Како српските граничари изнудуваат мито од Албанците
28 август 2021Веќе е осум часот наутро, а августовското сонце веќе убаво пече поради што на бензинската пумпа кај Адашевац се бара сенка повеќе. Тоа е првата бензинска пумпа по влезот во Србија од Хрватска каде по чекањето на гужвата на граничниот премин многумина застануваат да протегнат нозе и да наточат нешто поевтин бензин.
Под сенката од дрвјата, покрај автомобилот со германски таблици, четворица појадуваат и си муабетат на албански јазик. Патуваат за Косово. Дали е вистина дека полицајците на српската граница им бараат мито секој пат кога ќе влезат во Србија?
„Ни земаат по 10 евра. Пробав да им дадам само пет, но ми рече дека е малку," ни раскажува еден од Албанците по потекло од Приштина.
„Не е страшно, не е голема сума, ама сепак не е во ред. Што мислиш колку пари вкупно земаат на овој начин!?"
Судејќи според сведоштвата на десетина косовски државјани со кои разговараше репортерот на ДВ, „друмскиот арач" на граница не е исклучок, туку правило и тоа особено на граничните премини меѓу Србија и Хрватска или Унгарија. Понекогаш полицаецот кој ги проверува документите отворено бара пари, а понекогаш самите патници си ставаат по десет евра во пасош бидејќи си знаат дека така оди постапката.
Еден од оние кои поминале низ ова на Твитер напиша дека на оние кои ќе одбијат да платат мито им се заканува долго чекање од неколку часа. Под изговор за дополнителни проверки, овие луѓе се издвојуваат на страна да чекаат додека граничарите не се смилуваат да ги пуштат. Затоа митото - чиј износ очигледно е фиксно десет евра по лице - масовно си го плаќаат, како оние кои патуваат со автобус, така и оние со автомобил.
Документ како изговор
Еден искусен полицаец, кој е дел од секторот за внатрешна контрола многу пати апсел корумпирани граничари и цариници, за ДВ вели дека не е изненаден од тоа што има воспоставена изедначена фиксна тарифа.
„Тоа е цифра која никому не му прави голема штета и луѓето лесно прифаќаат да ја платат. И сите учествуваат во ова, од командантот на станицата до последниот полицаец".
„Има некаква колегијалност и солидарност. Никој не сака да пријави колега. Не е лесно да се пробие овој ѕид на молк. Но, тие се свесни дека кога-тогаш ќе бидат фатени. А кога ќе се случи тоа викаат ‘што да правам, знаев дека ќе ме фатат, но ми требаа пари'," вели нашиот извор.
Но, изворот додава дека за да „паднат” корумпираните полицајци некој мора да ги пријави, а потоа и да сведочи против нив. А, тоа најголемиот дел луѓе кои само транзитираат низ Србија го сметаат за губење време.
Повеќе соговорници на ДВ го отфрлаат интерпретирањето на оваа појава како политички мотивиран третман на косовските Албанци. Повеќе станува збор за тоа дека лицата со косовски документи не можат да поминат низ Србија користејќи косовски пасош, туку само лична карта и посебен „документ за влез и излез” кој се издава на граница и на кој стои дека „издавањето на документот не го прејудицира статусот на Косово“.
Документот има важност од два месеца, а потоа се издава нов по потреба. „Тој документ е добар изговор за корупција бидејќи може да се издаде за минута или за три часа. Секогаш може да се каже дека не работи принтерот или дека има други приоритети. Тоа е клсично кривично дело на примање мито кога човекот го уценуваат со чекање”, вели нашиот извор. Министерството за внатрешни работи во Белград не одговори на прашањето на ДВ дали им е позната ваквата пракса и што преземаат во врска со тоа. Немаше одговор ни колку припадници на Управата на гранична полиција во последно време биле пријавени за примање мито.
Мака со косовските пасоши
Косовскиот политички аналитичар Шпетим Гаши потсетува дека ЕУ уште не го исполнила ветувањето за безвизен режим за косовските граѓани што секое излегување од земјата го прави и поскапо и комплицирано. Во Приштина годишно се поднесуваат околу 90 илјади барања за визи, со што во касите на странски амбасади се влеваат вкупно 3 милиони евра.
Гаши знае и за митото на српска граница. „Некогаш го викам доброволно митооти се плаќа и однапред како превентувна мерка за да се избегне чекање”, вели тој за ДВ.
„Косовските Албанци имаат всаден страв поради војната кога патуваат низ Србија. Затоа по Бриселскиот договор во 2013 година, кога Албанците беа во уште поголем страв се зборуваше за мито од 50 евра. Сега се чувствуваат поопуштени во Србија, па и тарифата паднала на десет евра”, додава Гаши.
Иако некои го нарекуваат „ситна” корупција, или давање „бакшиш”, се претпоставува дека милионска сума се одлева од џебовите на патниците и се влева во џебовите на релативно мал број полициски службеници. Некои проценки велат дека околу половина милион лица со косовски документи живеат во Западна Европа, а речиси сите кои одат на одмор во татковината користат копнен пат, односно проаѓаат низ Србија и плаќаат арач.