Инцидентот во Стокхолм е терористички напад
7 април 2017Шведскиот премиер Штефан Лофвен предмалку изјави дека сѐ упатува на тоа дека влетувањето на камион во продавница во центарот на Стокхолм е „терористички напад“. Претходно и државната безбедносна агенција соопшти дека го третира инцидентот како напад.
Досега е официјално потврдена смртта на две лица, но репортери на теренот велат дека виделе најмалку три жртви. Има и „голем број повредени“, според полициските портпароли. Едно лице е уапсено, но нема детали за неговата улога во нападот.
Издадено е предупредување за движење во центарот на градот и затворена е подземната железница. Наредена е и евакуација на главната железничка станица во градот.
Шведските медиуми јавуваат дека камион се забил во продавница во пешачката зона во центарот на главниот град Стокхолм. Камионот бил украден претходно во текот на утрото.
Шведските медиуми тврдат дека се слушнале и истрели од огнено оружје.
На социјалните мрежи кружат бројни фотографии и видеа од луѓе како бегаат од местото на нападот и кои покажуваат зголемено полициско присуство во градот.
Над Стокхолм надлетуваат хеликоптери, а сирените на полициските возила се слушаат насекаде, велат очевидци.