1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како Трамп манипулира со говорот

Кристине Ленен
16 јануари 2021

Едноставни реченици, приемчиви пораки: реториката на Доналд Трамп одлично поминува кај неговите поддржувачи. Може ли неговиот наследник Џо Бајден да ја обедини поделената нација?

https://p.dw.com/p/3o0Pq
USA I Donald Trump I Sanford
Фотографија: Orlando Sentinel/newscom/picture-alliance

Кога Доналд Трамп има нешто да каже неговите зборови се слушаат во целиот свет. Во неговиот четиригодишен мандат републиканскиот претседател ги користеше зборовите како политичко оружје, особено на твитер. Своите критичари ги нарече „губитници“ и „хејтери“, медиумите не беа дури ни достојни за „мејнстрим“ туку веднаш оквалификувани како „искривоколчени“, а вакви „епитети“ имаше и за поранешни вработени како на пример министерот за надворешни работи Рекс Тилерсон кого на твитер го нарече „мрзлив“ и „глупав како ќускија“. Тој секогаш се фалеше со неговиот висок коефициент на интелегенција, ги навредуваше своите противници и ги подбуцнуваше своите приврзаници постојано повторувајќи дека „изборите му се украдени“. Тоа секогаш го пишуваше со големи букви: „ЈАС ПОБЕДИВ НА ИЗБОРИТЕ!“

Дури и наративот кој го користи покажува колку едноставен поглед на светот има Доналд Трамп. Тој и неговите поддржувачи се добрите, а сите останати се лошите. Како и сите популисти, и Доналд Трамп одлучува кој му припаѓа на народот – имено, само оние кои нему му даваат поддршка. Од друга страна за елита се сметаат сите оние кои се против него и тие му посакуваат само лошо на народот.

Трамп како „јазичен пироман“

Оттука воопшто не е изненадување што Доналд Трамп на демонстрациите на 06 јануари ги повика своите поддржувачи да маршираат до не многу оддалечениот Капитол. Таму членовите на Сенатот пак требаше да ја потврдат победата на противникот на Трамп, идниот претседател на САД, Џо Бајден. Според Доналд Трамп елитите биле тие што им го украле гласот на народот.

На овие демонстрации за првпат неговите зборови, неговиот повик за насилство не беа филтрирани преку телевизија или социјалните медиуми, туку им беа директно упатени на неговите поддржувачи,“ вели Беренже Виено, преведувачка и доцент во Париз која неодамна ја издаде и книгата „Јазикот на Доналд Трамп“.

Frankreich Autorin Bérengère Viennot
Беренже Виено, преведувачка и писателкаФотографија: Pierre Hybre/MYOP

„Со неговиот начин на комуникација во последните четири години Доналд Трамп всушност ги подгреа своите следбеници за еден ваков момент. Со неговиот наратив беше очигледно дека неговите поддржувачи ќе станат насилни.“

Напад врз срцето на демократијата

Поддржувачите на Доналд Трамп го зедоа „здраво за готово” на 06 јануари 2021 година, кога маршираа кон Капитол и потоа упаднаа во белата зграда која е седиште на американскиот парламент и за американските граѓани симбол на срцето на демократијата.

Повеќе:

-Цензура или спречување на антидемократско подбуцнување

-И Јутјуб го блокираше Трамп

-Само исклучување на Трамп од социјалните мрежи- нема да е доволно

Кога Стивен Колберт, водител на популарно хумористично вечерно шоу на Си Би Ес во Њујорк, го коментираше упадот во Капитол од дента, за првпат не направи ниту една шега. Наместо тоа раскажуваше дека роднина дента му испратил слика од Капитол со порака– „Само поминавме за да се увериме дека се е добро.“ Сѐ е добро, бунтовниците се повлекоа.

Поддржувачите на Доналд Трамп не можеа да го спречат Сенатот да ја потврди победата на Џо Бајден. На 20 јануари 2021 година на официјална инаугурација тој ќе стане 46. Претседател на Соединетите Американски држави – општеството во САД сега гледа кон иднината.

Џо Бајден е за помирување

Кога идниот претседател Бајден испраќа пораки на твитер употребува сосем различен наратив од својот претходник. Десет дена пред неговото официјално стапување на функцијата тој „твитна“: „За десет дена ќе зачекориме во иднината во која повторно ќе ја изградиме нашата земја – заеднички.“ Неговиот говор е помирувачки. Со „нас“ им се обраќа на сите граѓани и граѓанки во земјата. Во пораките на твитер никогаш не користи извичник или големи букви. “Џо Бајден мора да користи ваков наратив во ваква криза,“ вели Беренже Виено. “Тоа и се очекува од него, особено од оние граѓани кои не се екстремисти.“ Но, може ли зборовите да исцелуваат, а не само да предизвикуваат поделби?

„Наративот на Бајден на многу начини е блед“, констатира Беренже Виено. „На француски има еден израз за тоа и се вика ‘дрвен говор’ со кој се означува кога политичарите сакаат да допрат до што поголем број луѓе, без да испратат суштинска порака. Тоа го сакаат умерените граѓани во САД – неутрален говор, кој не повредува никого.“

Buchcover Bérengère Viennot Die Sprache des Donald Trump
Насловната страница на книгата „Јазикот на Трамп“

„Расизмот е дел од Америка”

Но, и Џо Бајден не користи само неутрален говор. Во една објава на твитер на пример вели дека како претседател ќе се концентрирал на жени и луѓе со потемна боја на кожа. Јазично ниту е популистички, ниту со емоции, нема извичници, нема ние против оние. Сепак Беренже Виено критички ја гледа содржината: „Дел од американските граѓани се расисти и тоа нема да исчезне. Едноставно да ги игнорирате нема да е од помош. Но, можеби и не постои јазик кој би ги усреќил сите.”

И покрај јазикот кој треба да обединува сепак се потребни и дела за да се одржи демократијата во САД. Дали тоа ќе му успее на Џо Бајден, неговата влада или на американското општество, ќе покаже иднината. Едно е сигурно: сиот свет е престорен во уво.