1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Израел е поделено општество“

Керстен Книп/ Зоран Јордановски4 март 2015

Парламентарните избори на 17 март се изјаснување за самопоимањето на Израел смета Керстин Милер од фондацијата „Хајнрих Бел“ во Тел Авив. Тоа ќе има далекусежни внатрешно- и надворешно-политички консеквенции.

https://p.dw.com/p/1Ekfi
Фотографија: Getty Images/MENAHEM KAHANA

ДВ: Госпоѓо Милер, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е во посета на САД. Неговите критичари го ставаат ова патување во контекстот на парламентарните избори во Израел на 17. март: тој сакал со патувањето да создаде расположение во негов прилог. Како вие гледате на дискусијата?

К. Милер: Патувањето се толкува различно. Таборот на левиот центар смета дека патувањето е во рамките на предизборната кампања. И јас тендирам кон таа процена. Но, десно настроениот, конзервативен печат застапува став дека станува збор за историски настап, кој нема врска со предизборната кампања. Напротив, дури се прават споредби со Минхен 1938 година (договор на премиерите на В. Британија, Франција, Италија и Германскиот рајх за приклучување на Судетските области, дотогаш во состав на Чехословачка, кон Рајхот, н.з.); со други зборови, меѓународната заедница и сега прави огромна грешка ако се впушти во компромис со Иран во однос на неговата атомска програма. И, бидејќи таа програма првенствено е на штета на Израел, тој мора да стори се’ за да го спречи. Нетанјаху тоа така го претставува, како со своето патување да дава многу важен придонес за безбедноста на Израел.

ДВ: Нетанјаху постојано се навраќа и на политиката спрема Палестинците. И таа е во контекстот на дебатите за безбедноста. Каква улога има генерално безбедноста во предизборната кампања?

К. Милер: Во јавната дебата таа не игра некоја голема улога. Но, сите анкети од последните години потврдуваат дека безбедноста е решавачка тема за исходот на изборите, особено за центарот на општеството. И, бидејќи на тоа поле повеќе му се верува на блокот Ликуд, значи на десниот партиски спектар, Ликуд предводен од Нетанјаху последните години постојано и победуваше на изборите. Поради тоа, според моја процена, Нетанјаху и отпатува во САД. Можеби со тоа очекува гласови од десниот центар. Тие и ќе му бидат потребни, оти наспроти неговиот коалиционен блок Ликуд стои новиот голем сојуз на левиот центар „Ционистички табор“, составен од лабуристите и партијата на Ципи Ливни (поранешна израелска министерка за надворешни работи, н.з.)

ДВ: Во Израел се води дебата за националниот идентитет на земјата: националеврејски или ционистичко-демократски? Каква улога игра таа дискусија?

К. Милер: Во поглед на оваа дебата изборите веројатно се од решавачко значење. Во изминатиот легислативен период израелската десница сакаше за прв пат во историјата на земјата законски да пропише како треба да изгледа еврејскиот карактер на државата Израел. Во Ликуд и првенствено во партијата на Нафтали Бенет (Еврејски дом, членка на коалицијата; Бенет е министер за стопанство и трговија во израелската влада, н.з.) многумина воопшто не се подготвени да стојат зад решението со две држави и на Палестинците да им ветат нивна сопствена држава. Тие регионот го третираат како религиозна, од бога дадена земја: ерез Израел. Поради тоа, според процените на израелските коментатори, претстојните избори се од најголемо значење: ќе се дефинира ли земјата и натаму демократски, со зачувување на правата на палестинското население на Израел и на одлуката на Палестинците да им се гарантира сопствена држава? Или од национал-религиозна перспектива ќе се тврди дека целата територија му припаѓа на Израел? Тоа тогаш би значело дека веќе ќе нема мировни преговори.

Deutschland Kerstin Müller Die Grünen 2000
Керстин МилерФотографија: picture-alliance/dpa/K. Franke

ДВ: Во Израел религиозните сили добија замав. Што е заднината на таквиот развој?

К. Милер: Тука повеќе фактори играат улога. Како прво, ортодоксната религиозна заедница во Израел генерално бележи пораст. Тој развој има одраз врз целото израелско општество. На ова се надоврзуват и доселениците од Русија, од кои поголемиот дел се изразито конзервативни. Тоа влијае и врз политиката.Така во владините документи од пред повеќе од десет години за Западен Јордан се зборува како за Јудеја и Самарија. На последните избори партијата на доселениците предводена од Нафтали Бенет влезе во парламентот. А таа, за разлика од Ликуд, сосем отворено и јасно кажа дека веќе не е за решение со две држави; наместо тоа, таа зборува за анексија на Западен Јордан. Со тоа во игра е еден национал-религиозен, недемократски модел и тоа ќе има консеквенции и врз меѓународната политика. Поради тоа изборите се внатрешно-, како и надворешно-политички од решавачко значење.

ДВ: Како дејствува таа дискусија внатре, врз самото израеско општество?

К. Милер: Израел е едно многу поделено општество. Ултраортодоксните живеат целосно зачаурени. И национал-религиозните се свет за себе. На другата страна е секуларниот дел, кој се среќава во Тел Авив, можеби уште и во Хаифа.Тие различни милјеа одвај да имаат некаков меѓусебен контакт, поради што општеството се’ повеќе се распаѓа. Истовремено речиси веќе и нема некој заеднички политички именител. Во основа на Израел му е потребна една продлабочена дебата за тоа, што треба да се подразбере под еврејскиот карактер на државата.

Керстин Милер е директор на бирото на фондацијата „Хајнрих Бел“ во Тел-Авив. Од 1994 до 2002 година таа беше портпарол односно претседател на фракцијата на германските Зелени во Бундестагот. Од 2002 до 2005 беше државен секретар во Министерството за надворешни работи.