Кога медиумите слепо му веруваат на Твитер
25 април 2013„Последна вест: Две експлозии во Белата куќа, Барак Обама е повреден“ - агенцијата Асошиејтед прес на Твитер ја пратат 44.000 луѓе и затоа оваа вест во вторникот се пренесе со огромна брзина. За три минути пола Соединети Американски Држави мислеа дека Барак Обама е повреден во терористички напад, индексот Дау Џонс изгуби еден процент од вредноста... Набрзо беше соопштено дека сето тоа е дело на сириски хакери, а портпаролот на Белата куќа Џеј Карни мораше да ги уверува граѓаните дека Барак Обама е жив и здрав.
Безусловна доверба
Моќта на социјалните мрежи во известувањето почива токму на тоа што граѓаните, но и медиумсктие професионалци безуслвно им веруваат. На пример „Њујорк пост“ по Бостонскиот маратон објави фотографија на двајца луѓе кои ги нарече напаѓачи - само на основа на инсинуација на граѓанин кој ги фотографирал. Уште полошо мина познатиот водетел на СиЕнЕн Џон Кинг кој гордо објави: „Имаме информација дека напаѓачот е уапсен. Извори во бостонската полиција ми пренесоа - го имаме!“
Проблемот е што Кинг веста ја објави три денови пред апсењето, а уште на своите извори им поверува дека напаѓачот црномурест маж. Бламажата на Кинг со потсмев ја искоментира и комичарот Џон Стјуарт, кој подвлече дека разбираливо дека информацијата е екслузивна, кога е погрешна.
Проверени информации пред брзината
Социјалните мрежи, посебно Твитер ја понишаа улогата на медиумите како чувари, сервиси кои требаат да филтрираат и проверуваат информации пред истите да ги објават, вели колумнистот од „Њујорк тајмс“ Џо Конча. „Конкуренцијата веќе не ја чинат само разни телевизии, туку и Твитер. Оваа мрежа ги наведува медиумите прерано да ги пласираат информациите“.
Ерик Вемпел од „Вашингтон пост“ вели дека традиционалните медиуми мораат да се повратат на традиционалните методи: „Проверување на податоците, а доколку постои двоумење треба да им е даде преднсот на проверените информации пред брзината. Дојдовме до момент, кога медиумите и можеби би требало да кажат - ќе ја почекаме прес конференцијата или официјалното соопштение“.
Сепак и покрај катастрофалната дезинформација, гледаноста на СиЕнЕн се зголеми трипати по нападите во Бостон. Толку публика оваа информативна куќа немаше уште од ирачката војна пред 10 години.