Противниците на Нетанјаху договорија коалиција
3 јуни 2021Формирањето на коалиција од противниците наБенјамин Нетанјаху означува почеток на крајот на долгогодишниот премиер во Израел. По повеќе од два месеци по парламентарните избори, досегашниот опозициски лидер Јаир Лапид успеа да формира владина коалиција од осум партнери.
Претседателот на арапската Раам партија, Мансур Абас ја потпиша спогодбата за формирање на коалицијата речиси пред истекот на рокот. Имаше големи несогласувања до последна минута. Кабинетот на претседателот потоа и официјално објави дека лидерот на опозицијата Лапид на претседателот Ривлин му поднел доказ дека осигурал парламентарно мнозинство со што може да формира нова влада. Се очекува новата влада да даде заклетва на 14 јуни. Но, претходно за неа мора да гласа просто мнозинство од 120 пратеници.
Две години Бенет, две Лапид
Според медиумите, по тешките преговори дел од коалицијата ќе биде и ултрадесничарската партија Јамина на Нафтали Бенет, кој по изборите од 23 мартвсушност бше клучниот играч за тоа каде ќе превагне политичката моќ. Како што се дознава, договорено е да има ротација на премиерската позиција. Првите две години на премиерското столче ќе седи Бенет, кој е актуелен министер за одбрана. Следните две ќе го замени Лапид, кој во меѓувреме го презема Министерството за надворешни работи.
Неговата партија „Има иднина“ е позиционирана во политичкиот центар. На последните избори во март беше втора најсилна партија по десноконзервативната Ликуд на Нетанјаху. Лапид влезе во политиката по успешна водителска кариера на ТВ. Во една од поранешните влади на Нетанјаху беше и министер за финансии.
Целите не може да бидат поразлични
Лапид се потпира на сојуз на неговата со уште седум помали партии од сите бои во политичкиот спектар. Нив пред се ги обединува отпорот спрема Нетанјаху. Тој беше на премиерската позиција уште од 1996 до 1999, и потоа непрекинато од 2009 до сега. Со тоа е премиер со најдолг стаж во Израел. Влада без него би била вистински пресврт.
Но, новиот владин состав допрва треба да биде изгласан, а веќе има сомнежи дали коалицијата од осум партии воопшто ќе успее и де факто да владее. Разликите во програмските определби на партиите се огромни. Бенет, кој стана милионер со својот интернет старт ап, застапува национално-религиозна политика и неговата партија позитивно гледа на политиката на населување. Коалицискиот партнер Мерец, Работничката партија и арапската партија Раам се залагаат за основање независна палестинска држава и се строго против населувањето Евреи на палестинска територија - нешто што Израел во изминатите години интензивно го практикуваше.
Земјата во последниот период беше во континуирана политичка криза. Четвртите парламентарни избори за само две години во март годинава повторно не успеаа да резултираат во јасно мнозинство. Претседателот Реувен Ривлин на 5 мај го даде мандатот за формирање влада на Лапид, откако Нетанјаху не успеа во тоа. Рокот за Лапид истече синоќа (среда), така што веста за коалицијата од осум партии дојде буквално во последен момент.