1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Извинување до академик Ќулавкова

9 јуни 2020

Се извинувам, навистина длабоко се извинувам и на академик Ќулавкова и на читателите што во моите колумни не така одамна одушевено ја препорачував со наслов „Читајте ја Ќулавкова“.

https://p.dw.com/p/3dUDk
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Многу ми е жал што академик Катица Ќулавкова ја повлече својата генијална мисла дека „цената на соживот ја плаќаме со живот“. Не поминаа ни три дена, а ете и официјално се обзнани дека коронавирусот во Македонија имал и национална и верска припадност. Се докажа нејзината видовитост, па навистина е голема штета што се откажа од својот стих - ремек дело со многу прозаични зборови - дека тоа е само нејзина лична работа јавно споделена и „нема никаква врска со меѓуетничката македонска ситуација.“

Има, има и тоа каква врска, муслиманите, Албанците, Турците, Ромите и други немакедонци ја шират ли шират смртоносната зараза. Ги убиваат Македонците со помош на власта во „ќенефот“ на Бранко Героски. Добро е што академик Ќулавкова не се извини за својата лична работа јавно обнародена, па така ми овозможи јас, како соучесник во ова злосторство и како немакедонец и поборник за соживот, да ѝ се извинам за ова злодело од планетарни димензии.

Тоа воопшто не ми е тешко, бидејќи досега многупати сум се извинувал за гревовите што сум ги направил кон македонскиот народ во период од шест века, поточно од цели 649 години, од 1371 година, од Маричката битка до денес.

И детските шлаканици болат

Првиот пат, додуша, не се извинив, туку како седумгодишно дете само плачев оти моите другарчиња од прво оделение ме натепаа со детски шлаканици кои многу болат. Учителката не’ однесе на кино да го гледаме Мис Стон. Кога заврши филмот некој од децата рече, веројатно за лична употреба, без лоша намера, „Ерол е Турчин“. Стоев вџашен додека ме удираа другарчињата. Уште ме боли душата кога ќе се присетам, а секогаш има по некоја будала да ме потсети на тоа дека сум различен. Се чувствував многу виновен, се мразев себеси. Тогаш и јас и тие дознавме дека сме биле под турско ропство.

Подоцна, кога учителите ќе кажеа „тие што не се Македонци да станат“, јас седев со наведната глава. „Ерол, ти што си по народност?“, за мене беше страшно прашање. Пелтечев, „да прашам дома, па ќе ви кажам утре“.

Во трето одделение, во тогаш елитното основно училиште „Коле Неделковски“, девојчето што седеше до мене на иста клупа, мојата прва детска љубов, го покани цело одделение на роденден. За тоа дознав утредента, кога се евоцираа спомените. Само јас не бев поканет. Боли, многу боли и денес. Пак се мразев себеси, се срамев од моето потекло.

Во осмо одделение, во училиштето „Стив Наумов“ во Автокоманда, бев со уште едно девојче кандидат да ја носам штафетата на 25 мај на слетот во Белград, која требаше да се предаде на претседателот Тито. Многу подоцна дознав од класната раководителка дека сум отпаднал за малку. Надвладеала упорноста на некои наставници дека нема смисла Турчин да ја претставува Македонија на таков возвишен чин.

Во гимназијата „Цветан Димов“ веќе почнав да се ослободувам од тие комплекси и бев побунтовен, иако редовно се соочував со навреди. Една од оние кои и ден-денес ме следат е дека „воопшто не личам на Турчин“, често кажана многу добронамерно, демек како Турците да имаат рогови, црномурести и со црни мустаќи, а јас сум бел и со руса коса, каква среќа. До болка.

Колку смрдат турчиштата

Нема да ја заборавам додека сум жив сцената во автобус на градски сообраќај. На постојката на Бит пазар се качија многу луѓе во полупразниот автобус. Една дама со голема пунџа на главата, тазе ондулирана, ме замоли да седнам до неа. Рече, „дечко седни до мене, оти овие турчиштата многу смрдат“. Што да правам, седнав, иако ми вриеше во главата.

Ја смислив веднаш одмаздата. Кога во центарот на градот пред да се симнам со цинична насмевка и’ реков „Се надевам дека не ви смрдев“, од нејзиното пребледување бев среќен. Тогаш беше хит парфемот Куроз со кој се прскаа прекумерно скопските тинејџери и без кој не излегував од дома и без чизмите што своерачно ги правеше прочуениот мајстор Фердо во дуќанчето кај Арапска куќа.

Во студентските денови веќе почнав да се шегувам на своја сметка оти постојано имаше некои сцени со луѓето кои „вчера“ дознаваа дека сме биле под турско ропство. Овие случки од детството и од пубертетските денови беа зад мене и си ги препишав како непотребна пречувствителност, иако беа производ на образовниот систем, на идеологиите и најмногу - на предрасудите и политиката. Почнав да не давам пет пари за навредите кои некогаш беа изрекувани, се разбира ненамерно, бидејќи луѓето во мене не гледаа Турчин, по што следеше редовно нешто како извинување во стилот „мојот најдобар другар ми беше Турчин“, „јас сум живеел во турско маало, татко ми знаеше турски“ и слични изговори кои повеќе ме нервираа од самата навреда. Во такви ситуации обично на шега велев: „Многу ми жал за вас, Македонците“.

