1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку заработуваат пратениците во Бундестагот?

Сабине Кинкарц
18 септември 2021

Парламентарците во Германија заработуваат од државата толку што не им е потребно да имаат и друга работа. Но, и покрај тоа многумина од нив имаат и дополнителни примања.

https://p.dw.com/p/40REb
Deutschland Abgeordnete im Bundestag Plenarsaal in Berlin
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Да се биде пратеник не е професија како секоја друга. Тие исполнуваат висока општествена функција на ограничено време. На парламентарните избори мораат одново да добијат доверба од гласачите. Според Уставниот суд тие имаат право на професија за време на мандатот, но реално не им останува многу време за тоа. Според Законот за пратеници во Бундестагот, пратеничката функција мора да биде во фокусот на нивните активности. 

Во самостојни професии како на пример адвокат, земјоделец, економски или даночен консултант е многу поедноставно да се спојат двете активности, додека за вработени, службеници, полицајци или професори тоа е речиси невозможно. 

Платата на пратениците

Во Уставот во член 48 алинеа 3 се вели дека пратениците мора да бидат компензирани на начин што нема да имаат потреба од дополнителни извори на приходи. Притоа пресметката се ориентира на платата на судија при врховниот суд на сојузно ниво. Т.н. „отштета за пратеници” се пресметува секоја година на 1 јули. Актуелно изнесува 10.012,89 евра. На таа сума се одбива данок. 

Паушал за трошоци 

Секој пратеник добива и паушал ослободен од даночење кој треба да ги покрие сите трошоци кои настануваат во врска со одработувањето на мандатот. Еден пратеник има генерално две работни места: во Бундестагот во Берлин и во општината во која е избран. Таму има трошоци за канцеларија со вклучен персонал. Во Берлин мора да има стан под кирија, тоа исто така се трошоци кои се покриваат. Паушалот секоја година на први јануари се дефинира во зависност од животните трошоци, а актуелно изнесува 4.560,59 евра нето.

Канцелариска опрема и трошоци

Годишно во Бундестагот се одржуваат најмалку 20 седници. Во тој период за пратениците важи задолжително присуство. За нивната работа имаат право на целосно опремена канцеларија од 54 метри квадратни, со мебел и компјутери, за нив и нивните соработници. Пратениците исто така може да користат и службено возило само во рамки на Берлин. Освен тоа имаат и бесплатна карта за воз, а им се признаваат и авионските трошоци за патувања поврзани со работата во време на нивниот мандат.

Deutschland Bundestag
Пратеничкиот мандат за некои е и вносна работаФотографија: Monika Skolimowska/dpa/picture alliance

Дополнително, годишно на располагање имаат и до 12.000 евра за канцелариски материјали. Сумата не се исплаќа во кеш, туку може да нарачаат лаптопи, мобилни телефони, пенкала, тефтери или ИТ опрема од централното биро за набавки.

Аферата „Монблан“ во 2009 го стави Бундестагот на насловните страници во медиумите. Над 100 парламентарци си нарачале луксузни налив пера и пенкала од познатата марка „Монблан“ во вредност од 68.000 евра. Тоа беше причина тогашниот претседател на парламентот во 2010 да ја ревидира листата на достапен канцелариски материјал. Од тогаш луксузни производи повеќе не се достапни.

Дополнителни приходи

Во изминатите години постојано имаше „турбуленции“ околу дополнителните приходи на одредени парламентарци. Оној кој покрај пратеничката плата има дополнителни приходи, без разлика дали и во доменот на претходната професија, тоа мора да го пријави кај службите во Бундестагот. Во последниот легислативен период, една третина од пратениците имаа пријавено дополнителни приходи. 

Колку заработуваат пратениците?

Според студијата на Фондацијата Ото-Бренер, која е дел од синдикатот на металопреработувачката индустрија ИГ метал, се покажа дека најголем дел од пратеници со дополнителен ангажман и приходи биле од Либералите, 62%, како и од партиите на Унијата, ЦДУ и ЦСУ, 42%. Четворица пратеници од партиите на Унијата и еден од ФДП пријавиле дополнителен приход од над еден милион евра.

Реформа на правилата за транспарентност

Бројни скандали за дополнителни приходи на парламентарците доведоа до ревидирање на законската регулатива годинава. Во иднина пратениците мора до цент да ги пријават нивните дополнителни приходи или вложувања во компании, ако тоа месечно се над 1000 евра, односно над 3000 евра годишно. Уделите во компаниите над 5% исто така мора да бидат пријавени.

Symbolbild Korruption Demo des Vereins LobbyControl
Организацијата „Контрола на лобирањето“ постојано укажува на опасноста од корупција кај пратениците Фотографија: dapd

Таканаречената „афера со маски“ предизвика бес во корона-пандемијата, бидејќи пратеници од партиите на Унијата касираа милионски провизии за набавка и лиферување на заштитни маски низ сите сојузни и покраински министерства. Откако пукна аферата, на пратениците веќе не им е дозволено да настапуваат како платени лобисти во име на Владата, ниту Бундестагот. Забрането е и членството во Бундестагот да се користи во бизнис цели.

Смеат ли пратениците да примаат подароци?

Сѐ до заострувањето на регулативата за транспарентност,  на пратениците им беше дозволено да примаат подароци без ограничување, но со назнака дека подарокот не смее да биде поврзан со возвратна услуга. Мито и корупција од секогаш биле казниво дело.

Новина е тоа што сега пратениците не смеат да примаат парични донации, ниту пак хонорари за предавања кои се поврзани со нивната пратеничка работа. Пратениците се често на различни места и настани. Па така ако примат подарок смеат да го задржат само доколку чини помалку од 200 евра. Поскапите подароци мора да му се предадат на претседателот на Парламентот или може да си ги задржат доколку во сојузната каса си ја платат разликата во проценетата вредност.

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