1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И „Александар Велики“ ќе помогне во спорот за името

24 јули 2017

Периодот меѓу наредните два изборни циклуси во Македонија е можна временска рамка за решавање на спорот за името, пишуваат грчки медиуми. Гест на добра волја Атина би го сметала преименувањето на аеродромот во Скопје

https://p.dw.com/p/2h2HD
Skopje Flughafen Umbenennung
Фотографија: picture-alliance/dpa

Следната година може да биде клучна за решение на долготрајниот спор меѓу Грција и Македонија за официјалното име на државата, пишува грчкиот весник „Катимерини“ повикувајќи се на дипломатски извори. Во текстот под наслов „Клучна година e 2018-та за да се реши спорот со Скопје“, весникот објавува дека официјални претставници во Брисел и во Вашингтон сметаат дека потенцијална можност за решавање на спорот за името е периодот меѓу локалните избори во октомври 2017 година и претседателските избори во 2019 година во Македонија. Во тие 18-20 месеци се очекува стабилна, добрососедска и перспективна политика на коалициската влада на Зоран Заев, насочена кон евроатлатските интеграции, нешто во што не успеа неговиот претходник Никола Груевски.

„Надежи за решавање на проблемот се појавија откако премиерот Зоран Заев формираше влада во јуни по неколку месеци политички хаос. Друга причина поради која дипломатите сметаат дека решението е остварливо, е тоа што американскиот интерес за регионот повторно се засилува, главно поради загриженоста дека Русија може да се обиде да го прошири своето влијание над слаби држави“, пишува весникот.

Griechenland Mazedonien Treffen der Außenminister in Athen
Фотографија: Reuters/C. Baltas

Ресетирање на интересот за Балканот

Според анализите, рестартирањето на балканската агенда се должи на „генералното ресетирање“ на интересот и загриженоста на САД за регионот поради три причини: да се надмине досегашниот начин на размислување кој доведе до модел на „ограничена стабилност“ на Балканот. Второ, поради одредени состојби во БиХ, и трето, затоа што Вашингтон стравува дека нерешавањето на проблемите во некои држави на Балканскиот полуостров, ќе и овозможи на Русија да го зголеми своето влијание во тој регион, кој е „слабата точка“ на Европа.
Како што пишува „Катимерини“, американски официјални претставници го забележале враќањето на прагматизмот во Македонија и сметаат дека властите се подготвени да направат компромиси и отстапки.

„Западните дипломати не ги притискаат ниту Атина ниту Скопје за попусти во оваа фаза, но ги советуваат и двете страни да избегнуваат јавен дијалог за темата, за да не создаваат очекувања. Целта е да се преземат чекори и од двете страни следната година и преговорите да бидат завршени пред претседателските избори во Македонија во 2019 година, кога Грција ќе излезе на парламентарни избори“, пишува весникот.

Matthew Nimetz
Фотографија: MIA

Според истите извори, Скопје може да се повлече од некои позиции, а флексибилност и еластичност да покаже и Атина, која сака да разговара за сложено име. Се смета дека одредени чекори напред може да се направат до Состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО, што ќе се одржи идниот декември. Особено што министерот за надворешни работи Никос Коѕијас во август ќе има возвратна посета на Скопје, откако неговиот македонски колега Никола Димитров беше во Атина во јуни. Она што се смета важно во овој момент, е избегнување јавни дебати кои може да создадат преголеми очекувања веднаш, со оглед дека Скопје и Атина сигурно нема да се „сретнат“ 100 % во разговорите, кои нема да бидат лесни. Но секако, не треба да се водат во време на изборни кампањи, туку во неизборен период, а од двете земји се очекува да направат одредени отстапки, како чин на добра волја.    

Какви отстапки очекува Атина?

Според грчки медиуми кои се повикуваат на изјави на грчки политичари, „комуникациите со Скопје рефлектираат дух на добра волја за решавање на спорот, но Атина очекува и конкретнен гест кој ќе ја потврди таа добра волја“. Грција, наводно била свесна дека менувањето на „Скопје 2014“ е скап проект, особено на одредни споменици кои Атина ги доживува како провокација, па очекувањата биле насочени кон потези на добра волја од симболичен тип, како на пример, преименувањето на скопскиот аеродром „Александар Велики“ .

Mazedonien Flughafen Alexander der Große eingeweiht in Skopje
Фотографија: AP

Медиумите засега не прецизираат кои би биле отстапките на Атина, но се почесто се спомнуваат синтагмите за можни „поеластични и пофлексибилни грчки ставови, во интерес на стабилноста на регионот“.

„Можности“ за продолжување на разговорите за спорот за името меѓу Атина и Скопје, и „можни решенија“ идентификуваше и специјалниот посредник на ОН за спорот за името, Метју Нимиц. По минатонеделната средба со Коѕијас во Брисел, тој изјави: „Мора да бидеме реални. Ништо нема да се направи во многу кратко време. Но, јас ќе дадам се од себе за да се вратиме во сериозни преговори и да се бараат можни решенија“.
Нимиц ја истакна важноста да не се пропушти отворената „нова шанса“ за решавање на спорот со името.