Кога почнав да работам во „Нова Македонија“, во една прекрасна интелектуална и другарска средина со големи новинарски имиња, бев длабоко убеден дека тие стереотипи се надминати и дека тука националната припадност никого не го интересира. Често со симпатии ме викаа „Турчето“. Се’ така до независноста и самостојноста на Македонија. И додека еден ден, кога требаше да бидам назначен за главен и одговорен уредник, не се соочив со еден тежок удар под појас како гром од ведро небо. Иако пет години бев заменик главен уредник и по заминувањето на Ѓорги Ајановски беше извесно во целата редакција дека по природен пат, што веќе беше и најавено, треба да бидам главен и одговорен уредник на весникот, тоа не се случи.

Следуваше многу чудно објаснување дека се назначувам за одговорен уредник кој ќе ја обавува и функцијата главен уредник, ама во импресумот ќе пишува само одговорен уредник. Не побарав никакво објаснување. Тоа воопшто не ми беше важно. Во импресумот стоеше Генерален директор, претседател на управниот одбор и главен уредник една личност, а одговорен уредник на весникот мојата маленкост. И навистина, без некои потреси ја извршував таа макотрпна и одговорна работа целосно предан на професијата од утро до доцна во ноќта, кога со графичарите осамнувавме во театарското бифе по излегување на весникот. Тие луѓе имаа само една припадност - новинарството.

Други колумни од авторот:

Чулев го активира ВМРО во МВР(О)

Сто години чекаме датуми

Мицкоски и Заев знаат што е консензус

Соломонско решение за главен уредник

Шокот стаса кога дознав дека не сум назначен за главен уредник бидејќи делегација од познати новинарски имиња била кај генералниот директор со укажување дека и покрај тоа што нема никакви забелешки на мојата работа и ништо лично, сепак не е добро Турчин да биде главен и одговорен уредник на првиот дневен весник на македонски јазик, па така било најдено соломонско решение - ем да бидам тоа, ем да не се знае во пошироката јавност дека е така.

Да знаев дека е тоа причината, никогаш не би ја прифатил таа срамна хермафродитска одлука.

Како растеше македонската демократија, така стасуваа се’ посилни удари кои ги примав најчесто достоинствено, а богами и враќав жестоко, бидејќи, рака на срце, имав силна поддршка од голем број Македонци и колеги извонредни новинари, кои не ги гледаа луѓето по национална и верска припадност.

Во една прилика Љупчо Георгиевски, како премиер, јавно не’ прозва мене и генералниот директор на Нова Македонија, Панде Колемишевски, дека не може еден Турчин и еден Влав да му кажуваат што тој треба да работи. Пред тоа, кога Георгиевски во една дебата во Собранието како потпреседател на претседателот Киро Глигоров, од парламентарната говорница рече дека МРТ и изданијата на НИП Нова Македонија како антидржавни весници треба да се стават под контрола на државата и да се воведе цензура, од галеријата на Собранието извикав дека е тоа болшевизам. Бидејќи не ме слушнаа добро, во дебатната сала на сиот глас викнав: „Тоа е фашизам“. Настана една голема мешаница, претседателот на парламентот Стојан Андов прати обезбедување да се исфрли изгредникот, а Васил Тупурковски мудро побара пауза. Тогаш последен пат беше искажана колегијална солидарност кај новинарите. Сите новинари во знак на поддршка ја напуштија новинарската галерија. По паузата, на големо олеснување на македонските парламентарци, Доста Димновска соопшти дека инцидентот го направил новинар од немакедонска националност. И толку. Ни збор за цензурата на Георгиевски. Штом е човекот од немакедонска националност не треба ни да се расправа.

На еден митинг на плоштадот во Скопје еден од партиските јастреби вдахновено им порача на македонските патриоти: секогаш кога го поминувате Камениот мост на Вардар, сетете се дека тука, под мостот, Турците го набија на колец Карпош. Си реков: „И овој вчера дознал дека сме биле под турско ропство“, ама човекот метеорски напредуваше како голем патриот. И навистина, секогаш кога преминував преку Камениот мост, помислував на тоа се’ до моментот кога патриотите не му го сменија ликот на ориенталниот убавец и по цели три години обезличување го направија во византиско корито.

Куршум в чело за Турчинот

Следуваа серија напади кога се откриваа македонските предавници и странски платеници. Назначувањето на мојата националност во написите и на телевизиите притоа беше само аргумент за оправданоста да се компромитира моето пишување. Еден криминалец кој стаса да прави целовечерни интервјуа со премиерот Никола Груевски, претседателот Горге Иванов, министри и познати македонски интелектуалци и новинари, дури и ја озаглави својата колумна со наслов „Куршум в чело за Турчинот“.

Молчеа и еснафските здруженија и судот на честа и јавниот обвинител и многу други поборници на демократијата, борци против јазикот на омраза, верска и расна дискриминација.

Зошто го кажувам сето ова низ личен пример што нема врска со македонската ситуација, што би рекла уважениот академик Катица Ќулавкова? Ете, затоа што целиот овој фолклор на македонската транзиција, а и пред тоа на македонскиот социјализам, полн со приказни за братство и единство, како оној виц „најмногу  мразам национализам и шиптари“, или како оној голем колумнист, доктор на науки по новинарство, кој ја исфрли крилатицата „лажеш како Турчин“, е гола вода во споредба со седумте збора на почитуваниот акдемик, поет и научник Катица Ќулавкова.

Тие мои горчливи искуства на овој план се само лични примери на повеќедецениска еволуција на македонската демократија, да се стигне до зенитот кога „цената на соживотот ја плаќаме со животот“. Умираме од коронавирусот кој го сеат Албанците и другите немакедонци, што нема врска со македонската, ни меѓуетничка ни цивилизациска ситуација. Нели?

Се извинувам, навистина длабоко се извинувам и на академик Ќулавкова и на читателите што во моите колумни не така одамна одушевено ја препорачував со наслов „Читајте ја Ќулавкова“.