Кои се „израелските Арапи“?
29 мај 2021Ракетите и воената офанзива се само една димензија на последниот судир во Израел и во Појасот Газа. Уште посложен се чини проблемот на насилство помеѓу Евреите и државјаните од арапско потекло, каков досега не е виден и кој беше присутен во цела низа места во Израел.
Уште по првите испалени проектили од Појасот Газа на територијата на Израел изби гнев: во Лод, југоисточно од Тел Авив, силите на сигурноста мораа да спречат улични борби на два собрани табора, тука имало посегање и по огнено и по ладно оружје. Исто така во Лод, беше запалена една синагога и едно еврејско верско училиште.
Во древното пристанишно место Ако, во подрачјето на Тел Авив, толпа извлекувала луѓе од нивните автомобили за да ги претепува, целиот апсурд и опасноста од вакви пресметки се гледа во Ако кога на овој начин настрадал и возачот на едно возило за кој се мислело дека е Арап, а всушност бил Евреин.
Тоа се само некои од бројните примери на насилство распламтено во многу израелски места. По ваквите акции уапсени беа стотици лица, во Лод поради тоа беше прогласена и вонредна состојба.
Повеќе:
Палестинците и Евреите во „мешаните“ градови на Израел: Како да се поврати довербата?
Блиски Исток: Решението за „две држави“ – утопија?
Газа: „11 дена како 11 години“
Претседателот на Израел, Ровен Ривлин предупредуваше од можна „граѓанска војна“. Премиерот Бенјамин Нетанјаху се изрази невообичаено остро и јасно: „На граѓаните на Израел сакам да им порачам: целосно ми е сеедно ако ви е зовриена крвта. Не смеете да се впуштате во самостојно истерување на правдата. Ништо не оправдува ни кога Евреите линчуваат Арапи, како ни обратно. Тоа не може да се допушти.“
Колку има палестински Израелци?
Истовремено со основањето на државата Израел во 1948 година, околу 700.000 Палестинци ги напуштиле своите домови. Зошто, тоа е нешто околу што веројатно никогаш нема да има согласност меѓу Палестинците и Евреите: од аспект на Арапите, тоа била Накба (катастрофа), етничко чистење во кое биле жртва на израелските војници. Од израелски аспект, тоа била можеби не целосно доброволна, но слободна одлука на муслиманите кои останале да живеат во новата држава на „неверници“, а на заминување на Палестинците повикале водачите и од другите арапски држави.
Но, сепак не заминале сите, а од етничката заедница која останала, во денешното подрачје на Израел се создал тој дел „палестински Израелци“. Додуша, муслиманското население од Источен Ерусалим формално има друг статус.
Палестинските Израелци или израелските Арапи во 2019 година сочинуваа околу 21% од жителите на Израел. Според табелите на израелската Служба за статистика ЦБС, веќе 50 години нивниот удел непрекинато расте, зашто наталитетот на оваа етничка заедница е повисок од просекот. Десничарските политичари во Израел во тоа гледаат „проблем“, зашто по некое време може да се случи во Израел да има повеќе Арапи отколку Евреи. Со оглед дека и доселувањето Евреи во нивната држава одамна нема толкав интензитет како по основањето на Израел, таа бројчена разлика ја намалува минимално само искучително високиот наталитет и меѓу ултраортодоксните еврејски семејства – но и тоа е само дополнителен проблем за световната влада, поради нивниот специфичен однос кон државата Израел и обврските кои би требало да ги преземат.
Сиромаштија
Палестинците – или Арапи во Израел живеат со нешто подобар стандард отколку Палестинците во подрачјата на Западниот Брег и посебно Појасот Газа, но се значително посиромашни од израелскиот просек и се помалку образовани. Според статистичките податоци, во 2016 година речиси половина арапски семејства живееле во сиромаштија наспроти 13% еврејски семејства. И во таа статистика се исклучени семејствата на ултраортодоксните фамилии, кои формално немаат, или пак не пријавуваат приходи. Така испаѓа дека 45% од тие семејства живеат под прагот на сиромаштија.
Додека Арапите и онака имаат чувство дека се „осудени на сиромаштија“, во 2018 година десничарската влада на Нетанјаху воведе Закон за национална држава, со кој Израел се прогласува за „национална татковина на еврејскиот народ" со (неподелен) Ерусалим како главен град. Единствен службен јазик на Израел е еврејскиот, а на арапскиот му се доделува само „посебен статус“ кој со ништо не е дефиниран.
Политика
Веќе и овој закон ги предизвика палестинските заедници на повикување на бојкот на наредните избори за израелскиот парламент. Тоа доведе до тоа израелските Арапи во Кнесетот да бидат многу помалку застапени отколку што би се очекувало според нивниот број во населението. Нивната „Здружена листа“ се приклучи кон политичката фракција на противниците на коалицијата на Нетанјаху, но пред најновите избори во март 2021, Ра'ам партијата на чие чело е Мансур Абас, се издвои од тој блок.
Зашто, во израелскиот парламент има мноштво сразмерно мали партии кои редовно се потребни за создавање владејачка коалиција и тоа е прилика која сака да ја искористи Абас. Тој објави дека начелно е спремен да поддржи некоја идна коалиција, секако ако таа влада биде спремна да направи отстапки и кон Арапите во Израел. Моментно има четири пратеници од партијата Ра’ам во парламентот, но во одреден случај тие можат да бидат јазиче на вагата кое ќе го реши прашањето кој да биде израелски премиер.