1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клучниот човек во аферата на ЦДУ со тајни донации ќе излезе од затвор

ЕМФ/дпа/дапд18 мај 2012

Поранешниот лобист за оружје Карлхајнц Шрајбер, осуден поради затајување данок, ќе биде ослободен по исплата на 100 илјади евра гаранција.

https://p.dw.com/p/14xgr
Фотографија: AP

Судот во Минхен денеска ја потврди одлуката на судот во Аугсбург за поранешниот лобист за оружје Карлхајнц Шрајбер. Не се знае кога 78-годишниот Шрајбер ќе излезе од затвор. Од судот се вели дека тоа ќе биде сторено кога ќе се завршат процедурите со личните документи на Шрајбер и приложувањето на гаранцијата.

Шрајбер во 2010. година беше осуден на осум години затвор поради затајување данок. Поради низа грешки во процесот, случајот од сојузно ниво, беше вратен на покраинскиот суд, а новиот претрес требаше да почне на почетокот на мај. Тоа беше одложено поради здравствените проблеми на Шрајбер, кој во март доживеа срцев удар во неговата затворска ќелија. По инфарктот, Шрајбер беше на болничко лекување и на рехабилитација во Бад Верисхофен, кадешто беше под надзор нон-стоп.

Карлхајнц Шрајбер важи за клучна фигура во аферата со партиски донации на Христијанско-демократската унија во 90-тите години. Германските власти го бараа поради обвинувања за затајување данок, мито и измама. Според наводи на обвинителството, Шрајбер од индустрискиот концерн „Тисен“ за повеќе проекти за вооружување касирал околу 15 милиони евра. Од средината на 80-тите години до 1995. година, со помош на странски фирми, преку банкарски сметки во Швајцарија префрлал пари на индустријалци и политичари. Обвинителството тврди дека донација тешка милиони Шрајбер во еден куфер му дал на поранешниот благајник на ЦДУ, Валтер Лајслер Кип. Поранешниот државен секретар во министерството за одбрана, Холгер Пфалс, според обвинувањата, од Шрајбер добил 3,8 милиони марки мито во замена за неговата поддршка при продажбата на тенкови во Саудиска Арабија.

Обвинителството му беше на трага на Шрајбер десет години. Тој беше уапсен во Торонто во 1999. година. Неговите адвокати се бореа против испорака на Шрајбер на Германија, поради неговите стравувања дека нема да има фер судски процес. По девет години, на почетокот на август 2009. година, тој од Торонто беше префрлен во Минхен, а во наредната година осуден на осумгодишна казна затвор поради даночно затајување на 7,3 милиони евра.