Истрага за можна вмешаност на ИД
20 јули 2016По нападот со секира во регионалниот воз кај Вирцбург, кој го изврши 17-годишен Авганистанец, Сојузното германско обвинителство ги презеде истражните постапки. Постои сомневање дека атентаторот целно го извршил злосторството како член на таканаречената Исламска држава, соопшти обвинителството во Карлсруе.
Ваквиот чекор беше образложен и со фактот дека терористичката организација во меѓувреме ја презеде одговорноста за нападот. Покрај тоа интернет агенцијата поврзана со ИД, Амак објави видео со атентаторот Риад Кан Ахмадзаи (насловна фотографија).
„Во вакви услови, треба да се разоткрие дали во планирањето и извршувањето на нападот се вклучени и други луѓе“, се вели натаму во образложението. Сојузното обвинителство затоа спроведува истрага против непознати лица поради сомнение за членство во странска терористичка организација и обид за убиство. Повеќе детали не беа соопштени поради тековните истражни постапки. Службата за борба против криминалот на покраината Баварија, во која се наоѓа Вирцбург истотака ја продолжува сопствената истрага.
Де Мезие: Злосторство на заведен поединец
Атентаторот според досегашните сознанија на безбедносните служби не добил конкретен налог од Исламска држава за извршување на нападот. Станува збор за злосторник-поединец, кој бил „подбуцнат“ од пропагандата на ИД, изјави германскиот министер за внатрешни работи, Томас де Мезие. Тој се заложи за поголем видео-надзор, повеќе полициски сили и подобра заштита на полициските службеници.
17-годишниот Авганистанец, кој пред две години пристигнал во Германија како бегалец, во понеделникот вечерта во регионален воз кај Вирцбург повреди четири члена на едно семејство туристи од Хонгконг. Тешко беше повредена и случајна минувачка, која се обидела да го запре напаѓачот при бегството од возот. Кратко потоа младиот човек беше застрелан од страна на полицијата. Две од неговите жртви денеска и натаму се наоѓаат во животна опасност.