1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Италија го покажува трендот во Европа

Бернд Ригерт
6 март 2018

Секој втор Италијанец гласаше за популистички партии. Државата ќе се промени. Италија не е првата земја во ЕУ која оди во тој правец. Системот е во движење, оценува Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/2tmKz
Italien Wahl 2018
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Calanni

Популистичкиот земјотрес во Италија претставува длабок политички рез во таа земја, но и во Европа. Стариот систем, во кој социјалдемократите и конзервативните партии на Берлускони беа наизменично на власт, е уништен. На местото на старите народни партии се поставени нови полови. Политички партии на левицата и десницата во Италија стануваат две нови народни партии. Тоа е факт, дури и ако тој не му се допаѓа на новиот естаблишмент. Во Италија се случува она што веќе го доживеаја или ќе го доживеат и други земји во ЕУ.

Повеќе:  Победа на популистите во Италија

Во Грција на власт е коалиција на радикални левичари и десничари. Во Унгарија владеат конзервативни популисти. Во Франција на изборите победи една антисистемска партија и притоа во шах ги држеше десничарските популисти, кон кои инаку стреми една третина од француските избирачи. Рака на срце, движењето на Емануел Макрон - за разлика од многу други - е наклонето кон Европа. Во Австрија десничарските популисти се во владата. Во Германија тие седат во Бундестагот како најголема опозициска партија. Во делови од источна Германија АфД е најсилна партија. Во Велика Британија едно националистичко антидвижење кое се протега низ сите познати партии, се избори за Брегзит.

Се менува политичката сцена во Европа

Италија, значи, не е осамен случај, туку продолжение на развојот кому етаблираните партии во Европа можеа да му спротивстават малку нешто. Едноставниот аргумент дека новите екстремни конкуренти од лево и од десно, се „популисти“, веќе не е доволен. На избирачите за тоа не им е грижа. Тие, како што стана јасно во Италија, сакаат нешто ново, свежо, алтернатива. Таа желба се храни од длабокото незадоволство со ефектот од досегашниот систем. Во Италија таквото незадоволство тлееше долго, а сега дојде до популистичка, антиевропска, националистичка ерупција критична кон системот. Десничарскиот победник на изборите Матео Салвини веќе ден по изборите рече дека „популизмот“ за него е „почесна титула“, зашто, како што вели, тој е тука поради народот и сака да го слушне неговиот глас - „vox populi“.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

Сѐ повеќе избирачи во Европа немаат проблем со негативните особини, неисполнетите ветувања и суровата пропаганда, која етаблираните обично им ги припишуваат на популистите. Тие сакаат едноставни решенија за комплексни проблеми. А, доколку такви нема, виновни се другите. Многу популисти, од Велика Британија до Италија, во тоа се угледаа на предводникот на сите популисти, претседателот на САД, Доналд Трамп. Не е случајно што Трамповиот суфлер и разорувач на системот, Стив Бенон, еден ден пред изборите осамна во Рим и му даде поддршка на екстремниот десничар Салвини.

Популизмот во Европа не е само десничарски феномен. Во Европскиот парламент е успешната партија „5 ѕвезди“ од Италија и тоа во иста пратеничка група со националистичките борци за Брегзит на британската Партија за независност. Радикалната левичарска Сириза од Грција има свое место во пратеничката група на левичарите. Силвио Берлускони, кој за потребите на овие избори во себе повторно го откри десничарскиот популист, со својата превртлива „Форца Италија“ седи во демохристијанската група - веднаш до германските партии ЦДУ и ЦСУ.

Популизмот е најчесто антиевропски

На луѓето кои се залагаат за европско обединување и мирно добрососедство голема загриженост им предизвикува тоа што популистите и антисистемските партии речиси без исклучок се против ЕУ, против Европа и делумно се националистички обоени. „Италијанците пред сѐ“ - гласеше борбениот повик на Салвини, позајмен од Доналд Трамп. Австрија пред сѐ, вели ФПО, која владее во Виена. Ако сите почнат да викаат „пред сѐ“, тогаш чувството на заедништво на Европејците наскоро ќе стане шуплива фраза. Шефот на „Лега“ бараше „ослободување“ на Италија од ЕУ. Тоа е слична бесмислица како и наводната експлоатација на Велика Британија од страна на ЕУ. Но, опасно е што сѐ повеќе избирачи во Италија веруваат во таа бесмислица.

Повеќе:  Моја Европа: Популистичка мобилизација

Новите партии, разорувачите на системот, популистите на интернет и на т.н. социјални медиуми создадоа свои, многу успешни, плус и многу евтини канали за комуникација. Етаблираните партии во многу делови на Европа како да го преспаа тој тренд. Мрежата, мисловниот балон, незнаењето и популистичкиот успех одат заедно. Парламентарните демократии наскоро би можеле да се претворат во диригирани диктатури на мислење во мрежата. Контролата е во рацете на Твитер? Кај американските концерни? Кај руските фарми на тролови? Кај севернокорејските хакери?

Италија на овие избори се преобрази засекогаш. Која земја ќе биде следна? Во Германија СПД веќе не е народна партија. Кога таквата судбина ќе ги снајде и демохристијаните? Или етаблираните партии, кои во суштина стремат кон политичкиот центар, ќе успеат да го свртат популистичкиот тренд во обратна насока?

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија