1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори во БиХ: Мала револуција

Самир Хусеиновиќ
16 ноември 2020

Владеачките партии во БиХ загубија на локалните избори во Сараево, Бања Лука, Тузла, Зеница, Бијељина... Мала револуција со помош на гласачко ливче во големите градови. Според аналитичарите, тоа е казна за корупцијата.

https://p.dw.com/p/3lMEO
Bosnien und Herzegowina Kommunalwahlen
Фотографија: Mustafa Ozturk/AA/picture alliance

Победата на кандидатот на Партијата за демократски прогрес (ПДП), Драшко Станивуковиќ, кој имаше поддршка од низа опозициски партии, на изборите за градоначалник наБања Лука, е можеби најголемото изненадување на локалните избори во Босна и Херцеговина.

Во текот на славјето во изборниот штаб, Станивуковиќ најави отворање на Бања Лука за граѓански собири, кои беа ограничени од страна на претходната власт, и рече дека неговата победа би требало да биде знак за цела Република Српска. „Ова е порака и до сите наши граѓани, кои заради лошата политика мораа да го напуштат нашиот град, да се вратат во Бања Лука“, рече Станивуковиќ.

Draško Stanivuković
Драшко Станивуковиќ го победи Додиковиот кандидат во Бања ЛукаФотографија: A. Drinjaković, privates Album

Претседателот на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), Милорад Додик, го призна поразот и рече дека „губењето на Бања Лука не е мал удар“.

Во коментар за локалните медиуми, уредникот на бањалучкиот портал „Вистинито“, Жељко Раљиќ, оцени дека победата на Драшко Станивуковиќ е „израз на граѓанското незадоволство во Бања Лука, каде СНСД владее од 2000 година“: „Препознато е дека таа власт работела за свои интереси, а не за интересите на граѓаните. Со ова почнува циклусот на промени во Република Српска, а потоа и во цела Босна и Херцеговина“, смета Раљиќ.

Срѓан Мандиќ: Ова е почеток на нова БиХ

Во Сараево, партиите со граѓанска ориентација „Четворка“ - Наша партија, Социјалдеморкатска партија на БиХ, Народ и правда и Независна босанскохерцеговска листа, ја поразија во неколку општини Партијата за демократска акција (СДА), што се смета за големо свртување на гласачкото тело во главниот град на БиХ.

Bosnien-Herzegowina Sarajevo
Сараево доживеа големи промениФотографија: picture alliance/PIXSELL/Z. Zivulovic jr

Кандидатот на Наша партија, Срѓан Мандиќ, извојува голема победа во сараевската Општина Центар. „Соништата кои ги сонувавме уште во рововите, во текот на агресијата врз нашата земја, сега се остваруваат. Ова е почеток на некоја нова БиХ“, рече Мандиќ.

Лидерот на СДА, Бакир Изетбеговиќ, го призна поразот во Сараево и нагласи дека е свесен за промените во големите градови. „Загубивме во Сараево, но победивме во БиХ. Гледаме промени во Бања Лука и Бијељина. Тоа не се 'тектонски', но се важни промени“, рече Изетбеговиќ.

Аналитичарите оценуваат дека Драшко Станивуковиќ има шанси да стане политичар каков што во БиХ се посакува одамна, „под услов да не кокетира со национализмот“. Тие наведуваат дека избирачите на овие избори ги казниле аферите и негативните кампањи, посебно на подрачјето на Сараево. Исто така, нагласуваат дека победите во трката за градоначалници без соодветна поддршка во општинските совети, би можеле да резултираат со блокади.

Според Централната изборна комисија, на локалните избори во БиХ гласале половината од 3,2 милиони регистрирани гласачи. По 12 години, а според одлуката донесена претходно, локалните избори во Мостар ќе бидат одржани на 20 декември.

Дејтонскиот мировен договор, младите и „идентитетите со етикети“