Ковачевски во Брисел информираше за разговорите со Бугарија
4 февруари 2022„Лидерите на институциите на ЕУ се едногласни во поддршката за одржувањето на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија за отворање на поглавјата без одлагање. Иднината на Северна Македонија е во европското семејство и тоа е иднина на највисоки демократски вредности, на зелената агенда, на обновливите извори на енергија, на дигитализацијата и пат кој на младите им создава предвидливост и простор за развој“, оцени македонскиот премиер Димитар Ковачевски, кој ја заврши дводневната работна посета во Брисел.
„Од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен добивме јасно изразена поддршка за нашиот пат кон ЕУ. Овде во Брисел ги известив нашите партнери од Унијата за напредокот што го направивме заедно со Република Бугарија во продлабочувањето на добрососедската соработка. Јасна е и поздравена заложбата на двете земји за изнаоѓање решенија и интензивирање на дијалогот“, вели Ковачевски.
Во наредниот период, за време на претседавањето на Франција со ЕУ, едно од клучните очекувања е засилениот ангажман на Европската Комисија да помогне во деблокирање на процесот за проширување со Северна Македонија и Албанија.
Ковачевски додава дека низ разговори со Шарл Мишел во Европскиот совет и Роберта Мецола во Европскиот Парламент, потврдена е отворената поддршка за одржувањето на првата меѓувладина конференција.
„Тука сите се едногласни дека Северна Македонија треба да почне преговори за членство во ЕУ веднаш. Благодарни сме и за солидарноста покажана од страна на Европската Унија за време на целата пандемија. Низ кризите покажавме што значи да сме Европејци и што значи за Северна Македонија да има потпора во најтешките моменти“, вели Ковачевски во изјавата која што ја пренесе Владата.
Премиерот е дециден дека иднината на земјата е европска, демократска и современа. „Тоа е иднината која се темели на зелената агенда, на обновливите извори на енергија, на дигитализацијата. Тој е патот кој на нашите млади им создава предвидливост и простор за развој“, вели Ковачевски.
Тој истакнува дека на средбите бил поздравен Економскиот инвестициски план за Западен Балкан како значаен чекор кој ќе значи реализација токму на таквите стратешки проекти.
Во македонската делегација, покрај Ковачевски, беа и заменик-претседателот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Дводневната посета на Брисел ја започнаа со заедничка прес-конференција со генералниот секретар, Јенс Столтенберг во НАТО. На неа, беше потврдено единството во однос на прашањата поврзани со Украина и потребата од деескалирање и решавање на прашањата со Русија по пат на дипломатија.
„Бидејќи ние сме НАТО, а НАТО е за мир и дијалог, за сигурност и безбедност. Ја завршуваме работната посета со средбите со драгите пријатели во Европската Унија, домот на кој му припаѓаме. Се враќаме со силна поддршка која не мотивира да го интензивираме европеизирањето дома“, вели Ковачевски.