1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ин Мемориам Микис Теодоракис: Замина дел од грчката душа

2 септември 2021

Култниот филм „Гркот Зорбас“ му донесе светска слава. Микис Теодоракис не влијаеше само во музиката, туку и во политиката во родната Грција. Борецот против нацистите и диктатурата почина на 96 години.

https://p.dw.com/p/3zo2c
Komponist Mikis Theodorakis gestorben
Фотографија: Louisa Gouliamaki/epa/dpa/picture alliance

Микис Теодоракис, обожуваниот грчки композитор чијашто музика и живот инспирираше милиони луѓе во родната Грција и надвор од неа, почина на 96-годишна возраст во својот дом во Атина.
Парламентот одржа една минута молк во негова чест.
„Денеска загубивме дел од душата на Грција. Микис Теодоракис. Микис учителот, интелектуалецот, радикалот, нашиот Микис замина“, изјави министерката за култура Лина Мендони. 

Во својата земја, Теодоракис беше еднакво почитуван за неговата музика, но и за отпорот кон воената хунта. Неговиот опус се протегаше од опери, преку хорска до популарна музика која стана саундтрак за животот на неговата земја. 

Како член на движењето на отпорот во текот на нацистичката ера и грчката граѓанска војна по Втората светска војна, и како борец против воената диктатура помеѓу 1967 година и 1974 година, бил прогонуван, затворан и мачен. Дури по 1974 година, се врати во демократска Грција, и оттогаш е еден од креаторите на нејзината политика. 

Berlin | Dirigent Mikis Theodorakis: Ehrengast beim Festivals des politischen Liedes
Микис Теодоракис во Берлин, Источна Германија во 1980 годинаФотографија: picture-alliance/akg-images

Дел од грчкиот фолклор 

Името на Микис Теодоракис многумина го поврзуваат со познатата музика од култниот филм „Гркот Зорба“ (три оскари), кој во 1964 година му донесе светска слава. Танцот од тој филм „сиртаки“, многумина го сметаат за дел од грчкиот фолклор, иако е измислен за потребите на филмот. 

Микис Теодоракис компонирал и надвор од традиционалната музика. Има напишано повеќе од илјада песни. Тој, исто така, има компонирано и бројни симфонии, опери, камерна, балетска и филмска музика. Сепак, симбол на левичарските борци стана благодарение на едноставните, емотивни народни песни, кои се вкоренети во грчката традиција и во чии текстови ги озвучува големите поети од својата земја. 

Теодоракис е роден на 29 јули 1925 година, на егејскиот остров Хиос. На тринаесет години ја напишал својата прва композиција, откако за музиката се заинтересирал по гледање на еден стар филм за Бетовен. Младиот Микис сонувал за музичка кариера и се запишал на конзерваториум во Атина. 

Гркот Зорба 

Но, студиите набргу биле прекинати. Во текот на окупацијата на Грција од страна на германските трупи, Теодоракис се борел против нацистите. Во граѓанската војна во Грција од 1946 година до 1949 година, тој се придружил на левичарскиот Народен фронт. Со неговата музика кренал вистинска културна револуција. Правел музика за социјално критичките текстови на поетот Јанис Ристос со звуците на забранетиот народен инструмент - бузуки. 

Griechenland Mikis Theodorakis | Zorba The Greek  1964
Сцена од филмот Гркот Зорба со Ентони Квин и Алан БејтсФотографија: picture-alliance/United Archives/IFTN

Светска слава му донесе музиката од филмот „Гркот Зорбас“ со Ентони Квин и баладата „Маутхаузен“, која во 1965 година ја отпеа тогаш 16-годишната Марија Фарантури. Додека неговата музика во Грција го поддржуваше народот во потрага по модерен и културен идентитет, композиторот како пратеник во грчкиот парламент ја продолжи политичката борба. Се’ додека воената хунта не организираше државен удар на 21 април 1967 година и Теодоракис исчезна во илегала. Кога беше убиен парламентарецот од левицата, Григорис Ламбракис, Теодоракис напиша музика за политичкиот трилер „З“ за воспоставувањето на грчка воена диктатура, и така на својот идол му направи музички споменик. 

Апсен и измачуван 

Како основач на „Патриотски фронт“, Микис Теодоракис е повторно уапсен, мачен и прогонет во логор. Неговата музика е забранета. Само со помош на познати уметници како Дмитриј Шостаковиќ, Леонард Бернштајн, Артур Милер и Хари Белафонте, Теодоракис е пуштен на слобода и во 1970 година е депортиран во егзил. 

Griechenland Mikis Theodorakis
Алексис Ципрас и Микис Теодоракис во АтинаФотографија: picture-alliance/ANE

На концерти ја осудуваше диктатурата во сите бои и водеше кампања за отпор против воената диктатура во неговата родена земја. Во егзил во Франција ја компонираше познатата револуционерна песна „Канто Генерал“ според стиховите на чилеанскиот поет Пабло Неруда. 

По падот на диктатурата во 1974 година, Микис Теодоракис се врати во својата татковина и беше славен како икона на слободата и народен херој. Микис Теодоракис е „гласот на народот“ во Грција. Постојано се бори против авторитети и неправди. Секој кој игра важна улога во земјата, мораше еднаш да разговара со него. Беше широко почитуван во Грција, од стари и млади, а неговата музика се свири на секоја прослава.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи