1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Клуч за угостителските објекти до 20 април

ДТЗ
5 април 2021

Наредните две недели македонските граѓани ќе живеат под строги рестриктивни мерки. Полицискиот час од утре (6.04) ќе започне два часа порано. Мерките ќе траат до 20 април.

https://p.dw.com/p/3rbGN
Nord-Mazedonien | Patienten Anlieferung
Фотографија: Petr Stojanovsk/DW

Во наредните две недели македонските граѓани ќе живеат под строги рестриктивни мерки со цел да се спречи ширењето на Ковид-19. По неколкунеделниот пораст на бројот на заразени и починати, здравствениот систем е преоптоварен. Поради тоа во наредните 14 дена ќе се затворат вратите на угостителските објекти за посетители, освен за онлајн и телефонски нарачки. Нема да работат ниту објекти во хотели, мотели и на бензиски станици. Исклучок се рестораните во склоп на хотелите, мотелите, хостели и пансиони за оние лица кои се сместени како гости, како и угостителскиот објекти на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид“.

Полицискиот часќе започне два часа порано - во 20 часот, ќе се затворат фитнес сали и сали за вежбање, се забрануваат семинари, конференции, а во кладилниците ќе може да се врши само уплата на шалтер. Од утре стапува на сила полициски час од 20 часот до 5 часот, кој ќе трае до 20 април. Оние што имаат домашни миленичиња ќе можат да ги изнесат надвор еден час, од 22 до 23 часот, и тоа најмногу 100 метри од местото на живеење. Ваквите мерки се носат во пресрет на празниците.

-повеќе на темата: Најразорниот бран на Ковид-19 досега - во фокусот на Советот за безбедност

 „Целта е да ги одмориме здравствените работници, кои деноноќно се во битката за спасување на животите на пациентите“, порача денеска премиерот Зоран Заев.

Според министерот за здравство, Венко Филипче, земјата се соочува со бран којшто е предизвикан од мутација, која е различна од вирусот и бранот од ноември. „Имаме голем број на пациенти кои се хоспитализирани во болниците, лекувањето трае нешто подолго од претходно, и тоа создава дополнителен товар за сите здравствени установи и работници. Сегашните мерки кои беа на сила не дозволија раст, сепак, е огромен бројот на новодијагностицирани, огромен број на хоспитализирани и сметаме дека празниците може дополнително да ја комплицираат ситуацијата“, вели министерот и додава:  „Имаме една клиничка слика на болеста која е различна од претходната. Хоспитализацијата трае подолго, за разлика од претходно кога по 14 дена веќе немаше опасност за пренос, сега имаме влошување во 12, 13, 14 ден од лекувањето, на форма која навистина ретко се гледа - влошување на белите дробови, на крвта и, за жал, завршува лошо. Претходно беа хоспитализирани 7%, сега со овој сој се хоспитализирани 11-12 проценти“.

-повеќе на темата: Коронавирус: Со 2,4 милиони дози вакцини до колективен имунитет

Вчера беа регистрирани 35 починати, како и нови 734 случаи на Ковид-19. Бројот на починати од почетокот на пандемијата достигна 3.940, а бројот на активни случаи изнесува 21.630. Во Ковид-центрите низ државата се лекуваат вкупно 1.720 пациенти, а од нив 699 се во Скопје, додека 1.021 во другите градови.

Претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски вели дека најголем пренос на болеста во моментов има во Битола. „Сега сме во неповолна ситуација, затоа што вирусот се шири низ целата земја. Не би ја оценил состојбата како катастрофална, бидејќи сѐ уште ја менаџираме болеста. Ниеден пациент не е оставен да страда, без медицинска нега. Здравствените работници се преморени и не смееме да дозволиме да се намали нивниот број“, порача тој.