчера апелираа и лидерите на овие партии. Засега е неизвесно дали партиските лидери ќе можат да се договорат за нов датум за изборите, со оглед дека во моментов никој не може да предвиди како ќе се развива состојбата со коронавируст, односно дали изборите ќе бидат предвремени или ќе се совпаднат со редовниот термин наесен. Неформалните дилеми се дали изборите би можеле да се одржат во втората половина на јуни, или кон крајот на септември/почетокот на октомври. Очекуваната одлука за одложување на изборите најверојатно ќе значи продолжување на мандатот на техничката влада, но од правен аспект станува нејасно како ќе се одложат изборите во ситуација кога парламентот е распуштен, и најверојатно голем дел од времето на денешната средба ќе биде посветено на тоа прашање. За сето ова денеска кај шефот на државата ќе разговараат партиските лидери Зоран Заев, Христијан Мицкоски, Али Ахмети, Зијадин Села, Африм Гаши, Билал Касами и Мендух Тачи. На средбата ќе присуствуваат и претседателот на Собранието, Талат Џафери, и претседателот на Владата, Оливер Спасовски.

Повеќе:

Пендаровски: Засега нема потреба од вонредна состојба

Уште пет заболени од коронавирус, границите целосно се затвораат

И вонпарламентарните бараат покана

Овој избор на поканети партиски лидери предизвика незадоволство кај вонпарламентарните партии кои со свои листи ќе учествуваат на изборите. Фронтот за демократска Македонија (ФРОДЕМ) во име на колицијата „Никогаш северна, само Македонија” инсистира на средбата да бидат поканети лидерите и претставници на сите политички партии и коалиции кои поднесоа листи со кандидати за изборите.

„Ова го бараме поради тоа што поканетите парламентарни политички партии го немаат екслузивното право ниту кредибилитет во име на сите граѓаните сами да одлучуваат за одложување на изборите, поради фактот што речиси 40 % на граѓаните запишани во Избирачкиот список и приближно 50 отсто од вкупното население на претходните избори го немаат дадено гласот за нив. Оттаму сметаме дека доколку се одржи средба без сите претставници на партиите и коалициите кои поднесоа листи на кандидати, истата би била дискутабилно легална и легитимна“, се вели во соопштението на ФРОДЕМ.

Flash-Galerie Flughafen Skopje
Се затвора Меѓународниот Аеродром Скопје и граничниот премин на овој аеродром, освен за државни, воени, хуманитарни, болнички, карго и летови без патници за позиционирање на воздухопловиФотографија: Archiv der Agentur Makfa

И додека некои партии бараат свое столче на масата при носењето на одлуката за одлужување на изборите, Владата на синоќешната седница донесе сет нови мерки за превенција од Ковид-19. Се затвораат сите гранични премини во Република Северна Македонија за премин на странски државјани – патници и возила, освен за влез и транзит на товарни возила, за претставниците од дипломатскиот кор во Република Северна Македонија, како и за други лица, за кои МВР ќе даде дозвола по претходно мислење од Главниот координативен кризен штаб, кој ќе потврди дека постои посебен државен или економски интерес. Товарни возила и лица ќе влезат во земјава според посебни услови за заштита согласно протоколот на Министерството за здравство. Се затвора Меѓународниот Аеродром Скопје и граничниот премин на овој аеродром, освен за државни, воени, хуманитарни, болнички, карго и летови без патници за позиционирање на воздухоплови.

Повеќе: Коронавирусот и стопанството: Џабе мерки, ако транспортот на стоки запре

Замрзнување на цените, увид во резервите 

На синоќешната седница Владата ја усвои и Информацијата за увоз и извоз на прехранбени производи. Во неа се истакнува дека работната група со претставници на ресорите финансии, економија, земјоделство, надворешни работи и Царинската управа, предлага да се воведе забрана за извоз на пченица и брашно од пченица кон сите земји за неограничено време, и ги задолжи овие ресори да ги преземат сите неопходни активности за спроведување на мерката. Владата ја задолжи Царинската управа, во соработка со Министерството за земјоделството во наредниот период да го следи трендот на извоз на рафинирано сончогледово масло за јадење, ориз, кондиторски и пекарски производи и за истото да ја информира Владата. Донесена е препорака - мелничко преработувачката индустрија да ја има предвид бесцаринската квота за увоз на пченица од земјите-членки на СТО во количество од 80.000 тони. Владата ги задолжи министерството за економија, за земјоделството и Агенција за стокови резерви, заедно со мелничко преработувачката индустрија да ја утврдат моменталната состојба со залихите на пченица и брашно и за истото да ја информираат Владата.

Mazedonien Preise Vergleich
Владата донесе одлука за замрзнување на цените на основните продуктиФотографија: DW/K. Delimitov

МНР доби задолжение, преку мрежата на дипломатските и конзуларните претставништва да обезбедува информации на дневна основа заради следење на воведувањето на евентуалните забрани на увоз и извоз на стоки кон Република Северна Македонија. Пазарниот инспекторат е должен да изврши вонредна контрола на магацините и дистрибутивните центри за да ја утврди ситуацијата за можни скриени залихи на основни прехранбени производи, да ја следи ситуацијата од аспект на несоодветно покачување на цените и за истото на секои три дена да ја информира Владата. Министерствата за економија, за земјоделство и Агенцијата за стокови резерви се задолжени да изработат листа на прехранбени производи коишто би биле предмет на евентуален интервентен увоз во рок од пет дена, а Агенцијата за стокови резерви веднаш да достави листа на стоки кои ги има на залиха со податоци за количина. Министерството за економија е задолжено веднаш да достави до Владата предлог за ослободување 100% од царински давачки за производите брашно од пченица, сончогледово масло, бел шеќер, сапуни, детергенти, пелени за деца и возрасни, марамчиња, рачни крпи во ролни, пластични маски со текстилен филтер, текстилни прекривки за хируршка употреба, хируршки одела од хартија, хартиени маски, заштитни гумени одела, гумени хируршки ракавици, текстилни хируршки одела, средства за дезинфекција, асепсол, медицински алкохол, и заштитни очила. Владата донесе и одлука за замрзнување на цените на основните продукти и тоа на леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциски средства со состојбата на денот кога СЗО прогласи пандемија, освен за оние за кои има доказ дека се зголемени влезните фактури.