1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кери пристигна во Киев со една милијарда долари помош

Б. Георгиевски/ап/ртр4 март 2014

Американскиот државен секретар Кери во Киев му изрази поддршка на украинското раководство. Белата Куќа испрати една милијарда долари помош во енергетски субвенции. Штајнмајер се заканува со санкции за Москва

https://p.dw.com/p/1BJQC
Фотографија: Reuters

Пристигнувањето на државниот секретар Џон Кери во Киев беше проследено со експресна најава од Вашингтон дека Украина ќе добие пакет- помош вреден околу една милијарда долари, наменет пред сѐ за енергетскиот сектор.

Помошта од САД опфаќа енергетска помош, тренинг за финансиските и изборните институции, и анти-корупциски мерки. Високи американски дипломати потврдија дека Вашингтон разгледува и различни можности за санкции против Москва. Веќе се суспендирани разговорите околу билатералната трговија, а Пентагон најави дека ја замрзнува воената соработка која опфаќаше заеднички вежби, билетарални средби и конференции со Москва.

ЕУ се заканува со санкции

Можноста за воведување санкции против Русија се разгледува и на ниво на ЕУ. Слично како и американските, и тие најверојатно ќе опфатат блокада на рускиот извоз на природен гас, ураниум и јаглед. Шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер, кој синоќа телефонски разговарал со рускиот колега Сергеј Лавров, најави конкретни чекори, доколку Русија не покаже подготвеност за преговори.

EU-Außenministertreffen zur Lage in der Ukraine 03.03.2014
Франк- Валтер ШтајнмајерФотографија: picture-alliance/dpa

Опишувајќи го разговорот со Лавров како „тежок, долг и сериозен“, Штајнмајер рече дека Москва има рок до утре вечер (05.03.2014) да ги објасни своите намери во Украина.

„Доколку не видиме одлучни чекори во следните ден и пол, во смисла на изнаоѓање меѓународен договор, на пример за формирање контакт-група со која Русија е подготвена да соработува, тогаш може да се очекува дека Европскиот совет ќе преземе мерки“.

Лидерите на ЕУ закажаа вонредна средба в четврток во Брисел, на која ќе се разговара за заедничкиот одговор на кризата во Украина.

„Руската страна е свесна за сериозноста на ситуацијата, и добив гаранции дека нема да се случи напад врз украинскиот територијален интегритет... Важно е да се истражат сите можности за да се спречи опасноста од насилство“, рече Штајнмајер.