Кабинетот на Олаф Шолц – конечно влада која сака да владее
9 декември 2021Понекогаш и коментаторот мора да признае дека згрешил. Денес е таков ден. Пред четири недели со оглед на мојата прогноза дека ќе имаме долги преговори за новата влада, напишав оти Германците би можеле сосем трпеливо да го чекаат исходот и дека земјата добро функционира и без вистинска влада.
Она што важеше за време на формирањето на владата пред четири години, среде пандемијава се покажа дека е сосем погрешна претпоставка. Имено, иако виролозите уште од летото предупредуваа токму од вакво сценарио, Германија во последната фаза на предизборната кампања за парламентарните избори, а уште повеќе во неделите по изборите се соочи со силен четврти бран. Но, се чинеше оти никому не му е грижа.
Летаргија и преокупираност сами со себе
Старата влада која уште два месеци по изборите имаше технички мандат, не покажа некоја поголема амбиција и остана летаргична, како што тоа често се случуваше и во текот на мандатот. Новата коалиција пак беше преокупирана сама со себе и во барањето на заеднички точки. Така дојде до големи грешки како што е затворање на центрите за вакцинација (како да не беше јасно дека ќе биде потребна и трета доза) или јавната дебата за можна прослава на таканаречениот „Ден на слободата“. И Бундестагот прогласи крај на вонредната состојба и ограничувањата – како сѐ да поминало.
Притоа актуелната ситуација е драматична – по рекордниот број новозаразени, сега рапидно расте и бројот на починати. Дека вака веќе не може понатаму, во меѓувреме сфати и новата влада и одеднаш демонстрира одлучност и акција – веќе следната недела Бундестагот ќе донесе одлука за задолжителна вакцинација за припадниците на одредени професии, а извесно е дека на пролет ќе биде донесена одлука за задолжителна вакцинација за сите.
Со тоа владата на Олаф Шолц оди по патот кој ќе ја чини и неа и политиката воопшто голема загуба на довербата од граѓаните – сите партии во предизборната кампања, па и по неа, ветуваа дека со сигурност нема да биде воведена задолжителна вакцинација. Можната радикализација на противниците на вакцинирањето може да станат посебен предизвик за новата влада.
Мора ли повторно канцелар социјалдемократ да влезе во војна?
Вториот потенцијален непријатен предизвик за новиот канцелар Шолц и неговата влада демне во Источна Европа. Како ќе реагира Германија ако Владимир Путин и де факто им издаде наредба за напад на Украина на своите трупи наредени долж источната граница? Додуша велат дека историјата не се повторува, но ситуацијата во многу нешта потсетува на пролетта од 1999 година кога токму новиот социјалдемократски канцелар и министерот за надворешни работи од Зелените ги испратија германските војници во воен ангажман за прв пат по 1945 година. И тогаш во косовската војна се работеше за заштита на еден народ, на што со членството во НАТО Германија воопшто не беше обврзана.
Со оглед на овие горливи проблеми, големите реформски планови на новата коалиција која сака „да се осмели за поголем прогрес“ се западнати во втор план.
И онака ќе се покаже до која мера е присутен ентузијазмот кај Германците за борбата против климатските промени (според анкетите за најголемиот дел од населението ова е најгорлив проблем), кога ќе забележат што тоа конкретно значи за нивната благосостојба и стандард. Имено, не е доволно повремено државата да носи одлуки кој никој не би ги почуствувал ниту во секојдневието, ниту во својот паричник. „Климатската неутралност“ не се постигнува на тој начин.
Колку долго ќе гори суперновата?
Изненадување на годината е тоа што Олаф Шолц сега е избран за канцелар - до пред шест месеци никој (вклучително и јас) не би се обложил на него. А, партиите од Унијата во неделите по изборите уште повеќе нагласуваа дека во моментот се сѐ друго освен кадарни да владеат. Шолц сепак не треба да заборави дека победата на изборите на Социјалдемократите врз која се темели неговиот избор за канцелар, беше многу тесна. Таа предност во гласови брзо може да биде прокоцкана. Статистиката вели дека Германците во изминатите 50 години секоја влада и секој канцелар го реизбрале барем за уште еден мандат, но тоа не му дава право да очекува дека истото ќе му се случи и нему. Шолц и неговиот кабинет мора сега да испорачаат резултати. Инаку семафор коалицијата би можела да биде само една минлива епизода.