1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Северна Кореја: Први ковид случаи, прв локдаун

СН/агенции
12 мај 2022

Повеќе жители на главниот град Пјонгјанг се заразиле со сојот Омикрон на коронавирусот. Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун нареди локдаун на национално ниво и првпат се појави со маска во јавноста

https://p.dw.com/p/4BCKM
Фотографија: Yonhapnews Agency/picture alliance

Лидерот на Северна Кореа, Ким Јонг Ун, се појави со хируршка маска во јавност, откако земјата го пријави првиот случај со коронавирусот.

За првпат од почетокот на пандемијата севернокорејските власти официјално потврдија присуство на Ковид-19 во земјата.

Набљудувачите, меѓутоа, веруваат дека вирусот е долго присутен во земјата. Тие тврдат дека 25-те милиони жители на земјата се ранливи на вирусот бидејќи Северна Кореа одби да се спроведе програма за вакцинација против Ковид-19, одбивајќи ги понудите од меѓународната заедница во минатата година да ги снабди здравствените установи со милиони дози од вакцините на АстраЗенека и на кинескиот Синовак.

Локдаун на национално ниво

Пјонгјанг веднаш воведе локдаун во целата земја, во обид да го стави под контрола вирусот кој циркулира ширум светот веќе две години. Ким Јонг Ун нареди да се мобилизира и целата медицинска опрема за итни случаи.

„Работата на државата за превенција од епидемија ќе биде префрлена на систем на максимална итна превенција од епидемија“, беше соопштено на државната телевизија.

Повеќе: Среќни во изолација или цензура: Каде во светот нема коронавирус

Сѐ уште не се знае за колку случаи се работи, а некои експерти сметаат дека Северна Кореа би можела да побара помош од странство.

Шангај: Милиони жители во ковид-изолација

Извештаи за панични купувања

Севернокорејската државна новинска агенција, КЦНА наведе дека на тестовите во неделата имало позитивни примероци кај луѓе кои имале висока температура во Пјонгјанг, а потврдено е и дека се заразени со сојот Омикрон.  

Специјализираната веб-страница НК њуз со седиште во Сеул објави дека некои населби во Пјонгјанг биле затворени веќе два дена и имало извештаи за панично купување.

Кина, соседот на Северна Кореја на север, се бори со епидемии во неколку провинции со остри локдауни, а економската метропола Шангај е затворена веќе со недели. Според Чеонг Сеонг Чанг, експерт за Северна Кореја на јужнокорејскиот институтот Сејонг, властите во Пјонгјанг ќе се обидат да избегне толку строги мерки како во Шангај, каде што граѓаните се  „практично заробени во своите домови“. Но, дури и помалку строги мерки  би можеле да  резултираат со „сериозен недостиг на храна“, вели Чанг.