1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изморени од името

9 јуни 2018

Настаните околу преговорите се менуваат толку драматично последниве неколку недели, што станаа и тешки и мачни за следење. Јавноста во Македонија се измори од нив. Колумна на Љупчо Поповски.

https://p.dw.com/p/2z9pf
Mazedonien Skopje Alexander der Große Skulptur
Фотографија: DW/F. Schmitz

Лани ова време, на 7 јули, во швајцарското монденско летувалиште Кран Монтана пропаднаа преговорите за обединување на Кипар и тоа токму во мигот кога се чинеше дека решението за овој најдолг замрзнат конфликт во Европа е на дофат. Тоа беа разговори од највисок профил – лидерите на грчката и турската заедница на островот, министрите за надворешни работи на Грција и Турција, шефот на британската дипломатијата, генералниот секретар на ОН. Интензивните преговори во таа рунда почнаа во јануари, двете страни се доближија најблиску дотогаш, потпретседателот на САД, Мајк Пенс, телефонски им се јави на двајцата кипарски лидери барајќи да ја „зграпчат оваа историска можност“, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, зборуваше дека „сме многу блиску до договор“, но по десетина дена преговори сѐ пропадна. Во еден замрзнат конфликт недовербата е голема, па така Турција не сакаше да го исполни главниот услов - да ги повлече 30-те илјади војници од островот, кипарските Грци не сакаа да се откажат од истражувањата на големите количества нафта и гас јужно од Кипар. А не можеше да се најде ни решение за враќањето на имотите на десетиците илјади кипарски Грци кои ги напуштија своите домови по турската инвазија на островот во 1974 година. Се разбира дека обете страни ја префрлаа вината за колапсот на мировните преговори една на друга. Една година подоцна нема никакви преговори, сега се чека да поминат претседателските и парламентарните избори во Турција, па да почне нов обид.

Schweiz | UN-Zypern-Konferenz endet ohne Ergebnis verkündet UN-Generalsekretär Guterres
Антонио Гутереш во Кран Монтана соопшти дека разговорите за Кипар завршиле без решение (7.07.2018)Фотографија: picture alliance/KEYSTONE/S. Di Nolfi

Дали може да се случи ваков колапс на интензивните македонско-грчки преговори за името кога двете страни се „многу блиску до договор“? И дали ако тие пропаднат сега ќе треба да се чека уште најмалку една година за повторно да се вратат на некаков колосек? Секако дека овие два случаи не се исти, кипарскиот е многу потежок за решавање, но опасноста е слична – спорот за името одамна влезе во зоната на замрзнат конфликт и затоа е тежок за решавање. Не е прашање дали Грците бараат премногу и предлабоко, а македонската страна сака да направи компромис премалку и преплитко. Ниту, пак, клучното барање на Атина спорот да се реши еднаш засекогаш, според предлозите кои таа ги смета за исправни за решавање на спорот. Проблемот е подлабок – тој лежи во цементираните предрасуди и малото ниво на доверба меѓу политичките елити на двете земји. Прегратките на Никола Димитров и Никос Коѕијас или насмевките и срдечните ракувања на Зоран Заев и Алексис Ципрас се дел од политиката на новото разбирање. Тие, навистина, можат да бидат некаков вид пријатели, „браќа во неволја кои треба да решат еден мачен спор“, но тие се само врвот на политичките пирамиди во двете земји изградени од различни камења. Никос Анастасијадес и Мустафа Акинчи, лидерите на поделениот Кипар, одеа заедно насмеани да се напијат кафе во бистро пред тампон зоната во Никозија опкружени од граѓани кои им даваа поддршка да најдат решение. Но до решение не дојде, без оглед на нивното јавно меѓусебно разбирање.

Der mazedonische Ministerpräsident Zoran Zaev mit seinem griechischen Kollegen, Alexis Tsipras in Sofia
​Срдечните ракувања на Заев и Ципрас се дел од политиката на новото разбирањеФотографија: DW/B. Georgievski

