1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Победата на Трамп е шок и пресвртница

Александер Кудашеф
10 ноември 2016

Неверојатно запрепастување завладеа по изборите во САД, на кои експертите им предвидуваа друг исход. Затоа сега треба добро да се искористи времето до почетокот на новиот претседателски мандат, смета Александер Кудашеф

https://p.dw.com/p/2SSON
USA Präsidentschaftswahl Donald Trump
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Ngan

Победата, и тоа неочекувано убедлива на Доналд Трамп предизвика парализа. Во најмала рака, во Европа и во Германија. Тука, очигледно, владеат збунетост, беспомошност и ужаснатост.И тоа, и покрај сиот труд да се сочуваат трансатлантските односи. Вистинското мото во првите часови по победата гласеше: никој навистина не го познава Доналд Трамп. Секако, неговите намери, планови и идеи, се познати од предизборната кампања, како и неговиот незграпен стил. Неговите инциденти, како и неговата запаллива реторика, мачизам и расизам. Но, во изборната ноќ видовме дека и тој, по кампањата полна со меѓусебни напади, се обидува да ја помири Америка со самата себе, и да биде фер кон партнерите ширум светот. Едноставно, ќе мора да се причека.

Никој не беше подготвен за Трамп

И покрај тоа, во западните престолнини, и во Берлин, победата на Трамп е најлошото можно сценарио. На тоа никој не беше подготвен. И никој не знае кој во иднина ќе одлучува за надворешната, безбедносната, одбранбената политика или во областа на заштитата на животната околина. Трамп, имено, во Републиканската партија е аутсајдер. Тој се потпира на познати партиски функционери и корифеи. Тој нема неформални познанства со нив, ниту отворени канали на комуникација. Тоа целата задача ја прави поедноставна, бидејќи Трамп најверојатно ќе се опкружи со луѓе кои на политичката сцена се воглавно неискусни и невмрежени.

Kudascheff Alexander Kommentarbild App
Александер Кудашеф, главен уредник на ДВ

Тоа ќе има последици: во економската политика, во која пред сѐ се работи за слободната трговија ширум светот. Во надворешната и безбедносната политика кога се работи за Иран, за позицијата на Вашингтон на Блискиот Исток. Се работи и за ранливиот однос со Кина и Русија, и за тоа дали Америка кон тие две велесили ќе се дефинира како партнер или како ривал. Дали е за САД, НАТО и натаму колективен систем за безбедност на Западот? Дали Трамп стои зад тоа сојузништво? Или верува дека Европејците мора повеќе да платат за својата безбедност? Тоа е тест за врските со Западот.

Трамп не и припаѓа на старата елита

Новиот американски претседател е голема непознаница. Тој е, парадоксално, отелотворение на триумфот на провинцијата над метрополата, иако е всушност милијардер од Њујорк. Тоа е победа на селото над градот. Внатрешнополитички погледнато, тој не е човек на досегашните елити. Затоа нема да биде лесно да се најде начин да му се пристапи. Но, овој шок кој сите ги парализираше има во себе и нешто добро. Тој води кон трезвеност.

Ќе мине доволно време до јануари кога Доналд Трамп ќе се всели во Белата куќа како 45. претседател на САД и сите можат да се подготват за тоа. Победата на Трамп е пресвртница, можеби дури и историска. Но, тоа не мора да значи крај на досегашната соработка на Западот. Но ќе биде во случај непријатно, бидејќи сигурно е само едно: дека Трамп е атипичен.