25 години независност на Словенија и Хрватска
25 јуни 2016Кога ЕУ уште се викаше ЕЗ, значи Европска заедница, кога имаше само 12 членки и секоја земја имаше сопствена валута, Европа доживеа прва вистинска надворешнополитичка проверка на издржливост по 1945. година. Беше тоа во 1991. година и стануваше збор за Југославија, која по повеќе годишни внатрешни спорови и економско пропаѓање имплодираше. Словенија и Хрватска сакаа да излезат од Титовата балканска држава, да станат самостојни. Дали Европа требаше да го поддржи тоа?
Во Бон, кој тогаш се’ уште беше седиште на германската сојузна влада, желбите на Хрватска и Словенија се регистрирани со симпатии. Правото на народот на самопределување беше неспорно- во Бон како и во Европската заедница. Барем теоретски. Бидејќи, зарем во летото 1991. година Европејците радосно не ги поддржаа трите балтички држави при нивниот излез од СССР? Но, во случајот на Југославија, ЕЗ со задоволство ја разгледуваше можноста за нејзина обнова. Притоа, посебно во Хрватска војната уште на теренот создаде нови факти. Пред се’ во Бон брзо се дистанцираа од идејата повеќенационалната држава Југославија да се спасува по секоја цена.
Германија против светот?
Тогашниот германски министер за надворешни работи Ханс-Дитрих Геншер рано почна да ја следи намерата Словенија и Хрватска да не се присилуваат против своја волја да останат во социјалистичката федерација. Тогаш тоа беше многу чувствително поединечно мислење. Германската надворешна политика дотогаш ја карактеризираше историско условената воздржаност. И токму во случајот на „балканскиот пациент“ Геншер тргна во насока против моќната ЕЗ.
Тоа беше ризично и психолошки. Бидејќи, Германците веќе двапати се истакнаа на Балканот во лошо светло- во Првата и во Втората светска војна. Најважните партнери на Германија- Франција, Велика Британија и САД- беа против меѓународно признавање на Хрватска и на Словенија. Дури и главниот секретар на ОН, Хавиер Перез де Куељар, предупреди на опасност од германската соло-акција.
А всушност Германија беше само прва земја која гласно кажа она што во другата половина на 1991. година полека стана прифатливо за мнозинството во ЕЗ. Откако српските доброволци зазедоа една третина од Хрватска, стана видлива надворешнополитичката неефикасност на Европејците. Прекршени се безброј примирја, бриселската дипломатија беше засрамена. Поради фрустрација од сопствената беспомошност полека созреваше планот Хрватска и Словенија сепак да се признаат, иако според координиран пристапен план. Во меѓувреме ЕЗ немаше проблем со тоа јасно да одговори на прашањето кој е виновен за војната. Како агресор се идентификувани српските паравоени сили кои дејствуваа со поддршка на Белград.
Под впечаток на злосторствата во Славонија
Веќе на 27. август министрите за надворешни работи на ЕЗ ги осудија нападите на српските четници во Хрватска. И на Србија и’ се заканија со консеквенци ако примирјето биде прекршено и планираните мировни преговори во Хаг бидат поткопани. Кога пропадна и таа Хашка конференција и во Лондон и во Париз созреа идејата за меѓународно признавање.
Дури Ханс ван ден Брук го промени курсот. Холандскиот минсистер за надворешни работи и тогашен претседател на Министерскиот совет на ЕЗ заедно со своите колеги од Велика Британија и Франција најдолго инсистираше на запирање на меѓународното признавање на Хрватска и Словенија. Во почетокот на октомври тој по средбата и со српскиот претседател Слободан Милошевиќ и со хрватскиот претседател Фрањо Туѓман најави дека одлуката на ЕЗ за меѓународно признавање треба да биде донесена за месец или два. Уште појасен тој стана малку подоцна кога како датум го најави 10. декември како ден кога одлуката за признавање на Хрватска и Словенија ќе биде завршена работа ако дотогаш не се постигне политичко решение.
Бадинтеровата комисија како темел на признавање
Па сепак, и покрај чувствителната промена на вреднувањето на случувањата во поранешна Југославија во ЕЗ обвинувањето за „германската соло-акција“ остана медиумски и психолошки чувствителна тема. Токму од британска и француска страна често се слушаше критика која вклучуваше префрлање на владата на Кол-Геншер дека со својата „прерана соло-акција“ е одговорна за распадот на Југославија, па дури и за војните на територијата на распаднатата Југославија.
Политиката на Геншер поларизираше и во Германија. Гинтер Грас посебно го критикуваше „прераното признавање“ на Словенија и Хрватска. Левицата од СПД отворено ја симпатизираше идејата за „спасување на Југославија“, Но, ЕЗ веќе одамна воспостави механизам со кој ќе се создадат предуслови за признавање на Словенија и на Хрватска. Тоа беше Бадентеровата комисија, предводена од францускиот судија на Уставниот суд, Роберт Бадентер.
Германија во тоа тело остана во заднина, но на дневен ред ја стави темата за правата на малцинствата. Целата на Сојузната влада беше да ја обврзе Хрватска да ги почитува правата на националните малцинства, па така и српското малцинство. Една експертиза на германското Министерство за надворешни работи во почетокот на декември покажа дека заштитата на малцинствата во Хрватска ја надминува дури и Европската конвенција за човекови права. Германската влада конкретно сакаше да го поврзе прашањето за меѓународното признавање со почитувањето на правата на малцинствата. Ни тука немаше знаци на брзање.
Заедничка, а не соло-акција
Дури кога на почетокот на ноември Србија го одби последниот план за постигнување мир на британскиот посредник лорд Питер Карингтон, сојузниот министер за надворешни работи Геншер потсети дека ЕЗ даде рок од најмногу два месеци вака или онака да одговори на прашњето за меѓународно признавање. Британскиот министер за надворешни работи Даглас Херд на една седница во Брисел на 17. декември застана до Геншер и јасно даде на знаење оти за ЕЗ е време да одлучи. И тоа се случи. ЕЗ одлучи заеднички и едногласно.
Два дена подоцна, германската Сојузна влада одлучи за меѓународното признавање на Хрватска и Словенија, но одлуката требаше да стапи на сила дури на 15. јануари 1992. година. Членките на ЕЗ, меѓутоа, одлучија заедно. Всушност предоцна, а не прерано како што некои мислат. Бидејќи, меѓународното признавање во никој случај не придонесе за екскалацијата на насилства во Словенија и Хрватска. Целата српска офанзива против Хрватска се одвиваше во летото и есента 1991. година. Дубровник беше од октомври под опсада. Вуковар падна на 18. ноември. „Меѓународното признавање на Словенија и Хрватска го натера Слободан Милошевиќ“, заклучи Геншер подоцна, „да ја запре војната против тие две држави. Зарем тоа не е нешто?“.