Синови на гласното доба 

Настаните околу преговорите се менуваат толку драматично последниве неколку недели, што станаа и тешки и мачни за следење. Јавноста во Македонија се измори од нив. Се измори од постојаните најави во медиумите дека решението е на дофат, дека преговорите влегле во фотофиниш, дека останале уште некои технички детали кои треба да ги договорат експертските групи. Се лицитира кога двајцата премиери ќе зборуваат по телефон за да удрат вербален параф на договорот, се одбројуваат деновите до самитот на европските лидери на крајот од јуни, се пренесуваат изјавите за поддршка од важните европски земји, се коментира првата јавна изјава од Вашингтон дека „САД продолжуваат да играат тивка улога со ЕУ, Германија, Франција, Италија и Велика Британија охрабрувајќи да се најде решение за името“. Јавноста се измори од постојаните телевизиски дебати на вистински и аматерски аналитичари и политичари кои се вртат во круг објаснувајќи како го разбираат достоинственото решение, исфрлајќи десет флоскули во две минути, од најавите дека Преспа е местото каде што ќе се сретнат миротворците. Во основа, темата стана измачувачка и веќе неправедно ги зазема главните наслови во медиумите.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Во оваа приказна секој сака да ќари по нешто. Вицепремиерот Бујар Османи некни од Брисел по разговорите со Федерика Могерини изјави дека „ова се критични мигови, часови, па и минути, и ова се најтешките и можат да го дефинираат исходот“, однесувајќи се како лидер кому од минута во минута му јавуваат за развојот на настаните, веројатно несвесен дека шефицата на европската дипломатија во истиот момент има повеќе информации за грчко-македонските преговори. Османи сака да биде среќниот гласник што ќе ја најави големата вест (идеално би било и да ја објави). Такви изјави имаше и пред неколку месеци, кога тврдеше дека договорот бил готов, останувале само уште неколку технички детали, па и сега не може да се исклучи од драматиката што самиот ја конципира. Внимателната реакција на Министерството за надворешни работи дека „за вака значајни прашања не треба да се брза“ и дека квалитетот на текстот на договорот е поважен „од потребата процесот да се финализира во каков било рок“, беше повеќе наменета за ваквите министерски излети, кои во основа ја вознемируваат јавноста, затоа што кога ќе поминат минутите и часовите повторно доаѓа конспиративната јанѕа дека, ете, пак случило нешто непредвидено, а времето до европскиот самит истекува.

Времената спогодба и името

Поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски како некаков македонски вид на тајниот агент Ашенден (херој од новелите на Сомерсет Мом) изнесува дневна доза од масата на преговорите – средбата во Преспа ќе биде утре, задутре, Грците поставиле нови барања, македонските преговарачи затечени, продажбата на државата и достоинството на народот само што не е завршена. Медиумите, а особено непребирливите портали, во отсуство на кредибилни информации овие „шпионски“ редовни оброци ги преземаат со малку огради, како да се симнати од озвучената преговарачка маса. Време е да се прави политички капитал – и во успехот и во неуспехот.

Во истото време малкумина обрнуваат внимание на вестите дека Франција, Холандија и Данска многу сериозно го кочат почетокот на преговорите на Македонија и Албанија за членство во ЕУ. Дали тешкиот компромис тогаш ќе се толкува како залудна битка, во која што Македонија малку доби, а многу даде?

Mazedonien Skopje
Иако граѓаните се изморени од името, не ги заборавија ветувањата и очекувањата на властаФотографија: DW/F. Schmitz

Нов почеток

Иако измореноста од преговорите е вистинска, толкувањата во стилот – само нека се заврши, па како биде нека биде – се лажни. Лавата од критики на евентуалниот договор ќе избувне од македонскиот вулкан слично како оној во Гватемала. Сегашнава политичка гарнитура, која го презеде ризикот да го реши прашањето што изгледа нерешливо, тоа може да го направи уште денес, како што беа најавите од последните денови, но може да остане заглавена во несупехот. Дали тоа ќе биде со истата драматика како по ветото во Букурешт? Веројатно не, затоа што истата поразувачка катарза не може да се повтори. Може да се повтори само резигнацијата.

Други колумни од авторот:

Едно име – многу можни губитници

Добри вибрации

Владата, премиерот Заев и шефот на дипломатијата Димитров не можат и не смеат да ги избегнат прашања што стана со капиталот што го вложија овие десетина месеци, ако евентуално дојде до неуспех. А во исто време не можат ни да ги подгреваат очекувањата. Без оглед на калкулациите што се прават во дебатите дека референдумот, ако дојде до него, има големи шанси да успее, во овој момент тоа изгледа како некој да има кристална топка и во неа ја гледа иднината. Тивкото мнозинство може да се почувствува онеправдано и омаловажено од договорот и на референдумот да му го сврти грбот. Дури тогаш работите ќе бидат закопани во пештера.

Додека изгледа дека договорот е на дофат, владата како да не ја забележува големата топка на економско разочарување што почна да се тркала. Податокот за порастот на БДП во првиот квартал за само 0,1 на крајот може да се испостави како поголем неуспех од неуспехот во преговорите за името. Вицепремиерот за економија настојува од петни жили да го шири оптимизмот дека програмата за новата иднина само што не почнала да се остварува. Тоа може да го прави и наредната година и да ја убедува јавноста дека проекциите, најпосле, ќе бидат вистинити, но јавноста полека почнува да верува дека тој е веќе фатен во стапицата на сопствената заблуда. Тука лежи најголемата опасност за оваа влада – не во изневерените очекувања, туку во економскиот концепт кој може да се покаже како погрешен. Еден политичар треба да верува во она што го прави, но и да се замисли и да се коригира ако нешто не оди како што претпоставувал. Инаку, ќе се претвори во коцкар кој верува дека следното вртење на рулетот ќе му ја донесе среќата.

Нема да биде крај на светот доколку до договор за името не дојде, без оглед на големиот влог во него. Владиниот кабинет треба да ги пренасочи приоритетите, затоа што ако граѓаните се изморени од името, не ги заборавија ветувањата и очекувањата. Една година подоцна дипломатијата на шармот стана редовна европска комуникација, во тоа веќе нема ништо возбудливо или неочекувано. За владата е време на нов почеток.   

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар