„Исламска држава“ презеде одговорност за нападот во Берлин
20 декември 2016Терористичката организација „Исламска држава“ преку соопштение ја презеде одговорноста за нападот во кој загинаа 12 лица, а 48 беа повредени. Преку својата новинска агенција „Амак“, „Исламската држава“ тврди дека возачот на камионот кој предизвика масакр во Берлин целел кон „граѓани на крстоносната коалиција“.
Претходно, германското обвинителство го ослободи од притвор 23-годишниот Пакистанец кој беше првоосомничен како сторител на нападот поради недостаток на докази.
Вечерва, откако беше објавено дека осомничениот е ослободен, германскиот министер за внатрешни работи за вториот канал на јавниот сервис изјави дека „сторителот веројатно се уште е на слобода“. Тој предупреди и дека е прерано да се извлекуваат политички заклучоци од инцидентот.
Претходно и шефот на берлинската полиција потврди дека уапсениот Пакистанец веројатно не е напаѓачот.
„Имаме погрешен човек и оттука и нова ситуација. Вистинскиот напаѓач е се уште вооружен, на слобода и може да предизвика уште проблеми“.