1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Индискиот сој влезе и во С. Македонија

ДТЗ
7 јуни 2021

Кај пациент кој пристигнал од Ирак е потврдено дека боледува од позаразната варијанта на Ковид-19. Полицискиот час останува на сила до 15 јуни.

https://p.dw.com/p/3uWVZ
Symbolbild Indische Virus-Mutation B.1.617
Фотографија: Christian Ohde/CHROMORANGE/picture alliance

Првиот случај на заразен со индискиот сој на коронавирус е откриен во Северна Македонија. Станува збор за пациент кој пристигнал од Ирак и е хоспитализиран во приватна клиника. Кај него е детектирано присуство на индиски сој на вирусот СарсКов2, информира Министерството за здравство.

„Според епидемиолошката анкета што ја направила болницата, пациентот се вратил од Ирак, каде што претходно 10 дена бил хоспитализиран. Кога се вратил во земјава, веднаш со посебно санитетско возило бил пренесен во болницата. Состојбата на пациентот е стабилна и овој пациент не е знак за ризик“, велат од Министерството за здравство.

-повеќе на темата: Коронавирус: колку е опасна „двојната мутација“ од Индија?

Станува збор за поразна варијанта на вирусот која што го загрижува светот. Во Велика Британија е зголемена загриженоста поради новиот индиски сој на Ковид-19, кој според истражувањата е за 40 отсто позаразен од претходиот британски вид. Вирусот од неодамна е присутен и во регионот, каде пред пет дена во Хрватска беше пронајден сојот на коронавирусот B.1.617, кој за прв пат е откриен во Индија, но се работи за индивидуални случаи и властите тврдеа дека нема простор за паника. Овој вид, познат како двоен мутант, е доста заразен и има висок потенцијал за брз пренос.

Неодамна во земјава беше детектиран и случај на нигерискиот сој кај полковник на АРМкојшто заболе на мисија во Централноафриканската Република. По 22 дена на Инфективната клиника, тој беше пуштен дома.

Полицискиот час останува

Иако епиделимиолошката состојба е стабилна и бројот на новозаболени и на починати од Ковид-19 постојано опаѓа, дел од епидемиолошките мерки остануваат на сила. Комисијата за заразни болести му предложила на Главниот координативен кризен штаб да остане во сила полицискиот час до 15 јуни на целата територија во државата.

-повеќе на темата: СЗО: Индиската мутација на коронавирусот – глобален здравствен ризик

Како што информира Министерството за здравство, овој предлог на Комисијата е со цел да се ограничи дополнително групирање во доцните часови. „Епидемиолошката состојба во државата е стабилна, бројот на активни случаи се намалува, а драстично е намален и бројот на хоспитализирани пациенти во ковид-центрите на територија на цела држава“, велат од Министерство.

Вчера првпат по подолго време бројот на активни случаи заболени од Ковид-19 падна под 1000. Во  Пробиштип, Пехчево , Дојран  и Демир Капија нема активни случаеви на ковид 19, додека во главниот град бројот на активни случаи е 395. Во последните 24 часа се направени 1.375 тестирања, а регистриран е 1 нов случај на Ковид-19 од Куманово.Пријавени се вкупно 3 починати лица.