Португалија: Германски лекари во кинеска приватна клиника
24 февруари 2021Нема ни еден месец откако се случи најлошиот ден во животот на Динора Жануариос. Младата медицинска сестра само што ја започнала работната смена на станицата за интензивна нега во клиниката Санта Мариа, најголемата државна болница во португалскиот главен град Лисабон. Како координирачка медицинска сестра тој ден таа била задолжена за итните случаи. Невозможна задача, зашто со секој час колоната возила за итна помош пред болницата станувала подолга, во еден момент пред одделот за итна помош чекале веќе 41 возило.
„Се почувствував наеднаш како да сум во воено подрачје. На влезната врата морав да донесувам одлуки кој пациент уште можеме да го примиме, а кој не. Луѓето лежеа во возилата за брза помош, без доволно кислород во возилата, одвај можеа да дишат. Беше неиздржливо“, се сеќава Динора.
Пречекани како ѕвезди
Сликите со долгите редици возила за итна помош го обиколија светот, а владата на Португалија побара помош од своите европски партнери. Први реагираа Германците, на почетокот на февруари германската војска испрати медицински персонал и пратка медицинска помош. Оттогаш 26 лекари и негуватели од Бундесверот помагаат во лекувањето на португалските Ковид-пациенти. А Португалците се преблагодарни. На семафорите луѓето од автомобилите им мафтаат и ги поздравуваат со кренати палци, раскажуваат од германскиот лекарски тим на Бундесверот.
Но, постои и критика на мисијата, зашто португалската влада Германците не ги испрати во целосно преоптоварените државни клиники или во провизорно подигнатите, модуларни болници, туку германските медицинари работат во болницата Луз, една од најреномираните и најскапи португалски приватни клиники. Сите засегнати веднаш објаснуваат дека германските лекари таму лекуваат пациенти на јавниот здравствен систем. Но, владината одлука разгоре нови дебати во општеството – дали приватните болници, финансирани во прв ред преку скапи дополнителни осигурувања, во доволна мерка се вклучени во борбата против драматичната ситуација со коронавирус во земјата.
Профит без оглед на короната
Во актуелниот деловен извештај на Луз Сауде, оператор на болницата, се вели дека намерата е концентрирање врз зголемувањето на добивката и рентабилитет, без оглед на „вонредните времиња“. На веб-страницата на клиниката се истакнува дека и покрај пандемијата, остануваат сите регуларни понуди на болницата, почнувајќи од третман против рак до операции од естетска хирургија. На прашање на Дојче веле, Жоао Гувеира, раководител на анти-Ковид Опсервирачкиот комитет на Министерството за здравство потврди дека приватните болници се плаќани од владата за користење на „нивната инфраструктура“. Конкретно – португалската влада мора да плаќа за германските лекари да можат да работат на тамошните станици за интензивна нега. Луз Сауде не беше подготвен за давање интервју, но писмено соопшти дека претпријатието не „сака да се богати финансиски во критичната фаза низ која поминува Португалија“.
Повеќе на темата:
Ковид-19: Португалските болници пред колапс
Коронавирус: Драматична ситуација во Португалија
Пандемија- како стојат работите со солидарноста во ЕУ?
Бајката за пропаст на ЕУ во корона-кризата
Случајот е уште попикантен во очите на многумина Португалци, зашто Луз Сауде од пред две години е под контрола на кинескиот мега концерн Фосун. Во изминатите години кинеските инвеститори во голем стил изнакупија португалски здравствени оператори и други услужни дејности во земјата, тренд кој предизвикува растечка загриженост кај набљудувачите. Инвестигативниот новинар Руи Барос во свое опширно истражување успеа да докаже дека Луз Сауде само во првите седум месеци од пандемијата добил средства за борба против Ковид во висина од околу 40 милиони евра од португалската влада. „Интересно е што сите три претпријатија, кои добија најмногу пари во овој случај, имаат тесни врски со Кина“, подвлекува новинарот. Тој смета дека во Португалија, но и остатокот од континентот, нема доволно дебата за значењето на ова во поглед на влијанието на Кина во Европа на среден и долг рок.
Нема причина за опуштање
И медицинската сестра Диора Жануаиро на почеток била изненадена што германските лекари и негуватели се испратени токму во болницата Луз. Но, таа е среќна што воопшто стигна медицинска помош од странство. Во меѓувреме колоните возила пред нејзината болница ги снема, од пред една недела бројот на новоинфицирани во Португалија се намалува. Сепак, за медицинската сестра тоа не е знак за опуштање. „Кај сите нас уште долго ќе бидат присутни пред сѐ психолошките последици, и тоа многу долго.“