1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избор на шеф на ЦДУ – кој ќе влезе во „чевлите на Меркел“?

Кристоф Хаселбах
14 јануари 2021

1001 делегати на ЦДУ во сабота ќе избираат нов претседател на партијата - на првиот целосно дигитален партиски конгрес. Многу нешта се на коцка бидејќи најважната владејачка партија се подготвува за времето по Меркел.

https://p.dw.com/p/3nub8
Deutschland | Norbert Roettgen, Armin Laschet und Friedrich Merz
Фотографија: Christian Mang/AP Photo/picture alliance

Кога наесен Германците ќе го избираат новиот состав на Бундестагот, Ангела Меркел ќе има 16 години мандат зад себе. Таа дочека и испрати од функција тројца американски претседатели, петмина британски премиери и седум италијански. Во многуте кризи во тој период, од должничката до корона пандемијата, таа важеше за столбот.

Висинската пречка за нејзиниот наследник е поставена прилично високо. 

На виртуелниот партиски конгрес официјално нема да биде тема прашањето за наследникот на Меркел, туку „само” за претседателството со партијата. Но, со оглед на тоа дека Унијата во анкетите со месеци е убедливо најсилна партија, прашањето за канцелар автоматски оди „во пакет”: оној кој ќе стане шеф на партијата мора да поседува и квалитети за канцелар.

Мажи католици од Северна Рајна Вестфалија

Тројца кандидати има за првото место во партијата како наследници на Анегрет Крамп Каренбауер која не се усреќи на функцијата. Првиот е поранешниот шеф на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ Фридрих Мерц, вториот премиерот на Северна Рајна Вестфалија - Армин Лашет и третиот е човекот за надворешна политика, Норберт Ретген. Сите тројца се семејни луѓе, мажи, католици од Северна Рајна Вестфалија. Политички сите застапуваат некој среден курс: ЦДУ според нив треба јасно да се издвојува од десничарската АФД, како и од Левицата. Тројцата се загрижени за иднината на партијата која често заостанува зад промените во социјалната сфера.  

Politischer Aschermittwoch - CDU Thüringen: Friedrich Merz
Фридрих Мерц сака да ги врати конзервативните гласачиФотографија: picture-alliance/dpa/M. Schutt

„Дали го пресликуваме општеството? Одговорот е не”, неодамна отворено се изјасни Лашет пред членовите на неговата партија. Сите тројца сакаат да извлечат поука и да придобијат повеќе млади лица, жени и луѓе со миграциска позадина, и како носители на функции и како гласачи. За мигрантите Лашет кажа: „Ако успееме да ги придобиеме имаме шанса на долг рок да останеме народна партија”.

Сите тројца кандидати сакаат поголема дигитализација и повеќе заштита на климата, но сето тоа да го поврзат со силна економија. 

Препознатливост, обнова и прифатливост

И покрај сите сличности секој од нив има свое поле на специјалност: Лашет става голем акцент на социјална правда и внатрешна безбедност. Ретген, претседателот на Комисијата за надворешни работи на Бундестагот, бара поголема одговорност на Германија во Европа и светот. „Ние сме меѓународната партија, европската партија, трансатлантската партија. Тоа мора одново да го докажеме”, изјави Ретген минатата недела пред функционерите на ЦДУ.

Norbert Röttgen
Ретген сака обнова на партијатаФотографија: picture-alliance/dpa/F. Sommer

Мерц важи за претставник на бизнисот и се залага за засилување на конзервативниот профил; од него конзервативните поддржувачи очекуваат дека ќе ги врати оние гласачи кои „пребегале” кон АфД. 

Политикологот Уве Јун од Трир ги сумира разликите: „Мерц е за повеќе препознатливост на партијата, Лашет да биде прифатлива за повеќе гласачи, додека Ретген да се обнови партијата.”

Нема вечен Меркел-бонус

Со Лашет би се осигурало речиси беспрекорно продолжување на политиката на Меркел. Покраинскиот премиер на Северна Рајна Вестфалија и даде безрезервна поддршка на канцеларката во нејзината контроверзна политика за бегалците и отворањето на партијата кон лево. Веројатно затоа Меркел јасно стави до знаење дека го фаворизира Лашет.

BG I Wie mit Fotos Politik gemacht wird I Virus Outbreak Germany Merkel
Се смета дека Меркел го фаворизира ЛашетФотографија: picture-alliance/AP/M. Meissner

Мерц, кој пред две години незначително загуби од Крамп – Каренбауер при изборот за шеф на партијата, веројатно најмногу ќе ја промени ЦДУ. Тој ја повика партијата да излезе од сенката на Меркел, која благодарение на добриот менаџмент на корона-кризата на ЦДУ и обезбедила голема поддршка во анкетите. Но, Мерц на онлајн конференција на ЦДУ пред неколку дена посочи дека: „На 26 септември нема да бидеме избрани од благодарност за минатото, туку поради очекувањата и надежите за иднината.“

Тесна трка

Но, што сака и што и е потребно на партијата – промена или продолжување на политиката на Меркел без Меркел? Уве Јун верува дека прашањето не може да се одговори паушално бидејќи зависело од која гледна точка ги цените работите. „ЦДУ секогаш се доживувала себе си како популистичка владејачка партија. Ако ова се земе како мерило, тогаш Лашет е најмал ризик.“

Повеќе на темата:

Почнува борбата за наследник на Ангела Меркел

Партијата на Меркел се простува од политичкиот „центар“?

Партијата на Меркел во идентитетска криза

Лашет е единствениот кој во моментов е носител на јавна функција. Мерц никогаш не бил. А, Ретген во 2012 година беше спектакуларно разрешен од Меркел од функцијата министер за животна средина. Тој не успеа како кандидат на покраинските избори во Северна Рајна Вестфалија, но сакаше да си го „држи загреано“ своето министерско место во Берлин наместо да биде лидер на опозицијата во Диселдорф.

Се чини, прашањето за владино искуство ниту му оди во прилог на Лашет, ниту им оди на штета на останатите. Во анкетите Мерц води со поддршка од околу 30%, а Ретген и Лашет кај гласачите на ЦДУ имаат изедначена поддршка од околу 25%. Општо кај Германците пак, Ретген има предност пред Лашет.

Германците сакаат некој друг

Клучно е сепак дека никој од нив не достигнува врвни оцени кога е во прашање кандидатурата за канцелар. Министерот за здравство Јенс Шпан, кој официјално го поддржува Лашет, е значително повисоко на скалата на популарноста. Овој 40-годишен политичар со хомосексуална ориентација со самата негова личност би донел нешто ново во ЦДУ. Шпан во моментов исклучува кандидатура за канцелар, но не и генерално.

Deutschland München | Sondersitzung Kabinett | Markus Söder
Кога „тројца се караат“ - ќе ќари ли Зедер? Фотографија: Matthias Balk/dpa/picture alliance

Многу подобри изгледи има еден политичар кој дури не е ни член на ЦДУ. 55% од Германците и околу 80% од поддржувачите на партиите на Унијата сметаат дека претседателот на ЦСУ и актуелен покраински премиер на Баварија, Маркус Зедер е добар кандидат за канцелар од редовите на Унијата. Тој пак постојано повторува: „Моето место е во Баварија.“ Но, дали би одбил кандидатура за канцелар доколку ЦДУ му предложи, останува отворено прашање.