Импичмент-процесот за Трамп не е губење време
22 јануари 2020Првиот ден од постапката за импичмент на Доналд Трамп во Сенатот беше долг и тоа беше видливо уште во првите часови. Притоа, воопшто не се дискутира содржински, туку станува збор за правилата на процесот кои во Сенатот ги претстави лидерот на републиканското мнозинство Мич Мекконел.
По кусите воведни говори, двете страни требаше да го претстават својот агол на гледање на работите. Прво претставниците на страната која обвинува, седум демократски пратеници од Претставничкиот дом, а потоа одбраната - тим од адвокати на Доналд Трамп. Планот на Мекконел беше за прашањата дали треба да бидат сослушани сведоци и дали демократите да добијат документи од Белата куќа и Министерството за надворешни работи да се дискутира по презентацијата на аргументите на двете страни.
Судска постапка без сведоци?
Демократите меѓутоа сакаа веднаш на почеток да разговараат со сведоци како што е поранешниот советник на Трамп за национална безбедност Џон Болтон, кои досега ги следеа укажувањата од Белата куќа и одбија да дадат изјави. И, сакаа веднаш да видат документи за кои претпоставуваат дека кријат важни докази за погрешни постапки на Трамп.
Одбраната на Претседателот се потсмева со тоа. Вели дека демократите имале ужасно долги ссолушувања во Претставничкиот дом и ако сега сака да почне прво со сослушување сведоци и бара уште документи, тогаш тоа значи дека аргументацијата за отповикување на Трамп од должност „не држи вода“. Демократите контрираат дека судска постапка без докази или сослушување на сведоци не е фер процес, туку апсурден театар. Затоа бараат промени на предлогот на Мекконел за текот на постапката.
Но, нивните оправдани аргументи наидоа на затворени уши. Исто како и при сослушувањата во Претставничкиот дом, кои доведоа до импичмент за Трамп, републиканците и сега се држат стриктно до партиската линија. Во Сенатот седат 45 демократи со двајца независни сенатори кои им се приклучени и 53 републиканци. Гласањето за тоа дали Сенатот пред почетокот на постапката треба да бара документи од Белата куќа и Министерството за надворешни работи заврши точно како што се очекуваше - 47 гласови „за“, 53 гласови „против“.
Републиканците се држат до партиската линија
Ако уште на првиот ден, уште при обидот да се етаблира регуларен судски процес со сведоци и докази ниту еден републиканец не се осмелува да „излезе од редот“, тогаш од содржината на процесот исто така нема што многу да се очекува. Уште пред повеќе месеци, пред да почнат сослушувањата во Претставничкиот дом, експертите предвидоа дека Трамп ќе биде ослободен благодарение на мнозинството на републиканците во Сенатот.
Ако е така - дали сето ова беше попусто за демократите? Дали постапката за отповикување на Трамп од должност е само губење време? Критичарите кои се против Трамп, но се и протим процесот за импичмент, велат дека демократите не требало да почнуваат ништо. Разултатот бил предвидлив уште од почеток и со нападите врз Трамп тој добил уште повеќе избирачи на своја страна.
Во една демократија законите важат за сите
Но, ваквите оценки го испуштаат најважното од вид - иако постапката на крајот нема да заврши како што посакуваат демократите, тие не можат едноставно да не укажат на погрешните постапки на Трамп. Со став „сеедно е, и онака ова не носи ништо“ се сигнализира дека човек како Трамп, со својата позиција може да си дозволи сѐ и да ги помине сите граници, онака како што му одговара. Тоа е неприфатливо. Во една демократија сите мора да се држат до правилата, па и луѓето на врвот.
Американците веќе три години гледаат како нивниот претседател се потсмева со малцинствата, сее омраза против мигрантите и ги брка сојузничките нации. Со своето погрешно однесување кон Украина прекршил закон со цел да обезбеди предност пред можниот конкурент Џо Бајден. Тоа демократите не смеат да го игнорираат. И, поради тоа сега не може да се повлечат, иако се работи за процедура на една постапка чиј крај се чини е познат.
На Трамп и на сите претседатели кои ќе дојдат по него мора да им биде јасно дека со САД не може да владеат како еден фараон, кој се смета за божји претставник на Земјата. Постојат закони до кои треба да се држат и ако тоа не го прават, мора да сметаат во најмала рака со судска постака. Сѐ друго би било предавство на демократијата.