И „Гугл“ мора да отпушта
20 јануари 2009Менаџерот Ласло Бок на официјалниот блог на „Гугл“ најави дека фирмата отпушта сто вработени во персоналното одделение. Претпријатието со седиште во Маунтин Вју во Калифорнија изјави дека и покрај лошата состојба во економијата, ќе продолжат со нови вработувања во други сектори. Секако многу помалку од досега. Германското претставништво на „Гугл“ засега не е погодено од укинувањето на работните места.
Лидерот меѓу системите за пребарување и рекламирање на интернет во текот на изминативе години драстично го зголеми бројот на вработени. На крајот на септември, минатата година, во „Гугл“ работеа околу 20.100 лица, или 4.200 повеќе отколку минатата година. Менаџерот Ерик Шмит во ноември најави дека во иднина „повеќе ќе внимаваат на трошоците“. Поради тоа укинаа неколку проекти и отпуштија дел од вработените.