1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку е силна Ал Каеда?

Каи Кистнер, ард/ Симе Недевски8 август 2013

Поради актуелните предупредувања од терористички напади, Ал Каеда е повторно во фокусот на светската, а особено на американската јавност. Сепак, кои се нејзините намери и колку е навистина таа опасна и силна?

https://p.dw.com/p/19Lsi
Фотографија: AFP/Getty Images

Американскиот претседател Барак Обама во мај минатата година ја посети воената база Баграм во Авганистан и тогаш изјави: „Го разбивме јадрото на Ал Каеда, елиминиравме 20 од 30 клучни луѓе на таа организација. Целта која одамна ја имав зацртано, а тоа е разбивање на Ал Каеда и спречување организацијата повторно да се групира, е на дофат.“

Eiman al-Sawahiri Terrornetzwerk El Kaida ARCHIVBILD 2001
Првиот човек на Ал Каеда, Ајман ал ЗавахириФотографија: picture-alliance/dpa/dpaweb
USA stationieren Drohnen in Niger
Американско беспилотно летало од типот ПредаторФотографија: picture-alliance/dpa

Последните случувања меѓутоа внесоа забуна околу проценките дека Ал Каеда е „разбиена“. Одлуката за затворање на американските амбасади на Блискиот Исток и во Африка е донесена откако бил пресретнат телефонски разговор на првиот човек на Ал Каеда, Ајман ал Завахири и шефовите на другите ограноци на терористичката група.

Војната во Авганистан ја слабее терористичката мрежа

Од една страна, дури и најострите критичари мораат да му оддадат признание на Западот. Ако војната во Авганистан нешто постигна, тогаш е тоа слабеење на терористичката организација во регионот. Индискиот стручњак за тероризам Срирам Чолиа сепак предупредува дека е прерано веќе сега да се формулира надгробниот натпис за Ал Каеда.
„Можеби е намалена способноста за напади ширум светот. Значи Ал Каеда можеби моментално не е во можност да изврши поголеми напади во Европа или во САД, но во регионот организацијата останува важен играч“, вели овој стручњак.

Проверената тактика и понатаму делотворна

Значи опасност постои сѐ додека во исламскиот свет преовладува чувството дека се постилка под нозете на историјата. Осама Бил Ладен го искористи токму чувството на беспомошност кај многу муслимани, смета индискиот стручњак. „Ако ги погледнете пропагандните видео снимки на Ал Каеда, нивните техники за регрутирање, основата на сето тоа е дека муслиманите се жртви“, вели тој.
Палестина, Авганистан, Кашмир- нерешените конфликти им олеснуваат на тврдокорните струи таму да шират пропаганда. Сепак, тие места се истовремено и најголема опасност за Ал Каеда, сметаат многу експерти. За Ал Каеда не се најопасни воените напади, туку демократските движења во муслиманските земји.

Идеологијата е пораспространета ?

Новинарот Џејсон Бурк, автор на книгата за терористичката организација Ал Каеда вели: „Бин Ладен е мртов, Ајман ај Завахири е способен стратег и организатор, но ниту приближно нема харизма, каква што имаше Бин Ладен. Нападите со беспилотните летала дополнително ја ослабеа моќта на Ал Каеда, во споредба со силата која ја имаше пред десетина години. Но што се однесува до идеологијата, таа е сега пораспространета од порано. Сепак, нејзе не ѝ појде од рака да стане масовна идеологија. Таа останува маргинализирана.“