Европскиот брод во немирно море
4 декември 2015
Оние кои разговараат, не пукаат. Тоа би можело да биде неофицијалното мото на годинешниот Министерски совет на ОБСЕ. Тоа беше најочигледно во напорите на земјите членки да ги сместат министрите за надворешни работи на Русија и Турција во една соба на тет-а-тет разговори.
Напорот се покажа успешен- Сергеј Лавров и Мевлут Чавушоглу минаа повеќе од половина час заедно на првите разговори меѓу двете земји по соборувањето на рускиот авион во Сирија. Не се познати детали од разговорите, но нема дилема дека разговараа.
ОБСЕ е единствениот форум во Европа кој е отворен за сите земји, без разлика во каква позиција се. Но, одлуките се носат со консензус и тие се необврзувачки. На ум доаѓа сликата на тигар од хартија, тигар од хартија со 57 нозе, сите со различна должина и сила.
Но шефот на германската дипломатија се одлучи за поморска метафора: „Европа плови по немирни води“. Франк Валтер Штајнмајер потврди дека го загрижува заедничката безбедност на Европа. Потоа стана и подиректен. „Минаа 12 години откако последен пат успеавме да се договориме за заедничка политичка изјава во ОБСЕ! Изгледа дека веќе не можеме да најдеме консензус“. Договорените принципи, дополни Штајнмајер, за жал беа прекршувани на неприфатлив начин минатите години.
Во немирни мориња со стар брод
Сега Германија го презема претседавањето со ОБСЕ следната година. Не затоа што така налага ротацијата, или затоа што мора, туку затоа што сака. „Германија не може да го спаси безбедносниот поредок на Европа во една година“, вели Волфганг Ишингер, прв човек на Минхенската безбедносна конференција. „Но освен она што мора да го стори на кус рок, како што е намалувањето на ризикот од војна, Германија мора да отвори процес со кој ќе се решаваат среднорочните и долгорочните проблеми“.
Германскиот претседавач со ОБСЕ наведе три особено важни точки на кои планира да се концентрира: Најпрво, по искуството со украинскиот конфликт, реакциите на кризите мора да бидат побрзи, поодлучни и по суштински. Второ, мора да се изгради доверба за да се намали воениот ризик- како што беше соборувањето на рускиот авион од страна на Турција. И трето, ОБСЕ мора да изнајде сеопфатен план за безбедносниот поредок во Европа.
Некои се надеваат на повторување на Договорот од Хелсинки од 1975 година. Групата експерти околу Ишингер предвидува и одржување на Самит на ОБСЕ на ниво на државни лидери со цел да се изгради нов, обврзувачки европски безбедносен поредок, но не следната година.
Германскиот министер за надворешни работи, сепак и натаму размислува за спасување на бродот: „Да не си го уништуваме бродот, ОБСЕ, во немирни мориња, само затоа што е тешко да одлучиме за изградба на заеднички курс! Да не се обидуваме да градиме нов брод кој со себе носи опасност од неуспех, туку, да го зајакнеме и засилиме нашиот брод“.
Пред Штајнмајер да го одржи својот поздравен говор, неговиот руски колега Лавров му посака „Многу среќа на кормилото“. Двајцата се познаваат многу добро. Разговорот помага.