Колку може да се одлага втората доза Ковид вакцина?
9 јануари 2021Втората доза од вакцината за Ковид-19 би требало да се прима во временско растојание од најмалку три недели по првата доза. Со оглед на ограничениот број вакцини, во Велика Британија се одолговлекува втората доза за да може што е можно поголем број луѓе да ја добијат првата доза што е можно порано. Британските власти поаѓаат од тоа дека одолговлекување на втората доза до 12 недели не влијае врз делотворноста на вакцината.
Британскиот пристап во Европа предизвика дебата, а мислењата на експертите се поделени, што секако не помага за зацврстување на довербата во новата вакцина. Јасно е само дека втора доза е нужно неопходна бидејќи таа како еден вид „засилувач” предизвикува одговор на имуниот систем.
Да се држиме до постоечките податоци?
Европската агенција за лекови (ЕМА) која по Брегзит веќе нема ингеренции за Велика Британија, е скептична во однос на таквиот пристап: иако нема експлицитно дефинирано горна граница за временскиот интервал меѓу двете дози од вакцината на Бионтек/Фајзер, делотворноста се базира на студија во која дозите биле давани во временско растојание од 19 до 42 дена. Давање на пример во рок од шест месеци не било во склад со одредбите и за тоа било потребно издавање нова дозвола, како и повеќе податоци од клинички студии.
И производителот Фајзер се повикува на податоците од фаза 3 на студијата во која било тестирано само колку е ефективна вакцината ако се дадат две дози во рок од три недели. Одредена мера на заштита имало веќе по 12-тиот ден од првата доза, но немало податоци за тоа што се случува ако се пречекорат три недели.
И претседателот на Институтот Паул Ерлих, професор доктор Клаус Цичутек, сака да се држи до досегашниот пристап бидејќи само за таквиот има доволно податоци за делотворноста и безбедноста.
Пофлексибилни интервали за ревакцинација?
Томас Мертенс, претседател на Сојузната комисија за вакцинирање (СТИКО) на Институтот Роберт Кох, од друга страна има позитивен став во однос на британската идеја: „Со оглед на тоа дека интервалот меѓу двете вакцинации најверојатно може да варира во поголема мера, а заштитата и по првата примена доза од вакцината е добра, вреди да се размисли доколку има недостаток на вакцини да и се даде предност на вакцинацијата со првата доза."
Во иста насока аргументира и вирологот од Бон, Хендрик Штрек. Досегашните податоци покажале дека веќе по првата примена доза над половина од вакцинираните се заштитени од тешката болест. Ако втората доза се дава подоцна, всушност би можело да се удвои капацитетот на вакцинирање со првата доза, вели Штрек.
Проф. д-р. Петер Кремснер, директор на Институтот за тропска медицина на Универзитетот во Тибинген исто така гледа одреден простор за маневар. „Во основа, британскиот пристап има доста смисла. Како и кај другите вакцинации врората доза веројатно без проблем може да се даде по два или три месеца, бидејќи се чини дека првата доза е ефикасна. Доколу ефектот од првата вакцинација со тек на времето не се намали, тогаш ревакцинацијата може да се направи многу подоцна, на пример, и за шест месеци. Но, сѐ уште не го знаеме тоа. Инаку кај други вакцини се прави така.“
Според „Сајенс медиа центар“ и Лајф Ерик Сандер, раководител на истражувачка група за инфекциска имунологија и вакцинација при берлинската болница Шарите, јасно зборува за „пофлексибилни интервали на ревакцинација“. Во однос на вакцината на Бионтек/Фајзер, периодот од препорачани три недели за ревакцинација од имунолошки аспект треба да се сфати како долна граница. Има поголем простор за игра, вели Сандер. Втората доза од вакцината може без проблем да се даде подоцна „без да се очекува значително намалување на ефикасноста." Но, тоа би било само привремена стратегија. Клучно е дека сите вакцинирани мора да примат и втора доза.
Сандер посочува дека кај вакцината на АстраЗенека и Оксфорд, ревакцинацијата се прави по шест недели. „Податоците од АстраЗенека и Оксфорд покажуваат дека одложеното ревакцинирање всушност го зголемува одговорот на телото при формирање антитела. Овој феномен е познат и од други студии, како на пример за ебола вакцините,“ вели Сандер за весникот „Ди Велт“.
Политиката мора да одлучи
Со оглед на научното разногласие, германскиот министер за здравство Јенс Шпан ја разгледува можноста за одложена ревакцинација. Сојузната комисија за вакцинирање (СТИКО) на Институтот Роберт Кох треба да даде препорака по анализата на релевантните податоци.