Короната ја труе општествената клима
18 ноември 2021Едни брборат за корона-диктатура, други ги ставаат сите скептици кон вакцините во еден лонец со апсолутно неразумните „кверденкери“ (зборот Querdenker означува еден вид своеглав, оригинален, неконвенционален мислител, кој размислува движејќи се искосено, не по утврдени патеки; во време на корона со овој термин се означуваат главно жестоките противници на вакцинирањето).
Двете работи се бесмислица и ги оставаат во неверување оние кои гледаат повеќе од само црно и бело. А, токму тоа е потребно кога се зборува за болеста позната како Ковид-19 - да се видат и многуте други бои. Треба да се биде подготвен да се слушнат не само сопствените, туку и туѓите аргументи и чувства. Во спротивно - нема дијалог.
За жал, стварноста често изгледа поинаку: зголемено отфрлање, игнорирање, клевета - накратко: закоравени фронтови. Колку е поголем дневниот број на корона-случаи во Германија - инфекции, пополнети кревети за интензивна нега, смртни случаи - толку е тонот поагресивен и понепомирлив. Притоа, пандемијата од својот почеток нѐ научи пред сè едно: и во случајот со короната нема апсолутна извесност и сигурност.
Сомнежите кон корона-политиката да се сфатат сериозно
Ниту науката ниту политиката во ниту еден момент не зборувале во еден глас - ниту на национално ниту на меѓународно ниво. Сите секојдневно учат нешто ново, прават грешки и извлекуваат заклучоци од нив. Дали се во право или не, често станува видливо многу подоцна. Делење памет во најголемиот број случаи е непотребно. Потребна е критика и самокритика. Но, тоа би требало да биде контструктивно и култивирано!
Тоа можеби изгледа како да е и да ќе остане наивна желба. И оној кој никогаш не бил заинтересиран за фер меѓусебни односи, во секој случај се дисквалификува самиот. Но, би било вредно да се обидеме да им се обратиме на многутемина сомничави кои се вознемирени од студиите за опасните нуспојави на вакцините, полупечените одлуки на ривалски поставените политичари и контроверзните препораки од високорангирани комисии.
Паушален бес кон невакцинираните е едностран и нефер
Овие луѓе, кои не се малку, не треба еднострано да се ставаат на столбот на срамот и да им се создава грижа на совест дека само тие се виновни за мизеријата на одделенијата за интензивна нега. Бидејќи таму моментално сѐ уште има доволно празни кревети, од кои голем дел не можат да се пополнат и затоа што нема доволно персонал. За повторното драматично влошување на ситуацијата не се виновни само невакцинираните, туку и други, како компаниите во здравствениот сектор ориентирани кон профит, политиката заснована примарно врз конкуренција и работодавачите, и приватни и јавни, кои одбиваат да исплаќаат фер плати.
Некои се можеби лути на невакциниранитеи затоа што подлегнале на една илузија: затоа што дури и вакцините развиени за многу кратко време - како што сега може болно да се забележи - донесоа само пауза за здивнување. Ефикасноста на вакцините опаѓа побрзо отколку што сите се надеваа. „Бустер“ е зборот на ова време, а за многумина е тоа и заповед на ова време. И додека аплицирањето на дополнителната „бустер“ вакцина е во полн ек во Германија и другите богати земји, милијарди невакцинирани луѓе во посиромашните региони во светот остануваат целосно незаштитени.
Вакциналниот егоизам на крајот ќе ги загрози сите
Во сето занимавање со себе во Германија, овој скандал е речиси целосно надвор од видното поле. Затоа, треба да се запомнат предупредувачките зборови на генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш: Недавањето вакцини на сиромашните земји и спречувањето праведна распределба на вакцините е „не само прашање на неморал, туку и прашање на глупост“. Ова оправдано обвинување треба да се адресира до сите во Германија.
Најитна задача на политиката и економијата е конечно ефикасно да се борат против оваа огромна неправда. Притоа, давањето патенти за вакцини веќе не смее да остане табу. А, меѓусебното разбирање е неопходно и за поголем општествен консензус ово Германија. На пример, преку согледувањето дека во интерес и во знак на солидарност со сите луѓе на одделенијата за интензивна нега, е потребно вакцинирање, наспроти сомнежите. Кој не може да се присили себеси на такво нешто, меѓутоа, не смее да биде казнет. Локдаун за невакцинираните, како во Австрија, би било непростливо пречекорување на границата.