1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку расизам има во Холивуд?

Геро Шлис / Е.М. Фиданоска27 февруари 2016

По жестоките критики поради номинацијата исклучиво на актери-белци за овогодинешните Оскари, Американската филмска академија најави реформи. Но, за многумина тоа не е доволно.

https://p.dw.com/p/1I0WK

„Што е доста, доста е“, вели Фредерик Кендрик, млад професор по комуникации на Универзитетот Хауард во Вашингтон. „Едноставно, сити сме“, додава тој. Неговата дијагноза гласи: „САД имаат цел куп проблеми со расите и културата.“

Тоа што актерите-црнци повторно завршија со празни раце при номинациите за Оскар, според Кендри, е само дел од целокупниот проблем. Огорченоста и лутината насочена кон Филмската акaдемија во Холивуд, составена од 6261 членa, главно постари мажи белци, не стивнуваат ниту непосредно пред доделувањето на наградите. Напротив, тонот на судирот со текот на времето стануваше сѐ поостар, особено на социјалните мрежи. Хаштагот #OscarsSoWhite веќе неколку часа по објавувањето на номинациите доби огромен замав, а во меѓувреме стана и платформа за протест ширум земјата. Во хорот од критичари се приклучија и весници како „Њујорк Тајмс “ и констатираа дека Холивуд има „расен проблем“.

За возбудата на многу Американци има различни причини. Претседателот Барак Обама во својата критика на сметка на Филмската академија укажа дека дебатата околу дискриминацијата на актерите-црнци е дел од поширок проблем: „Дали правиме сѐ за секој да добие фер-шанса?“, праша Обама - и не остави простор за сомнеж во одговорот.

Instagram Ocsars so white
Фотографија: www.instagram.com

Холивуд - дел од системот

Појдовна точка на сите зла, според многумина, сѐ уште е ропството. Иако одамна е укинато и сите американски граѓани номинално имаат еднакви права и шанси, за многу Афроамериканци и припадници на други малцинства е јасно дека тоа не е реалност. Тука и првиот црн претседател во историјата не можеше да промени многу.

Според многумина, Холивуд е исто така дел од системот кој спречува. Познатиот автор Ерл Офари Хачинсон за Дојче веле оценува дека постои „чуден, длабоко всаден систем на бели момци“, чија единствена смисла е одбрана на привилегиите. „Холивуд континуирано се грижеше за исклучување на сите таленти кои не беа белци“, критикува Хачинсон, чии книги и емисии за расниот проблем во САД имаат голем број фанови.

Студентите по медиуми на Универзитетот Хауард во Вашингтон тоа сакаа да го проверат и за својот онлајн-проект „Truth be told“ почнаа со проверка на факти во насока на тоа - дали обвинувањата на сметка на Холивуд и на Филмската академија се оправдани или не. Првиот поглед фрлен врз 87-годишната историја на Оскарите е отрезнувачки: само 32-ца добитници досега биле црнци.

Динамика на дискриминација

Притоа, двата Оскара за Дензел Вашингтон се апсолутен исклучок. „Во основањето на Холивуд, црнците не биле предвидени“, вели Фредерик Кендрик, кој го иницираше проектот со проверка на факти на Хауард-универзитетот. Тој потсетува на немиот филм „Раѓање на нацијата“, кој во 1915 година беше продуциран од еден од основачите на Холивуд. Во него црнците се прикажани во негативно светло, а практиките на расистичкото тајно здружение Кју Клукс Клан беа величани.

USA Earl Ofari Hutchinson
Ерл Офари ХачинсонФотографија: picture-alliance/AP Photo/N. Ut

Многу Американци сметаа дека нивната земја веќе се наоѓа во „пострасистичко доба“, но се лажат, смета Кендрик. „Динамиката на Холивуд“ е доказ за спротивното. Во текот на изминатата година, од аспект на критичарите, имаше неколку навистина успешни филмови со актери-црнци. Постојано се споменуваат Вил Смит во „Фокус“и Мајкл Б. Џордан во „Крид“, кој е дел од серијалот филмови за Роки Балбоа. Но, и тие не стигнаа до номинација. Притоа, двата филма не само што имаат неспорни квалитети, туку беа успешни и на кино-касите.

Колебливи реформи

Филмската академија во меѓувреме вети дека ќе го зголемува постепено бројот на „небелци“, со што би се одговорило на барањата за поголема разноликост. Тоа доаѓа предоцна и е премалку, критикува Ерл Офари Хачинсон. „Тоа е сѐ друго,само не драматична промена“, уверен е авторот, кој се залага за интересите на филмаџиите. Веќе се слушаат предупредувања дека ако Филмската академија остане и натаму тврдоглава, би можела да биде прегазена од времето. Сјајот и влијанието тогаш брзо би станале историја.