1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Како Струга, нема друга

8 мај 2020

Како следењето на литијата „од тротоарите“ се претвори во масовно учество во неа, без почитување на мерките и пред очите на полицијата? Најавена е истрага.

https://p.dw.com/p/3bvRt
Nord-Mazedonien Skopje | Coronavirus | Entnahme Abstrich Corona-Test
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Министерот за здравство Венко Филипче бара истрага, СДСМ бара оставка од  министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, вицепремиерот Бујар Османи порача дека ќе има одговорност, а Чулев најави дека ќе се испита случајот. 

Вакви се реакциите по традиционалната литија што се одржа вчера во Струга, откако снимките покажаа масовно присуство на верници од кои голем дел не се придржуваат до мерките за заштита од Ковид-19: не носат заштитни маски, ниту држат дистанца. Полицијата не го спречила тоа.

Струшката Еордија спаѓа во категоријата „Значајно културно наследство“, заштитено со закон и преку здружението „Рајчица“ е помагана од Министерството за култура. Организаторите на овој верски настан, на кој традиционално се прикажуваат чудотворната икона и моштите на светиот великомаченик Георгиј Победоносец, сметаат дека немаат одговорност за масовниот собир, бидејќи самите најавија дека ќе се одвива со посебни протоколи и дека во поворката ќе учествуваат само свештени лица.

„Поради вонредната состојба со пандемијата на коронавирусот, и во согласност со превентивните мерки на државните и здравствените власти, овој пат Литијата ќе биде составена само од дел од локалното свештенство и монаштво, без присуство на верниот народ. Учесниците ќе се придржуваат кон потребните мерки, а локалното население ќе може да ја проследи само од по тротоарите на улиците каде што таа ќе минува, држејќи го препорачаното растојание“, беше наведено во соопштението на Бигорски манастир од 4-ти мај.

Nord-Mazedonien: Venko Filipce, Gesundheitsminister
Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Од тротоари на улица

Како следењето „од тротоарите“ се претвори во масовно учество на литијата? Социолози веќе посочија дека во екот на корона-кризата ќе се засили трендот на религиозноста, бидејќи слични ситуации во минатото покажале дека кризите или рестриктивните мерки најсилно ги мотивираат луѓето да бараат утеха, а неа најбрзо ја наоѓаат во духовното, во религијата. Тоа особено се случува кога науката ќе се соочи со нешто ново и непознато, за кое нема доволно одговори, како во случајов, за коронавирусот. Засилувањето на религиозноста не се случува само за време на здравствени, туку и за време на големи финансиски и економски кризи. Според социолозите, и традиционалните верници кои оделе на литургии два пати годишно само на најголемите празници, во кризни ситуации покажуваат многу поголема активност и увереност во верата, а се случува дури и агностици да почнат да го менуваат нивниот став. 

Повеќе:

-Коронавирус- вакцинирање по Агатангел

-Најтажниот ден и најдолгиот карантин

-МПЦ-ОА: Молете се во срцата!

Иако е јасно дека во оваа криза не е во опасност верата или односот на верниците кон неа, туку исклучиво нивното здравје, кај дел од верниците се јавува чувство на вина дека ако се дистанцираат од богослужбите, како да се дистанцираат од Бога. Но, со евентуалните здравствени последици од таквото поведение, ќе мора да се справуваат политичките, а не верските власти.

Крајно разочарувачки

„Сцените кои ги гледам од Струга се крајно разочарувачки за мене“, објави на Фејсбук министерот за здравство, Венко Филипче.

„Ги толкувам единствено како целосно непочитување на здравствените работници и сите кои деноноќно работат за да ја надминеме кризата. Од почетокот постојано повторувам дека без поддршка од граѓаните, здравствените работници не можат да направат ништо. Буквално ништо. Ако сакаме да го задржиме овој позитивен тренд мора ги почитуваме мерките без исклучок. Барам да се спроведе истрага како се дозволило да се случи ваков вид на собир кој е строго забранет“, порача министерот за здравство.

Реагираше и вицепремиерот Бујар Османи, кој на Фејсбук сподели фотографија од верскиот собир во Струга и најави дека ќе има одговорност.

„Во градот каде што смртноста од вирусот е 20% од бројот на заразени. Ова е највисоко ниво на неодговорност. Сега ниту една мерка нема смисла. Ќе има одговорност!“, порача Османи.

СДСМ: Оставка од Чулев

Од СДСМ побараа оставка од министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев заради загрозување на здравјето и безбедноста на граѓаните.

„Јавноста беше сведок на масовно прекршување на забраната за групни собири во Струга. Стотици граѓани без заштитна опрема, без соодветна дистанца масовно се движеа низ Струга. Наместо предупредување, укажување и спречување на масовен собир во услови на опасна здравствена пандемија, полицијата иако присутна на настанот, не само што не реагираше, туку немо го следеше прекршувањето на забраната“, обвинија од СДСМ.

Од партијата наведоа и неколку други последици во ист ден, поради кои Чулев треба да поднесе оставка: злоупотребувајќи го Денот на полицијата тој организирал јавен собир без запазување на мерките за заштита на присутните и на полицајците; поради обидот на негови соработници да попречат новинари во вршење на нивната работа, притоа заканувајќи им се со физичка сила; поради тоа што новинарските екипи и претставниици на дипломатскиот кор добија чадна бомба во непосредна близина, со што е загрозена и нивната безбедност и здравје. 

Nord-Mazedonien | Coronavirus | Pressebilder Kabinett des Präsidenten | Nake Culev , Innenminister
Фотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

„На овие скандалозни настани треба да се додадат и бројните случаи со злоупотребата на полицијата за партиски цели на Мицкоски и непреземањето ништо за кришење на мерките и препораките од страна на навивачи блиски до ВМРО-ДПМНЕ“, потенцираа од СДСМ.  

Чулев во интервју за ТВ „Алфа“ најави дека ќе се испита случајот.

„За литијата во Струга ќе постапиме согласно полициските процедури да видиме кои се пропустите што се направени од страна на полициските службеници во Струга и во СВР Охрид. Имавме вакви случаи во Сингелиќ и Гевгелија, не е прв случај, генерално граѓаните ги почитуваат мерките, но се работи за важен верски настан којшто не е добро организиран очигледно. Како МВР ќе извршиме препознавање и доколку е неопходно ќе биде санкцинирано“, изјави министерот за внатрешни работи.

За барањето од СДСМ за негова оставка, Чулев смета дека е мета на организиран напад од партиските пи-ар служби кои имаат за цел негова лична и професионална дискредитација.